Сите непријатни настани малото дете ги доживува со појак интензитет бидејќи сè уште нема стекнато искуство во каков свет живее

Нервозата, несигурноста, викањето, начинот на кој се казнува детето од луѓето што се грижат за него оставаат последици во понатамошниот негов развој. Особено родителите, воспитувачките и негувателките, кои секојдневно се со детето и се многу важни ликови во неговиот живот, објаснува Борјана Јанакиева-Заева, психолог, семеен и системски советник, која има искуство со работа во градинка.
– Тоа негативно однесување може да предизвика траума кај детето, страв кој во подоцнежниот живот ќе му направи проблеми во функционирањето. Кај она дете што постојано е изложено на таков вид однесување самодовербата и самопочитта се на многу ниско ниво. Кај него е присутно чувството на вина. Мисли дека е виновно за тоа што се случува – вели Јанакиева-Заева.

Борјана Јанакиева-Заева

Непријатностите ги доживуваат многу посилно

Мора да знаеме, предупредува психологот, дека сите непријатни настани малото дете ги доживува со појак интензитет бидејќи сè уште нема стекнато искуство во каков свет живее.
– Затоа, опкружувањето во кое се развива детето треба да биде стимулирачко и со пријатни доживувања. На тој начин детето понатаму ќе формира оптимистички поглед во односот со другите. Децата што наидуваат на опкружување каде што не им се задоволени потребите, а се мисли и на потребата за внимание, нежност во односот, а не само на физиолошките потреби, ќе се развијат во песимисти – вели Јанакиева-Заева.

Потребни се обуки и мониторинг

Затоа, возрасните што работат со деца и се грижат за нив мора да внимаваат и, пред сè, да бидат трпеливи со децата, особено ако тоа го избрале како професија, додава таа.
Деновиве јавноста бурно реагираше откако на социјалните мрежи девојка објави видео на кое се слуша како дете плаче, а некој му вика. Таа напиша дека детето плачело два часа, а вработена во градинката му се обраќала со погрдни зборови, како: „кучко една“, „краво“. Сега директорката на градинката ќе утврдува што се случило, а предмет отвори и народниот правобранител.

Фото: Ања Несторова

Пред околу пет месеци мајка реагираше дека воспитувачка во скопска градинка го истепала нејзиното дете, за што воспитувачката негираше. Детето имало повреда на лицето. Од почетокот на 2017 година до август годинава инспектори од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика постапиле по 11 пријави од родители, односно извршиле 11 вонредни надзори во градинките. Повреди меѓу деца во градинка, недолично однесување на вработени кон деца и ситуации кога вработени повредиле дете се најчестите случаи за кои се жалеле.
– И за ваквите појави институциите треба да преземат поголема одговорност, редовно да се спроведува обука на персоналот од страна на стручен тим, да има мониторинг и оценување на секој што е директно вклучен во работата со децата. Потребно е системско решение за ваков тип проблеми, кои сè почесто ги има – додава Јанакиева-Заева.



912

X