Ќе се следат афинитетите и вештините на децата за одредени области, ќе се следи квалитетот на храната што ја јадат додека се на училиште, а отсега ќе биде важен и гласот на учениците, кои ќе имаат право да се организираат во рамки на училиштето…

Новата учебна година ќе почне со низа промени и новини кои се вметнати во новиот Закон за основното образование, кој практично е веќе во сила. Ќе се следат афинитетите и вештините на децата за одредени области, ќе се следи квалитетот на храната што ја јадат додека се на училиште, училишните раководства ќе го чујат гласот на учениците, кои ќе имаат право да се организираат, а во законот стои и дека ќе има т.н. државно тестирање. Во документот влезе и инклузивното образование.

Најмногу 30 деца во паралелка, нема часови во сабота

Пропуштените наставни денови нема да се одработуваат во сабота, туку на крајот од учебната година. На пример, ако во текот на една учебна година имало пет дена што не биле одработени, тогаш учебната година наместо на 10 јуни, ќе заврши на 15 јуни.

Минималниот број на деца во паралелка ќе биде 20, наместо 24 како што беше со претходниот закон. Максималниот број ученици во паралелка е 30. Во комбинирана паралелка ќе можат да учат најмногу 10 ученици.

Новина е и тоа што оваа година првпат часовите по физичко образование во одделенска настава ќе ги одржуваат одделенскиот наставник и предметниот наставник по физичко образование. Oва се прави затоа што првите години од основното образование се клучни за правилен раст и развој на децата.

Професионална ориентација

Училиштето ќе има улога да им помага на родителите, односно старателите и на учениците при изборот на средното училиште, согласно особеностите, способностите и афинитетите на учениците.

– Заради следење на индивидуалните афинитети на учениците и давање помош на учениците и нивните родители, односно старатели, во избор на средното училиште, училиштето формира тим за професионална ориентација составен од стручни соработници и наставници. Тимот за професионална ориентација задолжително користи алатки за утврдување на способностите, интересите и можностите на учениците и реализира програма за професионална ориентација за ученици од осмо и деветто одделение. Во Министерството за образование и наука (МОН) се води збирка на податоци за учениците за потребите на информациониот систем „Опсерваторија на вештини“ – стои во законот.

Во збирката ќе се собираат информации во врска со програмите што ги нуди основното образование, како и основното образование за возрасни. Ќе се обезбеди помош за родителите и учениците при изборот на професија и соодветни училишта, за да се зголеми можноста за нивно идно вработување, а во збирката ќе има информации за вработливоста на одредени струки, очекуваното време на чекање за вработување, нивото на примања по образовен профил.

Храна

Фирмата-оператор со храна ќе продолжи да се избира на тендер. Во законот стои дека директорот на основното училиште ќе биде должен да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта. За забележаните неправилности треба да ги извести надлежните служби веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите.

– Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната. Инспекцискиот надзор за следење на утврдените стандарди за исхраната и за оброците во основните училишта го вршат Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд. За утврдените неправилности при спроведување на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и преземените мерки на надлежните органи ги известуваат директорот на училиштето, Министерството и Државниот просветен инспекторат – пишува во законот.

Државно тестирање

Остварувањето на стандардите на постигнувања во текот на основното образование и воспитување се проверува со државно тестирање од страна на Државниот испитен центар. Ученикот е должен да учествува во државното тестирање. Директорот е должен да ги обезбеди условите за државно тестирање и регуларноста на тестирањето.

Резултатите од државното тестирање не влијаат врз оценките, односно врз општиот успех на учениците. Периодите, циклусите и областите за државните тестирања ги пропишува министерот, на предлог од Државниот испитен центар. Извештаите од државните тестирања се објавуваат на веб-страницата на Државниот испитен центар.

Ученички активизам

Учениците имаат право на ученичко организирање на ниво на паралелка и училиште. Начинот на ученичкото организирање се уредува со Статутот на училиштето.

„За организирано остварување на интересите на учениците во основното училиште, учениците се организираат во заедница на паралелка и ученички парламент. Ученичкиот парламент го сочинуваат претседателите на заедниците на паралелките. Првото свикување на ученичкиот парламент го врши директорот на училиштето. Ученичкиот парламент активно учествува во застапување и промовирање на правата и интересите на учениците, го промовира ученичкиот активизам, учествува во подготовката на годишната програма за работа, дава предлог-активности за годишните програми за екскурзии, дава предлози за воннаставни активности на училиштето, како и предлози за подобрување на ученичкиот стандард“, стои во законот.

Освен тоа, учениците учествуваат во оценувањето на работата на училиштето, а преку свои претставници учествуваат и во советот на родители и наставничкиот совет. Исто така, учениците организираат и учествуваат во хуманитарни активности, еколошки активности и општествено корисна работа. Претседателот на ученичкиот парламент е и ученички правобранител, кој се грижи за заштита и унапредување на правата на учениците во училиштето.

Казни

Со новиот закон се предвидени и казни за непочитување на низа законски одредби. Меѓу нив ја има и онаа во висина од 400 евра, која ќе му се изрече на родителот, односно старателот ако родителот, односно старателот или неговото дете врши телесно или психичко малтретирање на наставник, стручен соработник или воспитувач. Казна од 800 евра следува ако вработен телесно и психички малтретира ученик, а исто толкава казна може да добие и оној што ќе врши телесно или психичко малтретирање на наставник, стручен соработник или воспитувач.

Инклузија

Eдна од покрупните новини е инклузијата на учениците со посебни потреби во редовното образование. Законот предвидува нивно целосно вклучување во јавните училишта. Според министерот за образование и наука Арбер Адеми, тоа треба да се случи од учебната 2022-2023 година, кога посебните училишта повеќе нема да запишуваат ученици. Тие училишта ќе станат основни училишта со ресурсни центри кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.
Учениците со најтежок вид попреченост ќе може дел од наставата да ја продолжат во посебните училишта со ресурсен центар по нивна или желба на нивните родители.
Универзитетските професори од Институтот за дефектологија реагираа затоа што не се вклучени во изготвувањето на овој закон. Тие велат дека надлежните не ги послушале во врска со тоталната инклузија која, според нив, во пракса е многу тешко да се реализира.



912

X