Ако се вадите на тоа дека „јадете за двајца“ во бременоста, би требало да пронајдете друг изговор за да ја изедете таа крофна. Новото истражување во списанието „Акушерство и гинекологија“ открило дека речиси половин од жените добиваат премногу килограми во текот на бременоста, што може да доведе до здравствени проблеми за мајката и за бебето. „Кога жената добива премногу килограми во бременоста, се зголемува ризикот од прекумерна породилна тежина за бебето, што може да доведе до проблеми со дебелина во детството, но исто така, се зголемува и ризикот од компликации при породувањето, како што е пукање на перинеумот, претерано крвавење и можен царски рез“, објаснува епидемиологот Андреа Шарма и додава: „Често може да биде потешко за мајката да ги изгуби килограмите после породување, а со тоа има поголем ризик од прекумерна дебелина“.

Според Институтот за медицински истражувања, жените кои имаат Телесен индекс на маса помал од 18.5 би требало да добијат од 12 до 18 килограми во текот на бременоста, жените кои бременоста ја почнуваат со нормална тежина (BMI помеѓу 18.5 – 24.9), би требало да добијат од 11 до 15 килограми во бременоста, а жените кои се со поголема маса (BMI поголем од 30) би требало да добијат помеѓу 4 и 9 килограми повеќе во бременоста. Иако неколку килограми над наведеното е воглавно прифатливо, сепак изгледа дека многу жени добиваат многу повеќе килограми отколку што е препорачано.

Бременоста никако не значи дека треба да јадете за двајца

Првенствено е проблем идејата дека бремените жени би требало да имаат двојни порции во текот на бременоста. „Бременоста никако не значи дека би требало да јадете за двајца. Всушност, препорачаните дополнителни калории се всушност многу малку“, вели д-р Шарма и додава дека на жената не и се потребни никакви дополнителни калории во првото тромесечје. Во текот на второто, на жената и се потребни 340 дополнителни калории, а во текот на третото дополнителни 450 калории. „На пример, дополнителни 350 калории се всушност еднакви на дополнителен меѓуоброк кој се состои од една средна јаболка, еден јогурт и еден грст бадеми“, објаснува д-р Шарма.

Уште еден фактор: Многу трудници не вежбаат толку колку што би требале. „Доаѓаме од култура во која телесната вежба во текот на бременоста не е поттикнувана, а тоа секако треба да го промениме“, вели Шарма и истакнува дека жените кои имаат бременост без компликации треба да поминат барем 150 минути дневно во телесна вежба и активности од среден интензитет. Таа цел можат да ја достигнат со брза прошетка од 10 до 20 минути во текот на неделата. Уште еден проблем со насобраните килограми во текот на бременоста е дека многу жени после породувањето не ги губат сите килограми, што може да доведе до понатамошни компликации, како висок крвен притисок и дијабетес.

Клуч на успехот?

Клучно е да одредите со својот лекар колку килограми би требало да добиете во текот на бременоста, но и да откриете најдобар начин како да останете доследни во тоа, на пример, не е лошо да се направи распоред за неделен внес на калории. Добри вести се дека диета не се препорачува. Д-р Шарма објаснува дека трудниците треба да јадат многу овошје, зеленчук, немасно месо и житарки за да се ограничи внесот на дополнителен шеќер, пржена храна, мрсна храна и други нездрави маснотии.

Извор



912

X