Сите деца имаат топка, но со неа не играат колку што треба. А тоа е голема грешка. Во ерата на модерната технологија таа неправедно е запоставена, иако е моќно оружје за развојот на децата.

Детето природно учи низ игра и движење. Играњето е во човековата природа, тоа е основна потреба и елементарен начин на изразување. На децата им е потребно да се движат за здраво да се развиваат и добро да се чувствуваат. Движењето е темел за развој на мозокот, наведува д-р Ранко Рајовиќ.

Постигнувањето добар успех во моториката позитивно се рефлектира и врз останатите полиња на функционирање на детето. Физичката активност за човекот, а особено за детето во развој, е неопходна. НТЦ-системот на учење тоа го уважува. Програмата на работа на НТЦ-работилниците ја истакнува и големата важност на физичката активност во природа, како и во секојдневните интеракции дете-возрасен во самиот процес на учење.

Има сè повеќе деца има со комбинирани тешкотии (хиперактивност, дислексија, дисграфија, полоша фина и груба моторика, држење пенкало, држење на телото, седење, послаба концентрација, внимание и меморија…), а една од многубројните причини за тоа е ограничувањето на моторичките игри. Експертите, а и родителите постојано трагаат по нови средства и нови технолошки откритија, а со децении наназад на сите им било јасно дека средството, односно играчката веќе постои, на сите ни е на дофат, така едноставна и магична, нејзиното величество – ТОПКАТА.

Да, сè би можело да биде многу едноставно, но во овој момент самиот збор ТОПКА раѓа голем број можни проблеми кај денешните родители, а и експерти. Следуваат различни прашања: Каква топка е потребна? Која големина? Која тежина? Која боја и слично… Одговорот е лесен, на детето му е потребна топка. Драги родители, оставете го детето само да ја избере топката, понудете му две или три, но изборот нека биде негов. Неверојатно е, но детето само ќе ја избере онаа играчка, во овој случај топка, која навистина му е потребна.

Искуството ни говори дека потешко одбираат топка децата што имаат проблем во проприоцептивната интеграција. Проприоцепција, која често се нарекува шесто сетило, е способност за контролирање на мускулите и рамнотежата, со чија помош лицето се спротивставува на гравитацијата. Гравитациското влијание е еден од најголемите стимулатори на нервната структура бидејќи се одвива константно, за разлика од останатите дразби. Гравитацијата е толку силна дразба, што живиот свет без неа не би постоел. Научниците испратиле живи организми во вселената за да тестираат како недостигот на гравитација влијае врз мозокот, па увиделе брза и значајна дегенерација на мозочните клетки. На гравитацијата ѝ се спротивставуваме користејќи ги своите големи мускули и зглобови, што е многу важна способност на нашето тело.

Можеме да заклучиме дека мирувањето, претераното користење на паметните телефони или седење пред телевизорот, го намалува влијанието на гравитацијата како важна дразба која во голема мера влијае врз развојот на мозокот.  Има сè повеќе деца на кои им недостига внатрешната карта на сопственото тело, таканаречена шема на телото, која кај децата со типичен развој се формира во првите години од животот. Многу деца не можат да ги препознаат деловите од своето тело во огледало, иако знаат дека имаат нос, па кога ќе ги прашаме да го покажат, често се случува да покажат некој друг дел на главата, на пример уво. Таквите деца се несмасни и често се удираат во предметите што ќе им се најдат на патот. Кога стојат и ги затвораат очите, се нишаат и се тетерават. Таквиот впечаток на оддалеченост од своето тело има силно влијание и врз социјализацијата и емоционалниот развој на детето.

На децата им е потребно подобро да го чувствуваат своето тело и неговите граници, па со нив треба да се вежба доживувањето на шемата на телото со следните вежби: Стави ја топката на глава! Подигни ја топката со левата рака! Стави ја топката зад грб и слично. Додека ги следат овие инструкции, воедно учат да владеат и со просторната и временската димензија. Детето кое не ја совладало фината моторика главно ќе ја избира најмалата топка и ќе се обидува да манипулира со неа, тоа е добро, бидејќи тогаш вежба одредена вештина водено од внатрешна мотивација, а тоа е важен фактор во учењето. Некои деца ќе одбираат релјефни, бодликави топки. На таквите деца потребно им е да направат добар баланс во тактилната сензорност. Па затоа треба да им се препушти изборот на топка на децата.

Во денешно време факт е дека топката е запоставено, а секако моќно оружје за развој. Дете од 5 години е способно да ја фати топката со 2 испружени раце, односно со дланките. Во Србија само 50 отсто од децата на таа возраст можат да фатат 10 пати фрлена топка со испружени раце. Доколку детето не е стимулирано навреме, некои вештини нема да се развијат целосно. Стимулативното опкружување директно се одразува врз развојот на мозокот, пред сè, на кората на големиот мозок, придонесувајќи за оптимален развој на вештините и способностите на детето. Големо е значењето на топката и таа е најдобра играчка на сите времиња и еве зошто:

– Активностите со топка ги намалуваат тешкотиите во визуелно-моторичката координација.

– Во водените активности децата учат да почитуваат наредби – од едноставни до сложени инструкции – и се учат дека секоја работа има свој редослед кој е многу важен.

– Активностите со топка ја подобруваат способноста за просторни претстави.

– Исто така, со следењето наредби ја совладуваат и временската димензија.

– Учат да го организираат телото во согласност со инструкциите што ги добиваат: Земи ја топката со левата рака и оди по нацртаната линија и сл.

– Активностите со топка го интегрираат сетилото за вид, слух, рамнотежа, тактилното и перцептивно сетило, се активираат голем број регии во кората на големиот мозок, па со самото тоа се гради и богата невронска мрежа.

– Се намалуваат тешкотиите при одредување на големина, растојание и јачина.

– Одлична аеробна активност која придонесува за подобар доток на кислород во мозокот.

– Топката ни дава можност корективно да влијаеме врз хиперактивното однесување и во многу аспекти може да се поправи.

– Го зголемува обемот (должината) на вниманието.

Топката е важна за развој и стимулација на региите во кората на големиот мозок за динамичка акомодација, фина моторика и рамнотежа. Топката е моќно средство во раната превенција од диспраксија, дисграфија и дислексија, нарушувања кои може да се јават во училишна возраст.

Со гледањето ТВ и седењето на компјутер сè повеќе се запоставува развојот на оваа важна функција на окото, што може да резултира со намалување на бројот на синапси во одредени регии на мозокот. Динамичката акомодација се развива речиси во целост до петтата (седмата) година со брзи движења на окото, трчање, следење предмети, прескокнување препреки, а децата денес сè почесто ја заменуваат играта со гледање во екран, што многу негативно влијае врз развојот, истакнува Рајовиќ.

Топката е идеално средство за оваа вежба бидејќи со следењето на топката окото постојано се приспособува, тоа се различни активности: помеѓу два огна, дофрлање топка, тркалање, додавање, тенис, пинг-понг и многу други. Активностите и идеите се многубројни. Богатата колекција на заборавени топки се наоѓа во секоја куќа, секоја топка е добра, без разлика дали е голема или мала, фрлена во мрежа или слободна, важно е да се користи, а децата да ја земаат и следат.

Топката не е скапа и е достапна за секое дете. Играчка за секого и за сè!

Вообичаено е децата да сакаат моторички игри, особено со своите родители, па уште во најрана возраст уживаат во активностите со топка, но поразително е за нас како родители како и на кој начин намерно се обидуваме да ги одвоиме од таа играчка и да ги префрлиме децата во виртуелен свет, светот на игри и ТВ-програми.

Намалете со гледање ТВ. Понудете му на детето други содржини. Играњето е важен фактор за развој. Играјте го со своето дете сето она што ќе ви го предложи, менувајте улоги, но ненаметливо контролирајте го текот на играта. Заедничката игра е непроценливо важна за развивање на интимноста и делењето на најфините и најскриените емоции, а топката ви е сојузник во тоа.

Автор: Аница Јездиќ

Извор



912

X