Татковците често се посреќни, под помал стрес и помалку уморни во споредба со мајките кога се грижат за децата. Зошто е тоа така, можеби и сами знаете, особено ако припаѓате на женскиот пол, но сега одговор дадоа и научниците и поставија неколку нови прашања вредни за размислување.

Постојните истражувања покажале дека мајките се поуморни, под поголем стрес и понесреќни од татковците кога станува збор за грижата за деца и вложувањето време во нив. Истражувачите одлучиле да ги откријат причините за таквата состојба, па ги набљудувале активностите поврзани со грижата на детето, за кои типови активности се работи и како се поделени помеѓу родителите. Кадла Мекдонел, докторнад по психологија и демографија на Универзитетот „Пен“ од Пенсилванија, САД, смета дека резултатите покажуваат родова поделеност меѓу активностите. Иако татковците општо земено се многу повклучени во животот на своите деца отколку во минатото, родителството и понатаму е под влијание на родовите норми.

– Постојат многу видови активности што може да се сметаат за грижа за децата, но некои се понапорни и помалку пријатни од другите. Семејниот излет на игралиште различно ќе им влијае на родителите од, на пример, менувањето пелени среде ноќ. Во нашето истражување се обидовме да ги забележиме тие варијации и да видиме дали се поврзани со разликите во расположението што ги гледаме меѓу мајките и татковците.

Татковската грижа најчесто вклучува игра и спорт, и тоа во викенди

Истражувачите користеле податоци од американскиот попис на населението. Податоците вклучувале информации за различни активности поврзани со грижата околу децата, за тоа кој ја извршувал активноста и какво било расположението на личноста. Истражувачите ги поделиле активностите во категории: физички (основни потреби како јадење и спиење), рекреациски (игра и спорт), образовни (помагање при домашни задачи или состанок со наставникот) и управувачки (планирање посети на доктор или превоз на децата). Преостанатите димензии вклучувале и прашања кога и каде се одвивала активноста, кој бил присутен во текот на активноста и колку време траела активноста.

Се покажало дека татковската грижа за децата најчесто е рекреативна (игра и спорт), се одвива во текот на викендот, додека активностите на мајката почесто вклучувале новороденчиња и биле во категоријата „соло-родителство“, без помош од партнерот, што произведува повеќе стрес и помалку среќа.

– Нашите откритија покажуваат дека некои аспекти од родителството се попријатни од другите и дека начинот на кој грижата за децата се распределува помеѓу мајката и таткото моментално донесува поголема емоционална награда за татковците отколку за мајките. Но, нашите податоци не може да кажат дали резултатот е личен избор или тоа е реакција на надворешните општествени влијанија, како работата – вели Мекдонел.

Зошто се чини дека мајките ја преземаат грижата за децата во контексти кои помалку емотивно наградуваат?

– Традиционално, грижата за деца се смета за темел на женскиот идентитет, секако, повеќе од машкиот, што би сугерирало дека мајките гледаат поголема смисла во грижата за децата. Но, тоа не е така – и мајките и татковците сметаат дека грижата за децата е смислена и нема разлики според полот – вели Мекдонел. Затоа се смета дека во иднина дополнителните истражувања би можеле да се насочат на тоа како грижата за децата може да има дополнително влијание врз благосостојбата на родителите од двата пола.

– Од други истражувања знаеме дека родителите имаат послабо животно задоволство од луѓето што не се родители, а тоа особено се однесува на жените. Интересно прашање би можело да биде како тоа е поврзано со грижата за децата во зависност од полот на родителот. Зошто се чини дека мајките ја преземаат грижата за децата во контексти кои помалку наградуваат емотивно? И како партнерите би можеле да ја делат грижата за децата на начин на кој еднакво ќе бидат наградени? Тоа се многу важни прашања – вели Мекдонел.

Разговор на оваа тема секако е потребен, не само со жените и мајките, туку и со заедницата, општеството, а најважен е за благосостојбата на семејството. Бидејќи ако еден член од семејството е незадоволен, легитимно е да се праша дали тоа семејство може да биде среќно?

Извор



912

X