Кај лекарите приказните за уроци не поминуваат. Здраво бебе и треба да плаче, вели педијатарот д-р Александра Михајловска

Некој да му забае на бебе што многу плаче, да му се облече нешто наопаку или да се поплукува се само народни верувања кои кај нас сè уште се провлекуваат. Судејќи по прашањата и одговорите на социјалните мрежи, многу тазе родители веруваат во уроци и „лекови“ за нив или, пак, пробуваат сè, како што велат, поради чувството на беспомошност и уморот, што од неспиење што од стресот оти не можат да го смират бебето.

Кај лекарите приказните за уроци не поминуваат. Здраво бебе и треба да плаче, вели педијатарот д-р Александра Михајловска. Ја прашавме поради што сè плачат бебињата.

– За нас, педијатрите, загрижувачка би била состојбата во која бебето не плаче.
Плачот кај бебињата е начин на комуникација со околината, тоа е знак за некаква потреба. Потребите се најчесто едноставни, а тоа се преслекување, хранење, затоплување или нежност и топлина од страна на мајката. Плачот секогаш предизвикува паника и страв кај родителите, и тие се многу загрижени – објаснува докторката.

Д-р Александра Михајловска

Колку време плачат

Во првите три месеци, вели д-р Михајловска, бебињата плачат по два часа во просек и тоа е резултат на адаптација на новата средина, на нивното воспримање информации како од надворешната така и од внатрешната средина, а сето тоа е резултат на сè уште незрелиот нервен систем. Потоа, како расте и созрева бебето, се намалува времето на плачење.

– Исто така, во првите три или четири месеци загрижувачки за родителите се бебешките (инфантилни) грчеви. За нив зборуваме ако се јавуваат подолго од три часа дневно, најмалку трипати неделно, кај здраво новороденче или доенче. Нивното настанување во целост не е разјаснето. За нивно смирување се користат најчесто конзервативни методи: масажа на стомак во правец на движење на стрелките на часовникот, правилно доење и по секој подој редовно да се исправи бебето за да подждригне, да го ослободи вишокот гасови од цревата што во текот на доењето ги примило. Поставување на стомак исто така е од помош. Постојат и некои медикаменти што ги ублажуваат грчевите – вели докторката.

Што да проверите

Таа советува при здрав и јак плач, родителите да проверат дали има покачена температура, затнато носе, црвенило во пеленска регија.

– Кај машките бебиња треба да се провери дали има оток и црвенило на тестисите. Родителите треба да забележат дали има бледило, а и за упорно повраќање, крв во изметот, потребна е лекарска консултација – додава д-р Михајловска.

Зајдување од плачење

Многу родители се преплашени и поради зајдување од плачење кај децата, објаснуваат педијатрите. Деца на возраст до четири години доживеале ситуација да помодрат и да зајдат од плачење.
Стручно уште се нарекува респираторна афективна криза, назив кој го користат педијатрите. Се работи за епизоди на краткотраен престанок на дишењето со можно краткотрајно губење на свеста и промена на тонусот на телото, непосредно по случката која предизвикува силни емоции или болка кај помалите деца. Се јавува кај 5 отсто од децата на возраст помеѓу шест и 18 месеци, а најчесто престанува кога детето ќе наполни шест години.
На педијатар треба да се обратите при првиот напад, секогаш ако помодрувањето и зајдувањето се појавуваат пред шест месеци или по 4,5 години, ако нападите се зачестени, силни, ако траат подолго од минута и ако се случуваат во текот на хранењето или менувањето на пелените.



912

X