Најважно е родителите да ги научат децата да бидат продуктивни и морални, од каде што ќе произлезе и среќата

Калина Сотироска-Иваноска е психолог, доктор на науки, мајка, декан… , а има само 37 години. Накратко ѕирнавме во секојдневието на соработничката на Деца.мк, која несебично споделува совети со нашите читатели, за да видиме како успева да жонглира со сите обврски, што е она што ја мотивира секојдневно да учи, што е она што ја турка напред и, секако, каква порака им праќа на родителите.

Сотироска-Иваноска со студентите

– Овие активности што ги набројавте не се обврски, туку се дел од секојдневното живеење. На 32 години докторирав и веднаш ми беше укажана можноста да бидам дел од основањето на Меѓународниот универзитет „Визон“ во Гостивар, а потоа и декан на Факултетот за општествени науки во чии рамки е и насоката Психологија. Предизвикот беше голем и го прифатив, соочувајќи се со голем број нови искуства и борба во еден нов свет – вели Сотироска-Иваноска.

Охридското Езеро – чиста храна за моето ментално здравје

По три години се родил нејзиниот син Павел, па нејзиниот свет се променил, а задачите на работа, како што поминувале годините, се зголемувале.

– Балансирањето и успехот не ќе беа возможни без безрезервната поддршка од мојот сопруг, кој е доктор, радиолог, и без нашите семејства. Сметам дека реализирана и задоволна мајка е основа за среќно дете и добри односи во семејството. Исто така, дружбата со пријателите покрај Охридското Езеро е чиста храна за моето ментално здравје и ме облагородува – раскажува нашата соговорничка.

На конференција со колегите

Денот почнува во 5 наутро, а тоа е предност

Калина досега немала вообичаен работен ден.

– Не можам да се пофалам со типичен ден бидејќи ниту еден мој ден не личи на претходниот. Секој ден е нов предизвик и ново ангажирање. Моето работно место е оддалечено точно сто километри од мојот дом, па тоа дополнително го продолжува денот. Патот го ублажувам со муабетите со мојата другарка која патува во Скопје и така полесно се поминува сето она што доаѓа со тргнувањето на пат, како блокирани патишта од прв снег, работа на патиштата… – раскажува таа.
Научила практика со будење во 5 часот наутро, која топло ја препорачува.

– Се будам со чувство на инспиративност и фокусираност за завршување одредени обврски за потоа денот да ми биде смирен, а не сè да се одвива во брзање. Предавањата и консултациите со студентите се секојдневен предизвик, а понатаму се очекуваат различни настани, средби со гости, состаноци и координација со колегите на универзитетот. Заминувањето од зградата на универзитетот не значи дека завршил денот. Во академскиот свет потребно е постојано надградување, пишување и истражување, презентирање на конференции… – вели Сотироска- Иваноска.

Психолошката помош е неопходна

Професијата психолог е една од ретките што предизвикуваат внимание и бурни реакции од околината, а притоа, според нашата соговорничка, е мистична и контроверзна. Таа растела во семејство во кое се негувало читањето и се почитувала уметноста, што секако имало удел во нејзините животни одлуки.

– Мојот татко е невропсихијатар, па од најрана возраст бев изложена на проблематиката со човечката душа. Некако логичен избор ми беше психологијата и така се запишав на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што стручноста и ангажираноста на наставниот кадар уште повеќе ми ја зголемија љубовта. Под менторство на професорката Олга Шкариќ за дипломски труд ги испитував доминантните реакции на стрес кај децата болни од хронични болести во рамките на Клиниката за детски болести, а потоа магистрирав и докторирав во областа на организациската психологија со професорите Сарџоска, Кениг и Поповски, кои ми останаа ментори и во понатамошниот професионален, а и животен развој – раскажува Сотироска-Иваноска.

Активности со студентите

Да се развие вешт кадар соодветен да се соочи со предизвиците на новото време е една од најзначајните задачи за Калина, која вели дека голем предизвик ѝ е да укаже и да докаже дека психологијата има примена секаде.

– Потребно е здружување на стручните лица од областа на психологијата и медиумите. Тие со заеднички сили треба да ја подигнат свеста на народот за тоа дека стручната психолошка помош и користењето на знаењата од психологијата се и ќе бидат сè попотребни во годините што доаѓаат. Активни напори прави Психолошката комора и се надевам и очекувам сè поголема отвореност на институциите за искористување на психолозите, затоа што се покажуваат неизмерните позитивни ефекти од психолошките дејности врз добросостојбата и заемното задоволство и на клиентите и на менаџментот во секоја дејност – вели нашата соговорничка.

На првиот роденден на синот Павел

Таа прифаќа нови предизвици и излегува од комфорната зона и покрај тоа што така секогаш се отвора можност за грешка, но на тоа се обидува да гледа како на можност за напредок.

– Одржувањето стабилен брак кој се базира на љубов, доверба и толеранција и секако растење и воспитување дете кое ќе порасне во зрела и реализирана личност ги сметам за најголеми предизвици што ме носат напред – потенцира Калина.

Психологот, пред сè, е човек

Од психологот како да се очекува секогаш да биде смирен, толерантен, љубезен и емотивно стабилен, но и дека треба да знае што е најправилно.

– Веднаш се осудува ако на психологот му пукне филмот или не ги почитува строгите морални правила, но треба да се земе предвид дека психологот, пред сè, е човек и има право на секаква реакција. Така и јас патам кога ќе доживеам разочарување од некого иако знам многу за соочувањето со стресот и познавам различни механизми на одбрана. А разочарувањето најчесто ми доаѓа од непотребното лажење, бидејќи порано или подоцна сè излегува на површина. Но она што ме турка напред е желбата за напредок, самореализација и одржување психо-физичка стабилност и ментална благосостојба, за да можам да изгледам здраво поколение кое понатаму ќе придонесе за развој на човештвото – вели Калина.

Блага колективна депресија

Калина објаснува дека генерално, денес во нашата околина кај луѓето се забележува апатичност и блага колективна депресија. На улица се забележуваат луѓе со натажен изглед, свиснати очи и безенергичност, а сето тоа е последица на стилот на живеење и времето кое тоа го диктира.

– Постојаната несигурност, нефункционирањето на институциите, перципираната неправедност, постојаните избори и преокупираноста со политиката на секој поединец во најголема мера се поврзани со нашето живеење. Сето тоа, секако, е поврзано и со родителството, веќе се поинакви моделите на однесување на родителите, брзите промени не дозволуваат тие да се снајдат и да испливаат во овие води. Родителите не ни можат да претпостават во какво време ќе живеат нивните деца и со тоа тие не можат соодветно да ги подготват. Сакајќи да ги подготват децата, за родителите училиштето повеќе не е доволно и ги запишуваат на музичко, балет, фудбал, математика, гимнастика… Но најважно е родителите да ги научат децата да бидат продуктивни и морални, од каде што ќе произлезе и среќата – советува Сотироска- Иваноска.



912

X