„Проблем е што за вербалното малтретирање не постојат докази“, ми рече Марта. Таа доаѓа кај мене на терапија поради депресија.
„Како тоа мислиш дека нема докази?“, ја прашав.
„Кога некој е физички или сексуално злоупотребен, тоа е конкретно и реално. А вербалното малтретирање е аморфно. Чувствувам дека кога би му кажала некому дека сум била вербално малтретирана, би помислил дека само се жалам затоа што ми викале“, рече таа.
„Тоа е многу повеќе од тоа“, реков јас.
„Проблемот е во тоа што никој не може да ги види моите лузни“. Знаеше дека нејзината депресија, анксиозност и длабоко вкоренетата несигурност всушност е последица од вербалното малтретирање на кое била изложена со години.

„Полесно ќе ми беше да добивав ќотек“, рече Марта во една пригода.
Ми се насолзија очите на оваа нејзина реченица.

Вербалното малтретирање е многу повеќе од обичен укор

Еве на колку начини мајката на Марта ѝ нанела болка и траума за цел живот:

* Гласен тон на нејзиниот глас;
* Острината на нејзиниот глас;
* Студен, речиси смртоносно студен поглед кој го добивала во моменти на гнев;
* Критикувачки, надмен и арогантен израз на лицето кој кај Марта предизвикувал чувство дека не е сакана;
* Траењето на вербалното малтретирање – понекогаш мајка ѝ умеела да вика со часови;
* Навреди и етикети: Ти си разгалена, грозна, глупава итн.
* Непредвидливоста на моментот кога нејзината мајка ќе се претвори во некој друг за само еден момент;
* И веројатно најтешкото од сѐ – чувството на напуштеност.

Кога пречесто му се вика некому, тоа го менува неговиот ум, мозок и тело на повеќе начини, вклучувајќи и зголемена активност на делот од мозокот задолжен за емоциите (амигдалата), зголемено лачење на хормонот за стрес, зголемена тензија во мускулите и уште многу други работи. Кога пречесто се вика на нас, тоа го менува начинот на кој размислуваме и што чувствуваме за себе, дури и кога ќе пораснеме и ќе основаме свое семејство. Тоа е така затоа што мозокот се развива во зависност од искуствата на кои е изложен, и според истражувањата, ние буквално можеме да ги слушаме нашите родители како викаат на нас дури и кога не се во близина. Марта мораше напорно да работи за да го надмине, макар делумно, сето она што се таложело во неа со години како последица на вербалното малтретирање.

Голем број истражувања на тема поврзаност на мајката со детето потврдуваат една очигледна работа – луѓето се подобри и поуспешни во она што го работат ако се чувствуваат безбедно и сакано, што, меѓу другото, значи дека биле третирани со почит. Она што за повеќето луѓе можеби е ново – е откритието дека ние се раѓаме со целосно формирани и зрели емоции како тага, страв, лутење. Ако, да кажеме, кај детето постојано се предизвикува чувство на страв, на пример, со често викање, автоматските физички и емоционални реакции предизвикуваат траума и стрес кај него. Стресот во нивните малечки тела и мозоци расте секогаш кога се чувствуваат дека се нападнати, вклучувајќи го и гласното викање, нагли и застрашувачки движења, погледи кои тие ги толкуваат како омраза и осуда и друго.

Тогаш, што е задача на родителите?

За позитивно да влијаете врз правилниот развој на мозокот на вашето дете и тоа да се чувствува безбедно и сигурно во своето опкружување, еве што може да направите:

* Бидете свесни дека децата имаат многу реални емоции кои бараат адекватен пристап. Колку што повеќе ги задоволувате неговите потреби, толку на детето ќе му биде полесно да биде отпорно на промените што го очекуваат во животот.
* Можете да влијаете врз развојот на самодовербата кај своето дете така што ќе бидете љубезни, сочувствителни и љубопитни околу сите работи што му се случуваат.
* Кога ќе се случи некаков проблем во комуникацијата и ќе влезете во конфликт, обидете се да ја поправите штетата и да го обновите блискиот контакт што е можно побрзо.
* Можете да му помогнете на вашето дете да стекне чувство на сигурност така што ќе му овозможите одредено време да поминува и без вас, за да стане „свое“, но при повторната средба да го дочекате со љубов и позитивна енергија, дури и ако сте налутени за нешто. Смирено разговарајте со него за тоа што ве загрижува, и искористете ја шансата секоја ситуација да ја претворите во можност за учење.

Како на родител, сигурно не ви е секогаш едноставно да ги контролирате своите реакции и да бидете сигурни дека не сте ја поминале границата кон вербално малтретирање. Меѓу строгото воспитување и она што на детето ќе му остави траги за цел живот е тенка линијата. Но, само свеста за тоа како се однесуваме може многу да ни помогне: ако го слушаме тонот на својот глас, изборот на зборови, ако го набљудуваме говорот на своето тело, полесно ќе ги контролираме. Малите деца, чие однесување понекогаш е речиси неподносливо, кои можеби и тераат инает или се целосно рамнодушни кон вашите барања, сепак, се многу ранливи. Искуствата што ги носиме од детството – прекрасни, грди и сето она што е помеѓу нив – се важни и треба да останат запаметени и почитувани и кога ќе пораснете. Бидејќи тоа нѐ прави она што сме.

Автор: Хилари Џејкобс Хендел

 



912

X