Интересот за програмирање и кодирање кај детето, кое чита и пишува од три и полгодишна возраст, потекнува главно од видеата што ги гледа на „Јутјуб“, но предиспозиции за тоа има од вујко му, кој работи како програмер

Единаесетгодишниот Давид Мијалковиќ пробива шифри на сите можни игри, ги знае сите видови „Виндоус“ од нивното создавање до денес, сите верзии и подверзии на „Андроид“, а во последно време најголем предизвик му е Ардуино – електронската платформа заснована на лесни за користење хардвер и софтвер, која овозможува создавање уреди и направи. Интересот за програмирање и кодирање кај детето, кое чита и пишува од три и полгодишна возраст, потекнува главно од видеата што ги гледа на „Јутјуб“, но предиспозиции за тоа има од вујко му, кој работи како програмер.

– Давид по природа е љубопитно дете, сака да создава, има милион идеи и бара начин како да ги реализира. Гледајќи видеа на интернет, дозна за Ардуиното и неговите можности и веднаш почна да прави планови што да создаде и за што може да го искористи тоа што ќе го создаде. Тогаш почна да истражува за кодирањето и програмирањето. Најпрво се заинтересира за програмирање кога најде една книга за Visual Basic и цел месец не ја испушти од раце, а имаше само девет години. Тогаш почна да ги создава основните програми и тоа беа првите почетоци на програмирањето. Со кодирање почна многу рано, кога почна да игра игри со основи за кодирање кои многу брзо ги решаваше – ни раскажа мајка му Ана.

Ардуино е плоча со микроконтролор кој овозможува да се прават мали уреди. Работи со помошна кодови. Давид на плочата прво поврзува мали делови од кои се прави целина на микроуред, кој потоа го кодира за да работи.

Љубовта кон технологијата му е од вујко му

Давид е љубопитно и темпераментно дете кое уште од мала возраст се интересира за сè околу себе, сака сè да знае и сè да научи. Многу е креативен, знае да создаде корисни предмети и никогаш не му е досадно. Неговите родители го воспитуваат да биде добра личност, да помага кога некому му треба помош и да ги почитува повозрасните.
– Во процесот на воспитување најважно е ние како родители да му дадеме добар пример на детето за да се изгради во комплетна личност – вели мајката.
Талентот и љубовта на Давид кон технологијата се поврзани со неговиот вујко, кој работи како програмер. Неговите родители се надеваат дека еден ден тој ќе биде успешен како вујко му.

– Секое дете треба да се мотивира според сопствените интереси. Ние му даваме поддршка во тоа што сака да го прави и тоа што го исполнува – вели Ана.

„Да работам како програмер и иноватор“

Шестоодделенецот Давид учи во училиштето „Невена Георгиева-Дуња“. Ни рече дека освен кодирање, многу сака да истражува, да креира и да создава нови работи.
– Сакам да учам за новите технологии, особено за телефони и компјутери. Ги знам сите верзии на оперативните системи „Андроид“ и „Винодус“. Денот обично ми е исполнет со училишни обврски, а кога имам слободно време, сакам да го поминам на компјутер и да гледам видеа на „Јутјуб“ од кои многу учам – ни рече Давид.

Тој и неговите најдобри другари Михаил, Петар и Иван се дружат надвор, но и онлајн, играјќи игри.
– Сакам да истражувам на интернет, да снимам видеа за „Јутјуб“, да шетам и да се дружам. Во иднина сакам да бидам програмер и иноватор. Имам многу идеи што во иднина би сакал да ги реализирам – завршува Давид.



912

X