За децата, досадата е најлошото нешто што може да им се случи. Оттука следува дека детската досада е и нешто најлошо што може да им се случи на родителите. Се разбира, никој од нас не сака детето да му се досадува. Бидејќи, којзнае што се може да му падне на ум додека се досадува?
Да, 21 век е, времето кога животот беше лесен е далеку зад нас. Со чест на исклучоците, но за повеќето од нас животот поминува со брзина на светлина – будење, појадок (ако), развозување на децата до градинка или училиште преку утрински метеж, лудо возење до работа (бидејќи доцните), извршување 5 задачи истовремено на работа (бидејќи доцните), трчање по децата во училиште или градинка, губење нерви во попладневниот метеж, извршување на сите можни домашни работи (плус вечера, плус бањање на децата), успивање на малите ангели (кои се претвораат во ѓаволи кога треба да одат на спиење) и покрај тоа, поминување квалитетно време (3, 5 минути) со партнерот.
И така ден за ден, 7 дена во неделата, 365 дена годишно. Често и она малку време што го поминуваме со своите деца не е „квалитетно поминато време“ бидејќи #иродителитеморанештодазавршат. А магичното стапче со кое за секунда можеме да го смириме детето се нарекува „што било со екран“: мобилен, таблет, играчка конзола, лаптоп, компјутер. Ги користиме ли? О, да, сериозно! Нема смисла да се наведува статистиката, светска или домашна, бидејќи е поразителна: децата секојдневно поминуваат премногу време пред екраните. Нема смисла да се наведуваат ниту многубројните истражувања за штетноста од таа навика, од здравствените до психичките проблеми. Сето ова сите го знаеме, но што всушност правиме?
Искрено, поголемиот дел од нас само беспомошно ги креваме рамениците. Зјапањето во екран не е нужно лошо – лошо е кога вашето дете или вие го правите тоа пречесто. На детскиот ум му е потребна занимација, бара дразби, а од вас зависи каков стимул ќе му понудите. Но, длабоко во себе сигурно го знаете тоа, зависи од вашиот начин на живот. Вие сте тие што на детето со дела му покажувате како се живее. Позната ви е онаа изрека: – Не стравувајте дека децата не ве слушаат, стравувајте дека ве гледаат. Тие го копираат вашето однесување и зборовите не им значат премногу – не постои магично копче што ќе го притиснете и вашето дете ќе почне да вози велосипед. Копчето е во вас.
Вклучено/исклучено. Не обидувајте се да им го одземате од рака таблетот или демонстративно да го извлекувате струјниот кабел од конзолата за играње – со тоа нема да постигнете ништо позитивно. И пред да почнете одлучно на детето да му рецитирате „Од денес…“, седнете, длабоко вдишете и кажете си ја истата реченица и себеси. Бидејќи, сетете се, тие не ве слушаат. Тие ве гледаат. Страшно, нели?
Но, запомнете дека за вашите деца токму вие сте ѕвездата. Вас ве гледаат, вас ве следат, вам ви аплаудираат, со вас се лутат, со вас се смеат. А ако не го добијат тоа од вас, ќе се свртат кон малиот екран. И некои други ѕвезди.
Автор: Крешимир Шего