Тантрумот (напад на бес) претставува емоционален напад слично како бура во лето – доаѓа одеднаш, понекогаш силно и жестоко. Во еден момент вие и вашето дете сте во кафуле и уживате во вашиот ручек, а следната минута тоа почнува да вреска со цела сила бидејќи неговата сламка била свиткана. Децата што се на возраст од една до три години се особено склони кон овие епизоди.

Немојте да си помислите дека одгледувате тиранин, на оваа возраст мала е веројатноста дека вашето дете е манипулативно. Најверојатно има напад на бес бидејќи е фрустрирано. Вашето дете почнува да ги разбира зборовите што ги слуша, но неговата способност за користење на јазикот сè уште е ограничена. И кога вашето дете не може да изрази што чувствува или што сака, кај него се појавува фрустрација.

Како да се справите со тантрумот?

1. Останете смирени

Тантрумот не претставува убава глетка. Како и врескањето, удирањето по подот, вашето дете може и да фрла работи, да удира, дури и да го задржува својот здив додека не помодри. Кога вашето дете има тантруми, тоа веројатно нема да слуша што му зборувате и ќе одговори негативно ако му викате и му се заканувате.
Добра идеја е кога детето има тантрум да останете смирени и да бидете до него. Ако излезете од собата – колку и да ви изгледа тоа примамливо –  вашето дете може да се почувствува напуштено. Бурата на емоции низ која поминува може да биде застрашувачка и затоа ќе се чувствува побезбедно ако знае дека сте близу. Некои експерти препорачуваат да го кренете вашето дете в раце бидејќи во вашата прегратка ќе пронајде утеха. Но, други велат дека е подобро да го игнорирате тантрумот сè додека вашето дете не се смири, да не го наградувате неговото негативно однесување. Преку многу обиди и грешки ќе дознаете кој пристап е соодветен за вашето дете.

2. Запомнете дека вие сте возрасниот

Без разлика колку долго трае тантрумот, немојте да попуштите и да ги прифатите неразумните барања на вашето дете. Особено кога сте на јавни места ви доаѓа да му попуштите за да ѝ се стави крај на епизодата. Обидете се да не се грижите за тоа што мислат другите – секој што е родител се нашол во таква ситуација.
Ако избувнувањето на вашето дете ескалира и тоа почнува да удира луѓе или миленичиња, да фрла работи или да вреска без престан, земете го и однесете го на безбедно место, на пр., во неговата спална соба. Кажете му зошто е таму („бидејќи ја удри тетка ти“) и кажете му дека ќе останете со него сè додека не му помине бесот. Ако сте на јавно место – бидете спремни да си заминете.

3. Разговарајте со него

Откако ќе се смири бурата, земете го вашето дете в прегратка и разговарајте за тоа што се случи. Прифатете ја неговата фрустрација и помогнете му да ги изрази чувствата со зборови, на пр., речете му: „Беше многу лут бидејќи твоето јадење не беше како што го сакаш“. Откако ќе се изрази со зборови, ќе добие подобри резултати. Кажете му со насмевка: „Жал ми е што не те разбрав. Сега кога не врескаш повеќе, можам да разберам што сакаш“.

4. Обидете се да ги избегнете ваквите ситуации

Обидете се да откриете кои ситуации го вознемируваат вашето дете и соодветно планирајте. Ако се вознемирува кога е гладно, носете со себе ужина. Ако се вознемирува кога преминувате од една активност во друга, дајте му нежно предупредување пред промената. Предупредете го дека ќе си одите од игралиштето, или ќе седнете да вечерате („Ќе јадеме кога ти и тато ќе ја завршите приказната“), дајте му шанса да се приспособи.
Вашето дете се бори со независноста, па затоа понудете му избор секогаш кога е можно. На пример, прашајте го: „Дали сакаш пченка или морков“ наместо „Јади ја пченката!“ Тоа ќе му даде чувство на контрола. Следете колку често велите „не“. Ако го кажувате тоа рутински, веројатно создавате непотребен стрес, и кај вас и кај вашето дете. Обидете се да се опуштите. Дали навистина ќе ви се уништи денот ако поминете дополнителни пет минути на игралиште?

5. Препознајте ги знаците за стрес

Иако тантрумите се нормален дел од детското растење, треба да внимавате на можните проблеми. Дали имало пресврт во семејството? Тензија меѓу мајката и тато? Сите овие работи може да предизвикаат тантруми. Ако и по 30-месечна возраст детето продолжи со тантруми секој ден, разговарајте со вашиот доктор. Ако вашето дете е помало од 30 месеци, има три или четири тантруми на ден и не соработува со вас кога сакате да му поставите рутина, како облекување или собирање на играчките, исто така можете да побарате помош. Вашиот доктор може да провери дали детето има сериозни физички или психолошки проблеми и да ви предложи начин за справување со испадите.

 



912

X