Работилниците биле осмислени со повеќе различни и богати содржини за да им се овозможи на учениците потврда на знаењата, слобода на изразувањето и градење на самодовербата

Педесетина ученици од неколку скопски основни училишта создаваа уметнички и дела од применетата уметност во рамките на едукативно-креативните работилници што се одржаа во Музејот на современата уметност, на Скопското кале. „Сите имаме свој отпечаток“ беше насловот на проектот во чии рамки беа опфатени основци со попреченост во развојот.

М-р Бојана Јанева-Шемова, кустос во одделот за едукација при МСУ вели:
– Почетната замисла е дека секое дете има различни таленти што треба да се поддржат и поттикнат.

Бојана Јанева-Шемова (лево) и Соња Димовска

Јанева-Шемова објаснува како се развил проектот, што значат овие активности за децата со попреченост и нивната социјална инклузија, како се одразуваат врз нивниот понатамошен развој. „Сите имаме свој отпечаток“ е продолжение на проектот „Порака во дланка“ на нејзина колешка Виолета Савевска, за кој лани имало огромен интерес и се покажал како многу успешен.

– Затоа решив проектот да продолжи, со извесни измени и дополнувања и оваа учебна година. Целта на „Сите имаме свој отпечаток“ беше во Музејот да се креира природна и опуштена, воннаставна средина за учениците преку организирање едукативно-креативни работилници – објаснува Јанева-Шемова.

Работилниците ги организирала м-р Соња Димовска, графичарка и ликовен педагог во Посебното основно училиште „Иднина“. Учествуваа вкупно 46 ученици под менторство на ликовни и музички педагози и дефектолози од основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Д-р Златан Сремец“ и од средното уметничко „Лазар Личеноски“.

Учениците со своите ментори

Работилниците биле осмислени со повеќе различни и богати содржини за да им се овозможи на учениците потврда на знаењата, слобода на изразувањето и градење на самодовербата. Тие изработуваа: граничници за книги (bookmark); амбалажи од природни материјали (семиња, зачини, чаеви); новогодишни честитки; приврзоци од кожа; декорација на марами и изработка на колажи.

– Почетната замисла е дека секое дете има различни таленти што треба да се поддржат и поттикнат. Затоа програмата беше развиена на начин на поставување задачи за секое дете посебно, а акцентот беше ставен, сепак, на заедничко дружење со врсниците преку заедничка работа. На тој начин, преку заедничката работа, учениците освен што имаа можност да се изразуваат себеси, ги подобруваа и своите моторички и когнитивни капацитети, но најважно, учеа еден од друг, како е да се биде ист, во ценење на различноста на секое дете – вели Јанева-Шемова.

Едукативно-креативните работилници се организираат во МСУ во две фази – од октомври до јануари и од март до мај. Учениците на завршната изложба деновиве покажаа какви ракотворби создадоа.

Фото: Музеј на современа уметност – Скопје



912

X