М-р Слаѓана Трајкова е логопед во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје. Ни објасни кои се најчестите говорни проблеми на децата, што треба да променат родителите за да се намалат, но и како да реагираат кога ќе се појават. Соработничката на Деца.мк го расчистува и она што најчесто ги збунува родителите – кога е вистинско време да се посети логопед, дали проблемот може да се реши сам или мора да се побара стручна помош

Кои се најчестите проблеми во говорот со кои се соочуваат децата?

– Кај нашите деца, па воопшто и кај сите деца во светот најчест говорен проблем е во артикулацијата на гласовите. Од вкупниот број говорни нарушувања, 67% им припаѓаат на овие нарушувања. Неразвиени гласови се: Е – О од групата на самогласки, најчесто Т -Д од групата на окулзиви, избувливи; Џ – Ч – Ѓ – Ќ (африкати); С – З – Ш – Р (фрикативи); Л – Љ (латерали) и Њ (назали).

Секако, можат да се јават отстапки и кај други гласови. Секое дете си има свои индивидуални тешкотии кои се разликуваат од тешкотиите кај другите деца.
Но, има такви гласови што почесто не можат да се изговорат и има гласови кои пак ретко се оштетуваат при изговор.
На пример, поретко се оштетуваат гласовите П – Б – М- Н – Ј – В и самогласките.
Нарушувањето во артикулацијата може да значи детето воопшто да не го изговори гласот, погрешно да го изговори или, пак, да го заменува со друг глас.
Децата што имаат неправилна артикулација немаат само намален број на гласови, туку имаат и намалени способности да можат да ги користат овие гласови во говорот. За овој говор кажуваме дека е неразбирлив и неправилен и потребно е логопедски да биде третиран.

Како родителите влијаат врз развојот на говорот при решавање на говорните проблеми?

– Иако артикулационите нарушувања се најчест говорен проблем кај децата, на нив родителите обично помалку им обрнуваат внимание. Се надеваат дека детето само ќе ги научи и чекаат да помине време надевајќи се дека како ќе расте, така ќе ги совлада сите гласови.

Родителите се важен фактор за развојот на детскиот говор, а исто така се битен фактор во решавањето на говорните проблеми. Уште додека е мало, на детето треба да му се даде добар говорен пример или т.н. говорен модел. Преку него тоа ќе почне да го имитира говорот од родителите. Доколку некој од родителите не умее правилно да зборува и прави грешки, зборува брзо и нејасно, се очекува и детето така да зборува. Важен фактор е и тоа колкава е поврзаноста мајка-дете и татко-дете. Ако мајката секојдневно вербално го стимулира и го поттикнува да зборува, детето ќе разбере како треба да се зборува. Доколку, пак, мајката е индиферентна и незаинтересирана и не бара од детето да зборува, а и таа не му зборува, таквото дете има забавен говорен развој.

Има и такви родители што поставуваат високи стандарди за своите деца, бараат да зборуваат чисто и совршено, а малото дете сè уште не е способно да го возврати тоа. Со ова детето се обесхрабрува и не се мотивира да зборува. Напротив, родителите со ваквиот пристап само го врзуваат за говорни грешки.
Треба да знаеме дека говорот се развива кога сме во контакт со други луѓе, и се јавува како потреба за комуницирање и тоа е пријатно задоволство воопшто. Затоа на детето треба да му се обезбеди таква атмосфера за говорен раст и развој.

Добро поставен трансмиторен систем (сензитивните – аферентни и моторните – еферентни патишта) и средината во која се чува детето треба да биде поволна.
Ако сакаме да му помогнеме на детето, треба со него да разговараме, но и активно да го слушаме што и како зборува.

Како да процени родителот кога е време да се побара помош од логопед?

– За правилен говорен развој треба да бидат исполнети одредени анатомско-физиолошки услови. Основа за развивање е здрав нервен систем со созреани говорни центри и нервни поврзувања помеѓу нив, чија функција е надзор и дејствување на говорниот апарат.
Освен ова, треба правилно да се развиени и психичките функции, како што се: внимание, меморија (слушна и визуелна), мислење, перцепција, помнење… Треба да се зачувани и сетилата, како сензорниот така и рецепторниот систем, а говорниот апарат уредно да си ја врши својата функција.
Логопедот прави процена дали тоа се можеби моментални грешки во изговорот, дали ќе може детето само да се избори и да ги научи, или навистина има сериозен проблем. Но доколку детето зборува и привлекува внимание на себе и слушателот е насочен на тоа како се зборува, а не на тоа што се зборува, сето тоа ни дава сигнал дека говорот излегува од рамките на секојдневниот начин на говор од една јазична група и треба да се бара логопедска помош.

Помош од логопед треба да се побара и доколку:

-Детето доцни во јазичното изразување
-Детето не зборува, дошло до целосно или делумно губење на говорот
-Не владее со комуникативни вештини
-Има отстапки во изговор на одредени гласови
-Пелтечи
-Премногу брзо зборува
-Премногу бавно зборува
-Говорот е неразбрлив за оние што го слушаат
-Се појават промени во гласот
-Тешкотии во школски активности: учење, тешко читање, тешко пишување
-Не може да научи да чита
-Не може да научи да пишува
-Не може да го разбере тоа што му се чита
-Има видно слабо внимание и концентрација

Родителите најчесто се збунети околу тоа на која возраст треба да се побара помош од логопед?

– Доколку детето не прозбори до својата 2. година, треба да се побара стручно логопедско мислење, совет и инструкции за понатаму.
Ординациите ни се полни со деца од 2 до 3 години што не зборуваат, едвај прозборуваат, и тоа по два-три збора, или пак нивниот говор е мешавина од македонско-англиски зборови (измислен говор). Детето не е зрело да направи разлика помеѓу два јазика и практично не научува ниту еден јазик.
На возраст од 4 до 5 години треба да ги користат сите форми и видови зборови, детето да составува сложена реченица и вокабуларот да изнесува 500-1.000 збора.
По 5-тата година треба да ги разбира метафорите, гатанките, загатките, цитати, поуки, заклучоци…
Семантичкиот развој продолжува и низ школскиот период и трае во текот на целиот живот, и кога е личноста возрасна.
Родителите не треба да забораваат дека тие се главните преку кои нивното дете го учи говорот, и доколку забележат проблеми, не треба да се вовлекуваат во емоцијата на грижа и тага, туку веднаш да се побара логопедски третман.

Што ги советувате родителите кога ќе забележат проблем?

– Неразбирливиот говор знае да биде исмејуван од страна на средината, а ова најчесто го имаме во училишната средина каде што почнуваат да го избегнуваат детето и да го имитираат. Се поставува прашањето зошто да биде доведено до ваква ситуација? Постои едно старо правило кое гласи: „Подобро да се спречи отколку да се лечи“. Кога детето е мало многу, полесно е да се работи на говорот отколку да се чека да порасне.

Во последно време на децата им се дозволува подолго време да гледаат во екраните. Навистина, екранот е интересен и весел, во бои, но од реален аспект ова чување не му оди во прилог на малото дете затоа што нема жива комуникација и не добива вербални стимулации за да учи да зборува. Тоа само гледа и слуша, а понекогаш и не го разбира тоа што го слуша.
За да се стекнат правилни говорни навики и да се коригираат лошо стекнатите, најпогоден период е 4. до 5. година. После тој период негативните и лошо стекнатите говорни навики се окоренуваат и се зацврстуваат и бараат повеќе време и труд за да се оттргнат.

Не е грев ако детето не може да научи да зборува, тоа е мало и беспомошно, но голем грев е доколку родителите не преземаат никаква грижа за тоа.

Погрешно е за дете што не зборува да се вели дека е тивко и молчаливо. Тоа молчи, и се наоѓа во светот на молкот.
Професионалното искуство ми налага и да ја следам модерната клиничка логопедија денес како кај нас така и во светот. Нашата установа располага со голем број апарати и специјализирани технички средства кои ни овозможуваат апликација на различни видови логопедска терапија. Речиси сите логопеди во установата располагаат со употреба на апарат за полисензоричка стимулација наменет за лица со оштетен говор и слух.

Колку е лесно или тешко да се работи со деца и родители?

– Го почитувам секој миг на моето работење. За мене, професијата логопед е една од најубавите и никогаш не би ја променила. Јас цел живот го работам ова. Целиот свој поминат живот го насочувам на нејзиното градење и унапредување. Исклучителна е оваа професија, и доста е сензитивна, бара да се има премногу љубов прво за себе, љубов кон другите, спрема децата, воопшто да се има љубов спрема животот… Но најмногу од сè сметам дека треба да се сакаат децата и да се прифатат со целосното нивно битие – какви што се.
Ако го немаме ова чувство во себе, многу е тешко да се биде логопед, тешко би се работело и не би можело. Ден без правилно поставен детски збор и без правилна поставена реченица која треба да се произведе од говорниот апарат јас го доживувам како неуспешен ден. Ги бројам сите успешни денови кога ги слушам моите пациенти како ми зборуваат.

Израснав во семејство во кое татко ми Илија многу читаше. Сето она што ќе го прочиташе ни го пренесување нам, на децата негови, ни ги пренесуваше знаењето и мудроста и мислам дека од рана возраст нè подготвуваше како да живееме.
Јас и мојот помал брат Јовица осознавме дека целото богатство се наоѓа во книгата. Мојата мајка Савета, секојпат вредна и насмеана, ни го покажа патот на дисциплината, моралот и на правдата. Таа знаеше и да нè прекори ако не им помогнеме на постари луѓе. Еве сега и јас сум горда мајка на две прекрасни деца, Елена и Рајан.

Рајан и Елена

Нашите семејни разговори се сведени на тоа да го разбереме она што е вредно за слушање, за да нè охрабри и просветли.
Мора да признам, совршени родители не постојат, секој родител го учи своето родителство од лекциите што му се наметнуваат. Не сум слушнала да се има родено добар родител, добар родител се создава.



912

X