Навременото утврдување и подготовката на детето за влегување во образовниот процес се многу важни, понекогаш и пресудни за понатамошниот развој

Ако во 2000 година едно на 150 деца во Соединетите Американски Држави имало аутизам, во 2014 година секое 59. дете добило ваква дијагноза. Ова се податоците на Центарот за контрола на болестите од САД. Проблемот кој веќе во светот се третира на ниво на епидемија не ја заобиколува ниту Македонија. Иако постојат здруженија, професионалци кои научно се занимаваат со овој проблем, ние сè уште немаме реална бројка колку деца се погодени со аутистичен спектар на однесување. Оние што посветено работат на проблематиката на различни нивоа постојано апелираат дека ни е неопходна национална стратегија и регулатива која сериозно ќе се посвети на овие случаи. Сепак, таков документ сè уште не е донесен.

Со децата треба да се работи веднаш по воспоставувањето на дијагнозата

Навременото утврдување и подготовката на детето за влегување во образовниот процес се многу важни, понекогаш и пресудни за понатамошниот развој, вели Иле Михајловски, одделенски наставник во училиштето „Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој успешно го спроведе својот ученик со аутизам низ првите пет одделенија од основното образование. Михајловски веќе 20 години работи со луѓе со попреченост и поминал многу обуки за инклузивна настава.

Тешка комуникација, репетитивни облици на однесување

Тој ги посочува кога родителите треба да реагираат и да побараат помош. Во зависност од самиот аутистичен спектар на однесување, симптомите може да бидат:

  • Квалитативни тешкотии во социјалната интеракција кои се забележуваат: изразени тешкотии во примена на повеќекратни невербални однесувања, како што се: поглед „очи в очи“, изразот на лицето, положбата на телото и гестови за приспособување на социјална интеракција, неспособност во развивање односи со врсниците примерни на развојното ниво, изразено намалено искажување на задоволство за среќата кај други луѓе.
  • Квалитативни тешкотии во комуникација кои се забележуваат: застој во развојот на говорниот јазик или целосно отсуство на развој на говорниот јазик (без можни обиди за компензација на говорот со помош на алтернативни начини на комуницирање, како што се гестови и мимики), изразени тешкотии во поглед на способностите за иницирање или одржување конверзација со други лица кај поединци чиј говор е примерно развиен, стереотипна или репетитивна употреба на говорот или идиосинкратичен говор, недостиг на различно спонтано дејствување со кое се воспоставува доверба или социјално дејствување со помош на имитирање соодветно на степенот на развој.
  • Ограничени репетитивни и стереотипни облици на однесување, интереси и активности кои се забележуваат: презафатеност со еден вид или повеќе видови стереотипни и ограничени интереси кои се необични по својот интензитет и по својот центар, очигледна компулсивна предаденост на специфична, нефункционална рутина или ритуал, стереотипни и репетитивни моторички манири (вртење рака или прст, или сложено движење со целото тело), упорна презафатеност со делови на предмети.
  • Застој или необично функционирање кое се појавило пред третата година од животот: социјална интеракција, говорот кој се користи во социјалната комуникација и симболично или досетливо однесување.

 

Статистика како се зголемува бројот на деца со аутизам од 2000 до 2014 година во САД

Според Михајловски, сето наведено не значи еднакво исто за секое дете, токму поради специфичноста на аутистичниот спектар кој кај секое дете е различен. Тој вели дека нашата земја не е имуна на зголемениот број деца со аутистичен спектар на однесување. Има родители што веднаш реагираат, но има и такви кои од низа причини тешко ја прифаќаат или ја негираат состојбата на своето дете. Првите се најчесто отворени за соработка и со голем интерес за напредокот на нивното дете на секое поле. Вторите, според Михајловски, немаат ниту големи очекувања во делот на образовниот процес. 



912

X