Експериментот е моќна алатка со која се буди љубопитноста, се поттикнува истражувачки дух и се развива креативно и критичко размислување кај учениците
Убивање на љубовта кон хемијата кај учениците, некомпатибилност на програмите по хемија во основно и средно образование, никакви услови за демонстрација на експерименти, ниски плати на наставниците… Со што се соочуваат наставниците по хемија во основното и во средното образование, како се борат со предизвиците додека никој не им обезбедува услови за работа, а од нив се очекуваат резултати?
Овие беа само дел од прашањата на кои дебатираа наставници по хемија од цела земја на тематскиот дел наречен „Од наставниците за наставниците“ што неодамна го организираа Секцијата за образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Институтот по хемија во Скопје.
Некомпатибилна програма
Тоа што во моментот им недостига на наставниците по хемија во основното образование може да се класифицира во три подрачја: добри наставни програми, услови за експериментална работа и вложување во професионалниот развој, вели Александра Блажевска, предметен наставник по хемија во скопското Основно училиште „Јан Амос Коменски“. Според нејзиното десетгодишно искуство, таа прави споредба на две наставни програми.
– Моменталната програма бара еден поинаков начин на реализација за која нема минимални услови. Програмата генерално се темели на истражувања за кои се потребни лабораториски услови кои во основните училишта во нашата држава речиси и да ги нема. Потребен е и асистент за подготовка на истражувањата бидејќи апсолутно е невозможно еден наставник да подготви истражувања за пет наставни часа на кои има просечно по 27 ученици. Програмата е некомпатибилна со таа во средното образование, па кај учениците се создава отпор. Ова никако не придонесува да се развива интересот за изучувањето на хемијата. Решение е или враќање на старата програма или воведување нова. Но, не само копија од некој друг систем, туку соодветна на нашиот образовен систем во чија подготовка ќе бидат вклучени наставниците реализатори на наставата по хемија и се разбира за почеток опремување на училиштата со минимум потребни услови за лабораториска работа – вели Блажевска.
Ентузијазмот како водилка
Во однос на професионалниот развој на наставниците, таа смета дека еден наставник мора постојано да учи и да се усовршува низ целиот работен век, да ги подобрува своите вештини и компетенции за унапредување на наставниот процес.
Александра Блажевска
– Во нашата држава нема многу избор за следење семинари и обуки. Ако има, тие се наплатуваат. Не секогаш училиштата одвојуваат пари за професионален развој, па тоа паѓа на товар на наставникот. Постојат и онлајн-обуки кои се бесплатни, но често наставниците се соочуваат со јазични бариери. Лично сметам дека ниската плата и изгубеното достоинство на наставничката професија се причините што наставниците не гледаат предизвик во вложување во својот професионален развој. Па на крајот на денот останува само ентузијазмот да биде водилка. Но, образованието не смее да се темели само на ентузијазам. Секое дете во нашата држава треба да добие еднакво квалитетно образование, независно во кое училиште учи. За да се промени оваа состојба, потребни се системски пристап и национална стратегија за квалитетот на професионалниот развој на наставниците и нивниот економски стандард. Национална стратегија за професионален развој постои, за жал, само на хартија. И, се разбира, итно покачување на платите. За почеток би било добро тие да станат барем просечни – децидна е Блажевска.
Како се создава одбивност кај учениците
Снежана Илиевска-Поповска, предметен наставник по хемија во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица, вели дека централно место во наставата по хемија секако треба да има експериментот.
– Впрочем, асоцијацијата за хемија и кај деца од најмала возраст е експериментирањето. Експериментот е моќна алатка со која се буди љубопитноста, се поттикнува истражувачки дух и се развива креативно и критичко размислување кај учениците. Немањето минимални услови за демонстрација на експерименти ја прави наставата по хемија сувопарна, а самиот предмет хемија апстрактен. Така, кај учениците со текот на времето се создава одбивност, па иако хемијата на почеток била доживеана како мистерија или магија (како што најмалите милуваат да кажат), полека станува предмет кој се вбројува во најнеомилените – вели Илиевска-Поповска.
Според неа, многу е битен пристапот на наставниците, особено при првите контакти на учениците со хемијата. Потребно е постојано поврзување со секојдневието, преку одбрани примери, за да им се предочи на учениците дека хемијата е насекаде околу нас.
– Во таа смисла, неопходно е да се создадат минимум услови за изведување наједноставни експерименти. Тоа би требало да се направи на глобално ниво, во сите училишта – основни и средни. Да се опреми една училница со основните супстанции и лабораториски прибор, која со тек на време ќе прерасне во вистинска хемиска лабораторија – вели Илиевска-Поповска.
Таа додава дека од корист може да биде и примената на ИКТ (информациски и комуникациски технологии) во наставата, но и тука се појавува проблем во смисла на опременоста на училиштата.
– Ако се знае дека наставниците мора да се раководат од неделните (или месечните) распореди за користење на т.н. ИКТ-училница, станува ограничено планирањето на наставната единица. Електронската база на податоци е од голема корист. Сепак, треба да се обрне внимание на изворот на информации, особено за видеозаписите, каде што не можат да се видат реално препреките кои можат да се појават, па се создава погрешна слика за експериментирањето и експериментите. Како важeн извор на информации, наставникот игра клучна улога во наставата. Неопходно е да продолжи да се едуцира преку присуство на семинари, на кои ќе може да ги надградува своите знаења и вештини, но исто така и ќе разменува искуства со другите наставници – вели Илиевска-Поповска.
912