Дали веганството и бременоста треба да одат заедно, ја прашавме Цветанка Петрова, инженер-технолог, нитриционист и магистранд на диететика во Изола, Словенија

Искуство за веганство во бременост, кое го побара трудница во една од женските групи на социјалната мрежа „Фејсбук“, предизвика огромна и бурна дискусија. Искуствата што ги напишаа членките се изгубија во цела низа осуди и совети за тоа како треба бремената жена да размислува, а и што да прави, но не од експерти.

Дали веганството и бременоста треба да одат заедно, ја прашавме Цветанка Петрова, инженер-технолог, нутриционист и магистранд на диететика во Изола, Словенија. Таа вели дека на оваа тема многу се дебатира и мислењата сè уште се поделени.

Веганството е начин на исхрана при кој се одбегнува каква било грубост над животните, нивно искористување или искористување за храна, облека и друга намена. Веганската исхрана се заснова врз житарици, мешунки, овошје и зеленчук. Веганите и веганките не јадат месо, риба, морски плодови, јајца, млеко, млечни производи, мед. Бројот на поддржувачи на веганство се чини постојано се зголемува, не само кај нас, туку и во светот.

– На пример, германското здружение за исхрана (DGE) не ја препорачува веганската исхрана за трудници, доилки, доенчиња, деца и тинејџери. Нивниот став е дека е невозможно да има оптимален внес на сите неопходни нутритиенти само преку растителната храна или, пак, многу е тешко да се постигне тоа. И навистина, ризикот од недостиг на одреден нутритиент е поголем кај веганите. Имено, најкритичен е внесот на витаминот Б 12, а исто така може да се јави и протеински дефицит, односно дефицит на есенцијални аминокиселини, како и на полунезаситени масни киселини, железо, витамин Д, калциум, јод, цинк и селен – вели Петрова.
Таа објаснува дека недоволниот внес на кој било од овие нутритиенти предизвикува здравствени нарушувања.

Цветанка Петрова

– Меѓутоа, со правилно планирање веганската исхрана може да биде здрава, обезбедувајќи ги сите неопходни макро и микронутритиенти. Добро избалансирана веганска диета е препорачлива во сите животни фази, вклучувајќи ја и бременоста, велат од американската Aкадемија за исхрана и диететика (Academy of Nutrition and Dietetics). Диетите чија основа е растителната храна штитат од одредени заболувања, како исхемична срцева болест, дијабетес тип 2, хипертензија, одредени типови канцер и покачена телесна тежина. Но, сите сме согласни околу едно: на веганите им е потребен квалитетен извор на витамин Б12. Тоа може да биде суплементација или, пак, храна дополнително обогатена со овој витамин – додава Петрова.

Како треба да се однесуваат веганките во бременоста, е бурна тема, не само кај нас. Неодамна на социјалната мрежа Mumset трудница се пожали дека нејзиниот сопруг ѝ рекол дека во текот на бременоста треба да јаде месо поради здравјето на бебето. Жената со прекар ElizabethForever на таа социјална мрежа напиша дека е веганка од раѓање.

Одговорите на другите мајки и таму се поделени, некои ја поддржуваат, а други се на страната на нејзиниот сопруг.

Трудницата појаснила како никогаш немала проблем со железото и крвта и нагласила дека е вознемирена поради тоа што нејзиниот сопруг сега бара таа да го промени својот начин на живот, кој го води од раѓање, и тој таква ја прифатил. Други веганки напишале дека имале здрава бременост и родиле здрави бебиња и не ја менувале својата исхрана, а една мајка што јаде месо како составен дел од својата исхрана објаснила дека изненадното консумирање месо кај веганите може да направи проблем. Најразумните совети секако беа одлуките да ги донесе во консултација со стручни лица.



912

X