Деновиве се крена доста голема фама и бучава околу професијата наставник…  Што е, всушност, тоа наставник? Што ли бараат, та не се задоволни „тие“ луѓе?

Најпрво…

Ако ја отвориш Википедија (Wikipedia), ќе видиш дека дефиницијата за наставник вели вака:

„Наставник или учител е личност која воспитува ученици (деца). Улогата на наставникот е во многу случаи формална и еднолична, се изведува во училиште или друго место каде што се изведува формално воспитание. Во многу земји личноста која сака да стане наставник мора прво да се стекне со специфицирани професионални квалификации или акредитации од универзитет или факултет. Во овие професионални квалификации може да биде вклучено и изучувањето на педагогијата, наука за воспитанието. Наставниците, како и останатите професионалци, би требало да го продолжат своето образование по стекнувањето квалификации, процес познат како постојан професионален развој. Наставниците може да користат план за наставен час за да го забрзаат учењето на наставните содржини кои се предвидени во наставниот план.”

Наместо да ни се придружат и другите професии и чесни работници во нашата заемна борба за достоинствен живот, за жал, таа се претвори во борба за опстанок. Во љубомора едни на други, во споредби кој бил повреден и подобар од другиот

Убаво, нели?

Но, ајде сега да ја видиме вистинската слика за работата на еден наставник.

Учебната година почнува на 1 септември, а завршува на 31 август наредната година.
Учебната година се состои од наставен и ненаставен дел.
1. Наставен дел – 180 работни дена во периодот од 1 септември до 10 јуни.
2. Ненаставен дел – периодот од 1 јануари до 19 јануари, како и периодот од 11 јуни до 31 август.

Во текот на учебната година наставникот има право на користење годишен одмор во времетраење од најмалку 23 работни дена (кои според стажот можат да бидат најмногу до 29 работни дена) со напомена дека годишниот одмор е колективен и е во строго определен период од годината (средината на јули до средината на август), а не кога ќе посака вработениот, како што е случај во другите институции.

Ајде да видиме што работат наставниците кога нема ученици, т.е. во ненаставните денови. На 10 јуни ѕвони последното ѕвонче од учебната година, учениците заминуваат на летен распуст, а наставниците продолжуваат со работа наредниот ден. Во периодот од 11 јуни до почетокот на колективните годишни одмори ние наставниците ги имаме следниве активности:
• одделенски совети на кои се утврдуваат успехот и поведението на учениците,
• наставнички совети (неколку),
• пополнување извештаи (и тоа: табела со успех по предмети, табела со успех на ученици по национален и полов состав, табела со оправдани и неоправдани изостаноци по пол, отпишани и запишани ученици, ученици со изречени педагошки мерки итн.),
• пишување на оценките за крајот на второто полугодие,
• пишување на годишни оценки во дневникот на паралелката,
• запишување на изостаноците,
• запишување на мерките и средниот успех по ученик,
• препишување на сето тоа во главната книга,
• внесување на истите податоци и во електронскиот дневник,
• и на крај е пишувањето на свидетелствата (ако се бројчани оценки, тоа е олеснителна околност, но ако се описни – едно свидетелство има од 500 до 600 збора).

ОДИМЕ ПОНАТАМУ (за истите пари – 21.600 денари)

• доделување на свидетелствата,
• подготовка на извештајот за работата на училиштето за изминатата година,
•изготвување извештаи од страна на наставниците и стручните служби, како и тимовите во рамките на училиштето за: приоритетите на училиштето, детска организација, естетско уредување на училиштето и училишниот двор, ученичко-училишна заедница, работата на стручен актив на одделенска настава, стручен актив на општествено-јазична група на предмети, стручен актив на природно-математичка група на предмети, за организирање ученички екскурзии, културно-забавен живот, Црвен крст, професионален развој на наставниците во училиштето, подобрување на следењето на планирањето на наставата и наставниот процес, подобрување на примената на стекнати знаења од обуките, изготвување ученичко досие, ЕКО, МИО, МИМО (меѓуетничка интеграција во образованието), за работа со надарени ученици, подобрување на квалитетот на додатна и дополнителна настава,

• подобрување и продлабочување на соработката со родителите, инклузија на учениците со посебни потреби и емоционални тешкотии, професионална ориентација на учениците,

• превенција од насилното однесување во училиштето, следење, анализа и поддршка на оценувањето, увид во педагошка евиденција и документација, грижа за здравјето на учениците…

МИСЛИТЕ ДЕКА ОВА Е СÈ? ГРЕШКА СТЕ, ИМА УШТЕ…

• Наставниците го пополнуваат личното професионално досие со докази за посетување обуки, часови со примена на современи методи, со примена на ИКТ, со примена на диференциран пристап, ЕКО, ИКТ, МИО-МИМО, подготовки и докази за одржана додатна и дополнителна настава, учество во проекти, држење обуки, објавени трудови итн.

Е овде веќе сме некаде околу 10-15 јули и време е за колективен годишен одмор.

По враќањето од годишен одмор (14-15 август) веднаш продолжуваат активностите со несмалено темпо. Се организира наставнички совет и на него се започнува со изработка на новите акциони планови за сите новоформирани тимови и полека се изработува годишната програма на училиштето за наредната учебна година.
Притоа ние наставниците мораме:
• да ги подготвиме нашите годишни и тематски планирања за наставата и предметите што ги предаваме (тоа вклучува годишно, месечно, па и неделно планирање по некои предмети),
• да направиме распоред на часови,
• план за писмени проверки,
• план за еко-активности,
• план за посети и екскурзии,
• план за соработка со родители,
• план за слободни активности,
• план за секции.
• план за соработка со локалната самоуправа
• и др…

Следува уште еден наставнички совет каде што се носи (изгласува) годишната програма на училиштето.

И…

Конечно, ете го 1 септември…

Нова учебна година – нови предизвици.
Одиме чекор по чекор…

Недела навечер – подготовка на целокупно неделно планирање и дневни подготовки за секој наставен час во секој работен ден од неделата. Тука морам да напоменам дека неделното планирање се подготвува приближно за некои 30-ина минути, секоја дневна подготовка за час одзема 20 до 40 минути, па доколку имаме во просек по 5 часа наредниот ден тоа би биле од 1,5 до 3,5 часа секој ден потрошени на дневни подготовки.

Скоро секоја недела имаме по некое наставно ливче, нагледни средства или тест по одреден предмет, па за подготовка на истите потребно е во просек по 1 час за секое наставно ливче.

Тука убаво е да се спомене и времето за прегледување на тестовите што во просек одзема од 1 до 2 часа.

Ајде сега да го пресметаме работното време за една работна недела
• настава – 4 – 5 часа секој ден или 20 – 25 часа неделно
• изработување на дневни подготовки 1,5-3,5 часа секој ден или 7,5 до 18,5 часа неделно
• подготовка на наставни ливчиња, нагледни средства или тестови – 3 часа неделно
• прегледување на тестови или наставни ливчиња – 1 до 2 часа неделно
• неделно планирање – 0,5 часа

Па сума-сумарум, во една работна недела наставник во основно образование поминува по 32 до 43 часа или во просек околу 37,5 часа неделно, што е исто со работното време со вработен во која било позиција од јавната администрација, така?

Уф, да беше само ова но… Има уште.

Секој ден ја следиме активноста на учениците преку ЧЕК-листи или листи за проверка.

За печатењето на тестови, наставни ливчиња, листи за проверка на активностите и знаењата, како и за изработка на нагледни средства, потребни се ресурси (компјутер, печатар, хартија-бела, хартија во боја, тонер и уште многу други материјали кои ни служат како поддршка во одржувањето успешни часови).

Нема да ги ставам во целата оваа пресметка набавувањето на персонален компјутер и печатач за да не им дадам повод на дежурните озборувачи за уште една критика.
Па одиме со пресметка за едно полугодие: тонер, бела и хартија во боја, како и друг потребен материјал чинат околу 2.000 денари или по 500 денари месечно одвоени од оние 21.600 денари просветарска плата.

Дел од колегите патуваат до своите работни места, кои се наоѓаат на повеќе од 10 километри оддалеченост од местото на нивното живеење и за овој трошок одвојуваат по неколку илјади денари — од истата таа 21.600 денари плата.

Да ви кажам искрено, се изморив… Па затоа, ве молам почитувани колеги, продолжете ја листава, затоа што навистина се изморив во целото ова набројување…

Патем, не очекувам сите да се согласите со оваа моја констатација, но барем пробав, на цела таа лавина од негативни коментари што се истури врз наставниците во овие неколку дена — да прикажам ФАКТИ и детали од работата на еден обичен наставник.

Цела таа омраза… Цел тој гнев кон наставниците…

Наместо да ни се придружат и ДРУГИТЕ професии и чесни работници во нашата заемна борба за достоинствен живот — за жал, таа се претвори во борба за опстанок. Во љубомора едни на други, во споредби кој бил повреден и подобар од другиот.

Почитувани, не само што нема да ја подобриме ситуацијата, туку со овој начин, со оваа неслога, НИКОГАШ, ама ниту за милиметар не ќе ги поместиме работите на подобро — за СИТЕ.

Та, сепак, нашата работа како наставници е да се трудиме да го подобриме општеството, преку образование и градење на новите генерации лекари, полицајци, архитекти, инженери…

Почитувани, борбата за достоинствен живот нè засега сите. А до неа се стигнува само со сплотување и заемно почитување и поддршка.

Со почит

Автор: М-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп



912

X