Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 6-годишен и 4-годишен син. Четиригодишниот има церебрална парализа и повеќе внимание му посветувам нему. Проблемот ми е со постариот син, не јаде по цел ден, некогаш му се случува да јаде само еден оброк. Се плаши, не сака да седи сам, ни во тоалет не оди сам. Кога ќе го скарам, почнува да пелтечи, многу е нервозен, не сака да учи и постојано плаче. Многу се трудиме околу него, но нема резултат. Ве молам за совет.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, факт е дека нашите деца пасивно или активно поминуваат низ семејните предизвици што животот ќе ни ги понуди и ние не можеме целосно да ги заштитиме колку и тие да се непријатни и тешки. Но не ни треба да го правиме тоа бидејќи на тој начин само ќе ги излажеме дека животот е розов и нема тешкотии, иако самите знаеме дека е сив и секој ден ја менува својата боја.

Од она што вие го споделивте како информации за состојбата на вашето дете можам да забележам дека тоа е вознемирено и исплашено, што ја попречува неговата функционалност за сам да ги извршува активностите и задачите во текот на денот. Она што можам сега да ви го кажам е да се обидете да го разберете и почувствувате неговото доживување за себе и за светот околу него.

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Како постаро дете во семејството, секогаш ќе ја носи таа животна лекција и задача прв да ги доживува и објаснува нештата. Обидете се низ разговор прифатлив за негова возраст да му ја опишете вашата семејна динамика и состојбата на вашето второ дете.

Најважно е вие како родители да му обезбедите безбедна и спокојна семејна средина со чувство на сигурност. Бидете родител кој зрачи со родителска самодоверба, креирајте телесна сигурност со вашето дете.

На пример, можете полека со допир или со прегратка да го смирите, телесно да искреирате сигурност, обидете се дури и телесно да го подржите, па да дишете заедно со одбројување или дишење балон, полека смирувајќи се.

Кажувајте му колку го обожувате, дека е единствен и неповторлив на овој свет. Кажувајте му колку сте горди на него и на неговото постоење. Децата сакаат да слушаат силни пораки, тоа ги охрабрува, тоа ги прави посилни. За понатамошниот третман кој би опфатил директна опсервација и терапија со детето, како и советување и психолошка подршка на родителите би ве советувала да побарате консултација со детски психијатар и психолог со чија помош би се олеснило надминувањето на оваа состојба кај детето.

Одговара:Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X