Децата уживаат, бабите и дедовците стапуваат на сцена, ама има и голем број родители на помали ученици што ги оставаат сами дома
Училиштата се празни, оценките се спуштени, свидетелствата – доделени. Летниот распуст, кој учениците долго го очекуваа, е во полн ек. Како им поминува долгото топло лето? Кој ги чува и како им се исполнети деновите? Прашавме родители, од кои најголем дел одат на работа, па мора добро да се организираат за чување на децата. Од одговорите што ги добивме едно нешто е заедничко за сите – децата уживаат, бабите и дедовците стапуваат на сцена, ама има и голем број родители на помали ученици што ги оставаат сами дома.
Надвор со другарите е најубаво
– Во градинка се до 15:30, попладне сме на маалското игралиште каде што има многу дечиња, ги играат сите оние игри што и ние сме ги играле. Возат групно велосипеди, играат криенка, „Граница“, „Сакате ли војска“, фудбал, кошарка… Доаѓаме дома, се тушираат, вечераат и в кревет. Немаат речиси воопшто време за таблет или за телефон, што искрено ме радува.
Ане
– Мојата ќеркичка сама се чува бидејќи јас работам од дома, практично покрај мене е, денот е исполнет со таблет, но и чита лектири попладне во двор, а за викенди се шетаме заедно.
Бети
– На поседок кај бабите во Прилеп. Нема таблети и телевизор, цел ден во двор, во вода и кал. Учи да вози велосипед, а од денес почнува и со пишување домашни, секој ден до 15:08 (задача од учителката). Сѐ уште не знае сама да чита, па лектирите ѝ ги читаат бабите, за добра ноќ.
Билјана
– Со баба и дедо се, си играат во двор, возат велосипеди, со другарчињата играат надвор, па се прибираат дома. Е сега таблет или телевизор е опција за да не збеснат, па да се испотепаат, инаку попладне во школски двор ги носам да играат фудбал, па пак возат велосипеди или играат криенка. На очно Борис оди секој ден, Кристијан има логопед во понеделник, среда и во петок. Напорно е, но така функционирам неколку години.
Билјана Ј.
Некој на плажа, некој на планина…
– На одмор сме во Грција. Овде ќе останеме две недели. По цел ден се бањаат, од вода не излегуваат. Лектири ќе читаме кога ќе се вратиме. Ќе ги чуваат баба и дедо, ние со сопругот сме на работа.
Ана
– Бевме на море веднаш кога заврши учебната година. Сега за некој ден ќе го испратам на планина со баба му и дедо му, да подише чист воздух. Освен тоа, си игра надвор или, пак, заедно возиме велосипеди и одиме на прошетки. За чување, кога треба, тука се баба и дедо.
Јана
– Ја чува баба ѝ поради тоа што е на распуст, а и брат ѝ е на распуст од градинка. Денот исполнет со таблет, цртање, правење фигури од пластелин, за читање рано било. А кога ќе си дојдам јас од работа, тогаш се вози велосипед, се шета по кеј.
Васка
– Ги чуваме јас и сопругот. Многу се приврзани и секогаш заедно играат, многу се креативни, секој ден измислуваат понекоја нова игра. Мило ми е што се помалку пред телевизор и лаптоп. Попладне возат велосипеди, цртаат, чита првачето лектири и други книги, љубопитно е, се интересира и за други теми надвор од она што го учеле. Навечер имаме семејни прошетки. За време на распустот ќе одат кај моитe во Тетово, па на одмор.
Наташа
– Јас ги пуштив на две недели кај баба и дедо во Битола. Таму има двор, има мачиња, кучиња, играат кошарка во двор, се возат со тротинети по Широк сокак, секој ден одат до парк на лулашки, дома ретко се прибираат, ако се дома, играат со автомобилчиња (мали се, речиси 3 и 5 години). Сè ќе направам само за да ги оттргнам од компјутери и телефони и засега добро ни оди.
Симона
– Во јуни сами си седеа дома, од минатата недела малата е во Охрид кај баба и дедо, големата сама дома. Во Охрид оди на плажа и игра во двор со другарчињата, за пауза лектира, од наредната недела ќе има камп за гимнастика.
Татјана
Дома се, но имаат ред
– Дома се на распуст и понекогаш оставам на нивна одговорност, некогаш ги потсетувам што треба да прават (10 и речиси 8 години). Моите се долу во куќата и мајка ми горда ми кажува како наутро ќе се качи горе, а тие веќе се облечени, средени, детската ја средиле и појадувале сами. Веќе прочитаа по една лектира. Плус имаат задача англиски по една лекција да прочитаат и математика малиот таблицата, а големата колку задачи сака од Нумерус (таа сакала сите да ги реши, поубаво ѝ било од читањето, математичарка мајкина). Немаат таблет и на телефон немаат игри, не дека им бранам, туку не ги интересира. Уживаат во двор со кучето, базенчето, цртани гледаат… Попладне по 18 часот имаме дваесетина дечиња од маалото и уживаат надвор во нивните игри. Некогаш ќе се дотераат и одат сами со децата во паркот или на тост или на палачинки и ептен се задоволни од тие излегувања.
Дијана
– Моите деца ги чуваат баба и дедо. Големата има осум години и е најчесто надвор со деца од улица, возат велосипеди, играат детски игри. Навечер гледа во телефон или е пред лаптоп. За лектири желба нема, иако ги имаме дома. Мислам дека покрај интернетот, содржините на детските книги не им се примамливи. Малиот е годинка, уште не оди во градинка.
Христина
– Големиот заврши второ одделение, а малата оди во градинка. Секое утро ги носиме кај баба им, понекогаш и на спиење остануваат таму. Кај баба и дедо играат со комшиските деца, низ двор трчаат, цртани гледаат, лектира чита големиот, а кога сме дома заедно играме нинтендо, шетаме, возат тротинет, играат пред зграда.
Цеце
– Моиве оваа година не се вртат дома, надвор во парк со другарчиња се максимално до истоштување. Стануваат во 7:30-8, се мијат, па малку пред телевизор, јадат набрзина и од 10 до 13 се надвор. Попладне лектира, англиски и математика, ручаат и од 18 до 22 пак се надвор. Си доаѓаат преморени, јадат и едвај се тушираат. Инаку сами седат од нивни осум години, понекогаш крв паѓало и уште знаат лом да се направат, ама нема што да се прави, истоглавци се, нема кој да попушти. Сè е во рамките на детското однесување.
Ирена
912