Пред 13 години, кога бев нова, млада и неискусна професорка, морав да ја повикам мајката на една ученичка за да ја известам дека ќе почнам дисциплинска постапка поради плагијаторство и дека нејзината ќерка за тоа ќе добие нула. „Не можете да го направите тоа. Таа не направи ништо погрешно“, ми рече мајката налутена. „Но, направи. Пронајдов цели пасуси што се прекопирани од различни страници“, плашливо ѝ одговорив. „Не, мислам таа не направи ништо погрешно. Јас направив. Јас го напишав нејзиниот есеј“.

Не се сеќавам што одговорив на тоа, но ми беше потребно малку време да се приберам и да го „сварам“ тоа што го слушнав. А и што можев да направам? Да ја суспендирам мајката? Да ја заклучам и да ја натерам 100 пати да пишува на таблата „Нема да ги пишувам есеите на мојата ќерка препишувајќи текстови од интернет?“ Мајката даде образложение за својата постапка: Нејзината ќерка била под голем стрес и таа не сакала девојчето да се разболи. На крајот од таа приказна, девојчето доби нула и лично се погрижив повторно само да го направи есејот. Се разбира, не сум имала авторитет да ја воспитам нејзината мајка, но тоа многу пати го направив во сон. Иако не сум сигурна дали и мајката нешто научи од тоа искуство, ќерката научи дека мора да ги сноси последиците, а јас извојував своевидна победа. Сега повеќе не се нервирам околу тие „стари“ навики, како мајка која малку повеќе му помага на детето околу домашната по математика, татко кој ја изработува задачата на детето од техничко образование. Тоа е честа појава.

Родителите ги одгледуваат своите деца да бидат беспомошни и немоќни

Денес наставниците се среќаваат со целосно ново ниво на презаштитеност: родителите ги одгледуваат своите деца да бидат беспомошни и немоќни, па децата им се предодредени на анксиозно растење, па им недостигаат емоционални знаења потребни за надминување на неизбежни лоши ситуации.

Мислев дека сум поминала многу нешта сè додека не го прочитав истражувањето на Технолошкиот универзитет „Квинсленд“ од авторката Џудит Лок, кое претставува „оцена на концептот за претерано заштитничко родителство од страна на професионалци кои се занимаваат со родителство“. Претерано заштитничкото родителство, според ова истражување – претставува „погрешно мотивиран обид за поправање на моменталниот и иден личен и образовен успех на детето“. Во обид да го разберат таквото однесување, авторите анкетирале психолози, училишни советници и наставници. Авторите ги прашале овие стручни лица дали биле сведоци на претерано заштитничко родителство и оставиле простор за опис на таквите ситуации. Иако релативно малиот примерок и дискутабилен метод на субјективно самопријавување фрлаат сенка врз статистичкото значење на истражувањето, примерите наведени во извештајот даваат доволно материјал за прераскажување.

Некои примери се веќе видени: на детето не му е дозволено да оди на камп со другари или да учи да вози, родителот ја сече храната и пакува посебни чинии за забавата за своето 16-годишно дете, бидејќи тоа е пребирливо. И додека ми е жал за тие деца, не се грижам. Тие ќе се осамостојат еден ден и ќе закрепнат од презаштитеното детство.

Родители кои брзо се одѕиваат на барањата на детето, а малку бараат од него

Примерите кои ме загрижуваат се оние што имаат потенцијал да ја уништат самодовербата на детето и да ја намалат вредноста на значењето за учење на самостојноста. Според авторите на истражувањето, родителите што го прават тоа, „перспективата на своето дете ја сметаат за вистинска, без разлика на фактите“, и попрво му веруваат на своето дете отколку на возрасно лице и ја негираат и самата можност дека нивното дете било виновно или дека би можело да направи нешто слично.

Она што ние, наставниците, најчесто го гледаме е она што авторите на ова истражување го викаат родители кои „брзо се одѕиваат на барањата на детето, а малку бараат од него“. Овие родители одговараат на сите потреби и неволји на своите деца, не давајќи им шанса самите да ги решат своите проблеми. Овие родители „брзаат на училиште при првиот повик на своето дете за да му дадат некои работи, како што се заборавен ручек, заборавени домашни задачи, заборавена облека и бараат подобри оценки и се закануваат со откажување од училиштето.

Еден ученик во истражувањето го опишал проблемот на следен начин: „Работев со голем број родители што толку многу ги заштитуваат своите деца, што тие не научуваат да преземат одговорност за своите постапки. Децата може да развијат чувство дека нешто им припаѓа и дека сè заслужуваат без труд, а на родителите тогаш им е тешко да соработуваат со училиштето – да имаат доверба, да бидат кооперативни и фокусирани на решение на проблемот, што би им користело и на детето и на училиштето“.

Тоа се родителите кои најмногу ме загрижуваат – родители кои не му дозволуваат на детето да учи. Наставниците не предаваат само читање, пишување и аритметика. Ние ги учиме децата и на одговорност, организација, манири, воздржаност итн. Овие вештини можеби нема да бидат оценети на стандардизираното тестирање, но додека децата го планираат својот пат во возрасната доба, тие се убедливо најважните животни вештини што ги предаваме. Не предлагам родителите слепо да им веруваат на наставниците на своите деца. Ни јас не би го направила тоа. Но децата грешат, а кога тоа ќе се случи, важно е родителите да запомнат дека едукативната корист од последицата на таа грешка е подарок, а не занемарување на обврските.

Фантазирам за денот кога ќе ми биде доверено да ги научам моите ученици како да се справат со ударите, да пронајдат пат низ тешкотијата

Од година на година моите „најдобри“ ученици – оние најсреќните и најуспешните во својот живот – се оние ученици на кои им е дозволено да погрешат, да одговараат за тоа и кои се поттикнати да бидат најдобри што можат, и покрај своите грешки.

Завршив со фантазирањето за тоа како онаа мајка од пред 13 години ја здогледува светлината. Тој брод отплови и направив најдобро што можев за нејзината ќерка. Секоја година уверувам некој родител: „Овој неуспех/грешка ќе биде најдобрата работа што му се случила на вашето дете“ и одамна прифатив дека повеќето родители нема да ми веруваат. Тоа е во ред. Трпелива сум. Лекциите што ги предавам во училиште обично не се исплаќаат со години и не очекувам благодарници. Научив да уживам и да пронаоѓам задоволство во секојдневните часови и во времето што го поминувам со децата на кои образованието им е потребно.

Но, фантазирам за денот кога ќе ми биде доверено да ги научам моите ученици како да се справат со ударите, да пронајдат пат низ тешкотијата на адолесценцијата и цврсто да стојат пред предизвиците – предизвици кои имаат моќ да ги трансформираат денешните деца во снаодливи, компетентни возрасни луѓе со самодоверба.

Автор: Џесика Лахеј

Извор



912

X