Пред неколку недели бев длабоко потоната во работата на една статија што ја уредував кога слушнав врескање оддолу. Можев да го слушнам липањето на мојата 4-годишна ќерка затоа што ја вознемирувал звукот на машината за перење, звук што никогаш претходно не ја вознемирувал.

Интелектуално, сфатив дека мојата ќерка ја има потребната поддршка од повеќе луѓе. Но, сепак, чувствував дека треба да одам и да го утешам моето дете. Се спротивставив на импулсот додека ги слушав другите како ги бришат солзите на моето девојче, но ми беше потребен половина час за да ја вратам концентрацијата. Тоа ме натера да се запрашам: Дали оваа реакција е типична за родителите или само за мене?

Почнав да истражувам и открив дека возрасните луѓе имаат физички одговор кога слушаат како плачат децата, и не мора да се родители за да ја имаат оваа реакција. Иако повеќето истражувања ги испитувале реакциите на плачењата кај бебињата и децата, а не тантрумите на претшколските деца, истражувањето покажало дека плачењето инспирира низа физиолошки реакции кај возрасните, вклучувајќи и повисок пулс, мали промени во крвниот притисок и промена на кожата.

Д-р Кристин Парсонс, психолог и вонреден професор на Универзитетот „Архаус“ во Данска, која ги проучувала физиолошките реакции на плачењата кај новороденчињата, вели дека мозокот почнува да реагира на плачење речиси во моментот. Тоа се случува многу брзо, побрзо од 100 милисекунди и тоа не е одговор што е во свесноста на човекот. Но непосреден одговор предизвикува и други невролошки реакции. Таа истакнува дека плачењето на новороденчињата со текот на времето еволуирало да биде максимално вознемирувачко за да го привлече нашето внимание повеќе од другите работи во околината.

Тоа има смисла, со оглед на тоа што бебињата имаат потреба од вниманието на возрасните за да ги задоволат основните потреби и да преживеат. И покрај тоа што моите деца се на возраст од 7 и 4 години, дел од мојот мозок што се буди за 100 милисекунди сака да ги заштити.

Како што истакнува д-р Парсонс, возрасните кои сè уште не се родители имаат слични одговори на плачењето на бебињата, за разлика од некои други животни.


– Глодачите мора да се породат за да имаат вакво чувство. Кај луѓето нема ваков селективен одговор – вели таа.

Иако го ценам ова објаснување, не ми помага бидејќи се соочувам со уште неколку месеци работа од дома, а тоа значи дека и моите деца ќе учат од дома. И ова не им помага и на другите родители. Потребно е да најдам начин да усогласам барем одреден процент од ирационалните падови кога се грижам за децата и работам истовремено, за да си ја задржам работата и да го зачувам она што ми останало од здравиот разум.

Ако реагирам на секое лелекање и плачење, тоа нема да биде добро за никој во нашето домаќинство.

– Кога прекумерно ги активирате овие системи на емоционална емпатија, тоа може да предизвика нешто што го нарекуваме „емпатично прекумерно возбудување“ – вели д-р Џејмс Рилинг, професор и шеф на одделот за антропологија на Универзитетот „Емори“ во Атланта.

Затоа, побарав совет од Кристал Кларк, психијатар и вонредна професорка на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Нортвестерн Фајнберг“ во Чикаго, за тоа како да се справите кога концентрацијата ќе ви падне поради оваа работа. Таа вели дека најпрво е потребно да проверите како се чувствува вашето дете. Вие најдобро го знаете детето: ако неговата вознемиреност е екстремна, обидете се да издвоите неколку минути од работниот ден за да го смирите.

– Под претпоставка дека немате состанок вреден милион долари во следните пет минути, толку време е потребно за да го утешите детето – вели д-р Кларк.

Не ѝ е потребна на секоја солза внимание, плус децата треба да се научат сами да се смират. Значи сега, името на играта е „поставување граници“ и со вашите деца и со работодавците, вели д-р Кларк. Колку што е можно, известете ги вашите деца и вашите шефови кои часови ќе бидете на располагање, како и дека ќе ви биде потребна флексибилност. За вашите деца потребен е визуелен сигнал дека работите, на пример, знаме или знак, и тоа може да помогне тие да научат кога е во ред да ве прекинуваат, а кога не е.

Ако чувствувате дека вашето тело почнува да реагира, обидете се да направите пауза, советува д-р Кларк. Треба да бидете во согласност со вашето тело и она што му треба, без оглед дали тоа е кратка прошетка, затворање на очите и длабоко дишење.

– Сите имаме рокови, сите имаме работи што треба да ги извршиме на дневно ниво, па не заборавајте дека треба да го одржувате и сопственото ментално здравје – вели таа.

Автор: Џесика Гроуз
Извор



912

X