Се трудам да го научам македонскиот литературен јазик и, секако, културата на македонскиот народ. Го изучувам во моето училиште. Најтешко ми е зборувањето. На наставата по македонски понекогаш слушаме и разговараме за познатите пејачи од Македонија. Така дознавам што е ново и што се слуша кај вас, вели Борут

Борут Патчев има 13 години, живее во Хрватска, има македонско потекло, ја обожава роботиката и има еден куп награди од европски првенства. Овој седмоодделенец стана европски првак во роботика во категоријата Rescue Line до 14 години, на Европското првенство RoboCup Junior во Пескара, Италија. Многу медали од европски натпревари има во својот дом во Загреб ова талентирано дете.
Борут ни ги одговори прашањата на македонски јазик, со помош на неговата наставничка по македонски јазик, Деспина Велинска, која повеќе години им предава изборен македонски јазик на децата во Хрватска. Овој вљубеник во науката се занимава со роботика четири години.

Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ ги наградува најдобрите ученици за 2018 година, меѓу кои е и Борут

– За работилниците по роботиката дознав од мојот пријател и не ми требаше многу да ја засакам. Роботиката во наставата по техничка култура се споменува површно, но ако сакате повеќе да се занимавате, мора уште многу да учите и да работите сами или со професорот – вели седмоодделенецот во Основното училиште „Иво Андриќ“ во Загреб.
Во роботиката за секоја тешкотија успева да најде решение.
– Ако почнам да објаснувам колку е комплицирана роботиката и програмирањето, тогаш се плашам дека нема да им бидам интересен на читателите – се смее Борут.

Најдобри во Италија

Математика – омилен предмет

Се натпреварува во последните две години. Првиот натпревар му бил вреднуван со златен медал на државно ниво.

– Минатата година бев на неколку меѓународни натпревари во Словенија и во Австрија. Победив и на Европско првенство во Италија. Ова лето бев на Светско првенство во Канада. Пред неколку дена победив и на Отвореното првенство во Загреб и влегов во Хрватската репрезентација што ќе ја претставува Хрватска на Светското првенство во Сиднеј, Австралија, што ќе се одржи во јули годинава – среќен е Патчев.

Математиката му е омилен предмет, иако вели дека секој предмет на училиште му е интересен и го сака.

Македонскиот јазик го изучува од прво одделение. Споделува дека со радост оди на часовите, оти сака да се дружи со другите ученици што имаат македонско потекло.

Цело семејство го сака Охрид

– Се трудам да го научам македонскиот литературен јазик и секако културата на македонскиот народ. Го изучувам во моето училиште со помош на наставничката Деспина Велинска. Најтешко во изучувањето ми е зборувањето. На наставата по македонски понекогаш слушаме и разговараме за познатите пејачи од Македонија. Така дознавам што е ново и што се слуша кај вас – вели Борут.

Кога бил помал, Борут ги поминувал цели лета во Охрид кај неговиот дедо и фамилијата. Всушност, со неговиот дедо и најмногу зборува македонски јазик.

– Целото мое семејство го сака Охрид и секое лето се трудиме да најдеме неколку слободни дена за одмор покрај Охридското Езеро. Последните години во текот на летото имам кампови по роботика и натпреварувања и, за жал, сѐ помалку имам време за Охрид – вели Борут.

Неодамна Борут учествуваше на конференцијата „Подобро образование, подобра Хрватска“ што се одржа во Загреб. Го прашавме неговиот татко Филип Патчев каква поддршка добиваат талентираните деца како Борут во Хрватска. За жал, наидовме на слична приказна како кај нас.

– Поддршката на институциите за младите таленти најчесто е декларативна. Најчесто само ги фалат, понекогаш и ги наградуваат, но финансиска и организациска поддршка, за жал, не постои. Најчесто сѐ се сведува на лично залагање на поединци, родителите или учителите-ментори кои ги поддржуваат талентираните деца со сопствени средства додека можат или, пак, со барање спонзори. За наша среќа, постојат здруженија кои ги промовираат и поддржуваат талентите, но конкретна поддршка од државата немаме – вели Патчев.



912

X