Во овој момент во градинка одат само 30 проценти од децата во Македонија

Одењето во градинка да стане задолжително за петгодишните деца. Оваа идеја, која е стара неколку години, досега не беше реализирана затоа што со тоа значително би се зголемил опфатот на деца во предучилишна возраст, што, пак, повлекува вработување нов кадар, изградба на нови градинки и проширување на постојните капацитети, нешто што државата би ја чинело многу, а не може да го реализира за брзо време. Во овој момент во градинка одат само 30 проценти од децата.
Македонските образовни институции не се откажуваат од оваа системска промена бидејќи многу досегашни анализи, меѓу кои и онаа на Бирото за развој на образованието, покажале дека во прво одделение – децата што оделе во градинка имаат побогати знаења и подобра основа во споредба со оние што не оделе.
За тоа дали и што е предвидено да се менува во овој дел околу задолжителноста на посетата на градинка, Деца.мк се обрати до Бирото и до Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а разговаравме и со УНИЦЕФ, Фондот за деца при Обединетите нации, кои заеднички работат на реализирање на оваа идеја.

Фото: КолектифПрес

Постепено веќе се реализира

Задолжителното одење во градинка на петгодишна возраст постепено станува реалност, информираат од Бирото.

– Веќе има повеќе активности во таа насока. Постои соработка помеѓу Светска банка и Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и други организации кои, секои во рамките на своите надлежности, работат на изнаоѓање најсоодветен и најбрз можен начин за вклучување на сите деца во предучилишните установи. Потребно е прво да се создадат физички услови, да се изградат градинки, да се приспособат простории каде што е можно, а програмите и за обуките на воспитувачите во градинките ќе бидат подготвени и реализирани од Бирото – објаснуваат оттаму.

Прв чекор – опфатот да се зголеми на 50 отсто

Министерството за труд и социјална политика работи на тоа опфатот на деца што одат во градинка во следните четири години да се зголеми на 50 отсто. Оттаму објаснуваат дека европската цел за опфатеност на децата во предучилишно образование е над 90 отсто, а во моментот во Македонија има опфат од само 30 отсто.

– За да се подобри ваквата состојба, МТСП и во наредниот период продолжува со активности за изградба, проширување и адаптација на мрежата на градинки низ цела држава. За оваа намена имаме зголемување од 300 отсто на буџетот за капитални инвестиции. Истовремено со 15 милиони евра од Светска банка МТСП ќе работи на изградба на нови градинки за околу 7.000 деца и на јакнење на кадрите, а сето ова се прави за да се подобри раното учење бидејќи научно е докажано дека тоа е многу важно за понатамошниот развој на една личност – појаснуваат оттаму.

Во меѓувреме се спроведуваат и мерки за унапредување на инклузивноста во предучилишните установи. Целта е што поголем број деца со попреченост да се вклучат и да се задржат во предучилишно образование, но и во понатамошниот образовен процес. Министерството планира и да се зајакнат капацитетите на советувалиштата за родители и деца за родителите активно да се вклучат во планирање на предучилишното воспитание и образование, да развијат програми за подобро родителство.
– Во 2019 година ќе се работи и на воспоставување на професионалниот развој кој ќе се заснова на професионални компетенции за сите вработени. Дефинирањето на компетенциите ќе се одвива во две фази. Во соработка со УНИЦЕФ, првата фаза е веќе почната со избор на јавен конкурс на 30 воспитувачи/чки кои по поминатата обука ќе треба стекнатите вештини да им ги пренесат на своите колеги. Со втората фаза ќе се дефинираат компетенциите за директорите, негувателите, стручните работници и стручните соработници. Процесот на јакнење ќе продолжи и со воведувањето на кариерниот развој, но и со зголемување на платите на кадарот во градинките – додаваат од Министерството.

Фото: КолектифПрес

Една до две години понапред од врсниците

Постои глобален консензус дека предучилишното образование на деца на возраст од 3 до 6 години е од суштинска важност за учењето и развојот на мозокот, а економистите и експертите за образование потврдуваат дека овој период од животот е можеби најважниот за учење и развој на мозокот.

– Кога ќе ги погледнеме резултатите по математика, природни науки и јазици кај децата на возраст од 15 години, гледаме дека оние што посетувале предучилишно образование се една до две години понапред од децата што не посетувале вакви програми. Кај нас опфатот со предучилишно образование се зголеми од 26 отсто на 39 отсто, но и понатаму како земја имаме најнизок опфат во предучилишно образование во Западен Балкан и сме многу зад земјите од ЕУ, кои се со просек од 93 отсто. Децата од најсиромашните семејства не посетуваат програми за предучилишно образование, а тоа придонесува за одржување на меѓугенерацискиот круг на сиромаштија – истакнуваат во УНИЦЕФ.

Поттик во раното детство

Во УНИЦЕФ сметаат дека основната улога на кој било вид организирана предучилишна програма, вклучувајќи ги градинките, е да обезбеди поттик и учење во раното детство, покрај тоа што обезбедува згрижување за децата на вработени родители.
– Затоа го поддржуваме Министерството за труд и социјална политика во зголемувањето на пристапот до квалитетно предучилишно образование. Тоа го правиме преку отворање центри за ран детски развој во руралните средини, каде што не е исплатливо да се градат нови градинки за целодневна грижа. Центрите за ран детски развој обезбедуваат учење три часа на ден, пет дена во неделата и имаат еднакво влијание врз детскиот развој како и целодневните програми во градинките. Оваа година УНИЦЕФ опреми и во фаза на отворање се осум центри за ран детски развој во селата: Покрајчево (Радовиш), Бела Црква (Кривогаштани), Лески (Виница), Равен и Форино (Гостивар), Тркање (Кочани), Гајре и Бродец (Тетово). Со ова ќе се овозможи пристап до предучилишно образование за над 300 деца на возраст од 3 до 5 години – велат оттаму.

Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ во Македонија, смета дека организираното предучилишно образование е добра основа за секое дете.

– Сите деца заслужуваат најдобар почеток во животот. Истражувањата покажуваат дека деца што растат во поттикнувачка семејна средина и кои имаат можност за организирано предучилишно образование постигнуваат на долг рок подобри резултати и имаат подобри перспективи во животот – вели Ериксон.

Да се намалат групите, да се следи развојот на кадарот

Минатата година било направено системско испитување на предучилишното образование во Македонија, од каде што произлегле препораки како да се решат дел од проблемите. Оценето било дека мора да се зајакнат професионалните компетенции на наставниците од предучилишна возраст, да се развие систем за континуиран професионален развој на кадарот, да се подобрат условите за работа на вработените, да се намали бројот на деца во групите.

– Оттука, во соработка со МТСП, Бирото за развој на образование, наставничките факултети и градинките, со пари од британската влада почнавме со дефинирање на клучните професионални компетенции што треба секој воспитувач да ги демонстрира со цел ефикасно да ги поддржи развојот, раното учење и безбедноста на децата. Професионалните компетенции се основа за планирање на личниот и професионалниот развој, како и на ниво на предучилишна установа. Со цел да го поддржиме развојот на компетенциите на воспитувачите за подобри развојни постигнувања кај децата, овој месец ќе започнеме со низа обуки за 30 „воспитувачи за колегијална поддршка“ кои ќе помогнат за воведување програма за развој на социо-емоционалните вештини кај децата на предучилишна возраст – информираат во УНИЦЕФ.

Сè поголем број научни истражувања истакнуваат дека емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за развојот на целокупната мозочна архитектура и има огромно влијание во текот на целиот живот. Исто така, истражувањата покажуваат дека децата од предучилишна возраст што имаат силна емоционална основа имаат капацитет подобро да управуваат со секојдневните социјални интеракции.



912

X