Ако љубовта е зависност, тогаш првата љубов е првата доза.

Во 2005 година биологот и истражувач Хелен Фишер во својата истражувачка работа за парови дошла до заклучок дека романтичната љубов е мотивациски систем наместо емоција (или збир на емоции). Фишер и другите дошле до ова знаење користејќи функционална магнетна резонанса (fMRI) за да го проучуваат мозокот на луѓето што се заљубени. Значи, што се случува во мозокот кога ќе се заљубиме? Според студијата од 2017 година на Медицинскиот факултет „Харвард“, се случува следново:

Окситоцинот, попознат како „хормонот на љубовта“ – одговорен за нашите чувства на приврзаност и интимност, се ослободува. Се ослободува и допамин, хормон кој се зголемува кога некоја активност ја поврзуваме со задоволство и награда. Тука доаѓаме до „зависната“ страна на љубовта. Ја бараме љубовта како награда дури и кога пречките можат да бидат опасни или болни (на пример, партнер кој изневерува). Норадреналинот, хормон сличен на допаминот, исто така се ослободува во почетните фази на љубовта (копнеж или екстаза) и поради него сме расеани, полни со енергија и еуфорија. За време на сексуалниот однос со партнерот, нивото на кортизол се намалува. Кортизолот е примарен стрес-хормон кој се ослободува во напнати ситуации. Кога не се лачи, ние сме поопуштени и ранливи, па често „сексот без обврски“ се претвора во нешто повеќе. Вие сте поранливи и значително се зголемуваат нивоата на хормони кои ве врзуваат за таа личност.

Нивото на серотонин е намалено – ова е важно да се забележи бидејќи луѓето на кои им е дијагностицирано опсесивно-компулсивно нарушување, исто така, имаат ниско ниво на серотонин. Ова води до шпекулации дека љубовта предизвикува склоност кон опсесивно-компулсивно однесување. Горенаведеното истражување вели дека бидејќи љубовта обезбедува некаков хемиски фидбек за нашиот мозок, постојаното создавање на овие хемиски реакции на крајот ќе стане човечки инстинкт или мотивација да се биде вљубен.

Ни треба подолго време за да ја преболиме првата љубов

Сите можеме сосема точно да се сетиме на чувството кога првпат сме се заљубиле и повторно да го почувствуваме напливот на сите хормони – само за сето тоа да исчезне кога таа врска ќе се распадне. Раскинувањето е сложена и емотивна работа, но ниту едно не е толку тешко како првото раскинување и прекин на првата љубов. Според студијата од 2017 година на списанието „Позитивна психологија“, 71% од луѓето закрепнуваат од раскинувањето во рок од три месеци. Се смета дека со закрепнувањето, лицата повторно се пронашле и „имаат повеќе позитивни емоции“. Се разбира, чувството на тага, лутина и горчина може да трае. Но, обично луѓето го продолжуваат животот три месеци по раскинувањето.

Зошто првата љубов подолго останува во срцето?

Истражувањата на оваа тема се ретки, па вистинската причина можеме само да ја погодиме со анализа на состојбата на нашиот мозок кога сме заљубени (што знаеме). Првиот пат кога ќе се заљубите, вашиот мозок го обработува сето горенаведено (зголемување на позитивните хормони, намалување на негативните). Многу студии потврдиле дека нашиот мозок го доживува заљубувањето речиси како зависност. Првиот пат е можеби најважен бидејќи ги поставува темелите. Веројатно секој ја доживува првата љубов во адолесценцијата кога нашиот мозок сè уште се развива.

Иако песна или слика може да нѐ потсети на нашата прва љубов, хормоните се всушност одговорни за нашата меморија и чувството на нежност кон таа личност. Хормоните оставаат „отпечатоци“ на мозочните рецептори додека нашиот нервен систем сè уште се развива и нѐ формира како поединци. Џеферсон Сингер, психолог фокусиран на автобиографската меморија, вели дека повеќето луѓе доживуваат „врв на меморија“ на возраст од 15 до 26 години. Ова се случува во време кога нешто пробуваме првпат (возење автомобил, секс, заљубување…). Подоцна во животот овие спомени остануваат импресивни бидејќи сме ги доживеале кога меморијата ни била подобра.

„Можеме повторно да ги доживееме и да размислуваме за нив“, вели Сингер. Оваа идеја ја поддржуваат и други научници кои објаснуваат дека мозокот е најактивен, а меморијата најдетална околу 18-тата година од животот. Првата љубов функционира и психолошки. Според д-р Нило Дардасти, терапевт за парови, искуството на првата љубов создава основа за идните врски. Како што нашата перцепција за платонска или семејна љубов ја формираат родителите или бабите и дедовците, така и идејата за романтична љубов се формира од првата љубов. Има уште многу да се истражува на оваа тема, но љубовта не влијае врз нас само додека сме заљубени. Нејзиното влијание врз нашето тело и ум продолжува во текот на животот, а моќта на оваа појава е многу тешко да се објасни.

Алберт Ајнштајн: „Како со законите на биологијата или физиката ќе објасните толку важен феномен како првата љубов?“

Извор



912

X