Не е тајна дека усвојувањето повеќе странски јазици е предност. Но, дали некогаш сте се запрашале дали постои идеално време да научите јазик? Многумина веруваат дека единствениот точен одговор е – што е можно порано.

Зборувањето и разбирањето повеќе јазици може да отвори свет на можности, а подолу ви пренесуваме неколку придобивки од двојазичноста (и, се разбира, повеќејазичноста) кај малите деца.

Едно истражување објавено во јануари 2021 година во списанието „Сајентифик рипортс“, спроведено на 127 возрасни лица, идентификувало две когнитивни придобивки за оние што станале билингвални на рана возраст. Првата е нивната способност да забележат визуелни промени побрзо од оние што научиле втор јазик подоцна во животот.

Според резултатите од ова истражување, оние што рано научиле друг јазик имаат поголема контрола врз нивната способност да го префрлат вниманието од една на друга слика – што може да биде резултат на вежбањето за брзо префрлање помеѓу двата јазика.

Придобивките од двојазичното образование не завршуваат тука.

1. Поттикнува емпатија

– Откриено е дека децата што растат во допир со најмалку два јазика имаат поголемо социјално разбирање – вели д-р Орен Боксер, невропсихолог и советник во „Бумобрејн“, платформа што ги поддржува родителите кои бараат други можности освен традиционалните училишта.

Истражувањата за малите билингвални деца откриле дека овие деца имаат тенденција подобро да ги разбираат перспективите, мислите, желбите и намерите на другите луѓе во споредба со децата што зборуваат само на еден јазик.

– Дел од оваа моќ е поврзана со поробустен јазичен систем што може полесно да открие одредени комуникациски карактеристики, како што се говорен ритам и тон на гласот – вели д-р Боксер.

Сепак, само емпатијата не е доволна да се гледа како придобивка. Боксер вели дека е важно да знаете како да се справите со овие емпатични чувства и да знаете како да ги разликувате сопствените потреби од потребите на другите.

2. Се подобрува функцијата на мозокот

– Билингвалните деца се сè подобри во планирањето, решавањето проблеми, концентрацијата и извршувањето повеќе задачи истовремено – вели Кристен Дензер, извршна директорка и основач на „Тиере Енкантаде“, шпанска образовна програма.

Дензер вели дека овие когнитивни придобивки може да се видат доста рано.

– Доенчињата што растат во двојазична средина го покажуваат своето напредно функционирање уште на 7 месеци во споредба со еднојазичните врсници – вели таа, повикувајќи се на студија објавена во 2009 година во „Зборникот на трудови“ на Националната академија на науките на САД.

И овие придобивки можат да продолжат и до длабока старост со спречување на нарушувања на мозокот кои често се јавуваат во средината на 7 деценија.

– Билингвалноста дури може да го забави почетокот на деменција и Алцхајмерова болест дополнителни четири години во споредба со оние што зборуваат само еден јазик – вели Дензер.

Причината? Познавањето повеќе јазици може да придонесе за зголемување на когнитивната резерва или способноста на мозокот да импровизира и да најде алтернативни начини за правење работи и да спречи штета.

3. Образовна предност

Двојазичните деца, исто така, можат да имаат предност на училиште, вклучувајќи ја и писменоста.

– Истражувањата покажаа дека кога детето учи втор јазик, тоа покажува забрзан напредок во читањето во споредба со врсниците – вели Дензер.

Тие, исто така, може да имаат подобри академски резултати во иднина. Двојазичните деца имаат и поцврста основа за учење повеќе јазици. Ова може да им донесе поголема предност кога ќе почнат со нивната професионална кариера бидејќи сѐ повеќе индустрии бараат кандидати што зборуваат повеќе јазици.

Извор



912

X