Кога во 2015 година избувна епидемија на сипаници во калифорнискиот „Дизниленд“, при што заболеа 150 луѓе од седум држави и заразата се прошири до Мексико и Канада, реакцијата на интернет против родителите што не ги вакцинираат децата беше брза и сурова. Родителите беа обвинети за занемарување, а некои отидоа дотаму што рекоа дека треба да бидат кривично гонети. Некои ги критикуваа велејќи дека се себични и глупави.

Тара Хаеле вели дека тие окарактеризувања не само што се погрешни, туку и штетни.

Хаеле од прва рака знае како е кога се плашиш да го вакцинираш своето дете. Кога се роди нејзиниот син, таа одби да го вакцинира. Не знаејќи кои би можеле да се ризиците за новороденчето и чувствувајќи дека не истражувала доволно, таа одбила да го вакцинира за хепатитис Б, но два месеца подоцна се согласила за вакцината.

– Не бев глупава – всушност бев средношколка. Но бев исплашена, како и стотици други родители со кои разговарав во последните шест години за ова прашање – вели таа.

Денес Хаеле е новинар за наука и здравство и коавтор на книгата „Информиран родител: ресурс базиран на наука за првите четири години од животот на вашето дете“. Таа вели дека е важно да го смениме начинот на кој комуницираме за дилемите за вакцинација и да почнеме да одговараме со сочувство кон оние родители што се исплашени да не направат нешто погрешно и да му наштетат на своето дете, а сѐ што сакаат е да го заштитат. Обвинувачките напади се контрапродуктивни.

– Ако сакаме да се справиме со двоумењето и сомнежите околу вакцините, треба да се осврнеме на основните процеси што ги наведуваат луѓето да веруваат во стравови што немаат никаква научна основа – вели таа.

Проблем со успехот. Вакцинацијата претежно е норма. Националниот просек за ММР-вакцината е околу 94 отсто во градинките и повеќето родители не се ни двоумат дека треба да ги вакцинираат своите деца со оваа вакцина. На национално ниво, помалку од 2 отсто од децата што одат во градинка не биле вакцинирани во 2014 година. Но, епидемијата во „Дизниленд“ го истакна критичниот проблем што се јавува особено низ САД: родителите избираат да не ги вакцинираат своите деца, па стапките на вакцинација паднале на загрижувачки нивоа.

– Се наоѓаме во век кога можеме да совладаме повеќе од дваесет болести кои некогаш убиле милиони луѓе, а една од најголемите закани за јавното здравје не се самите болести, туку дилемите за вакцините – стравот што ги спречува родителите да ги вакцинираат своите деца.

Вакцините функционираат на два начина. Кај поединецот, телото произведува антитела како одговор на вакцината против болеста. Потоа, таа армија од антитела чека. Ако пристигне патогенот со кој е обучена да се бори, го напаѓа уште пред да почне инфекцијата. Но, механизмот надвор е исто така многу важен – раширената вакцинација ја намалува способноста за циркулација на болеста. Ако помалку заразени луѓе се шетаат, помалку заразени луѓе ја пренесуваат болеста – објаснува Хаеле.

Познатиот колективен имунитет не само што го штити поединецот туку ја штити и заедницата, особено најранливите – оние што не можат да се вакцинираат затоа што се премногу млади или премногу болни или имаат ослабен имунолошки систем. За малите сипаници, колективниот имунитет мора да биде најмалку 90 до 95 отсто кај населението, иако постојат аргументи дека треба да биде и повисок од тоа.

Сѐ се сведува на она што епидемиолозите го нарекуваат „основен репродуктивен број“ (RO) – односно бројот на луѓе што би се заразиле со болеста од едно заразено лице ако сите се подложни и никој не е заштитен од болеста. Ако R0 е помал од 1, инфекцијата умира. Но, колку е повисок R0, толку побрзо болеста ќе се шири кај популација. Морбилите, на пример, се многу заразни. Нивниот основен број на репродукција е од 12 до 18, што значи дека секој човек со мали сипаници може да зарази уште 12 до 18 луѓе. За споредба, минатата година разорнaтa епидемија на ебола во Западна Африка имаше проценет основен број на репродукција помеѓу 1,71 и 2,02. Ризикот од заразување со болест, исто така, треба да ги земе предвид другите фактори, како на пример како се пренесува болеста и колку долго останува заразна. Вирусот на мали сипаници се шири низ воздухот со кашлање и кивање и може да преживее во воздух до два часа. Заразеното лице може да го шири вирусот четири дена пред и откако ќе се појави исип. Колку е позаразна болеста, толку поголема треба да е стапката на вакцинација за да се заштити населението.

Иако националните стапки на имунизација за ММР се дури 94 отсто, онаму каде што колективниот имунитет паѓа под 90 отсто – во Колорадо просекот во државата е 86,9 отсто – постои ризик за појава. Во Сирија, на пример, каде што стапките на вакцинација паднаа од 95 отсто на 45 отсто, од детска парализа се разболеа 35 деца во 2013 година. Следуваа мали сипаници и голема кашлица во 2014 година.

Пристрасност кон достапноста. Вакцините се толку успешни во намалувањето на болестите, што ретко се соочуваме со нивните катастрофални ефекти. Пред да биде лиценцирана вакцината против морбили во САД во 1963 година, 3 до 4 милиони луѓе годишно се заразувале со оваа болест, а 400 до 500 од нив починале. Оваа година имаше 19 случаи во САД. Многу малку луѓе се плашат од сипаници или детска парализа, вели Хаеле, и во извесна смисла стравот од вакцината е заменет од стравот од болеста.

– Информациите што ни се најпристапни остануваат пред нас – вели таа – и имаме пристап до повеќе информации отколку што некогаш сме имале во минатото. Имаме тенденција да слушаме повеќе за повреди од вакцината – без разлика дали е вистина или не – отколку за болестите што сме ги искорениле. Тоа влијае врз тоа како размислуваме за ризикот, процес наречен пристрасност кон достапноста – нашата природна тенденција да се фиксираме на она што е очигледно наместо на она што е релевантно.

Можностите за сеење сомнежи се големи, вели д-р Шерон Кауфман, претседателка на Одделот за антропологија, историја и социјална медицина на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско. Веб-страниците и групите за дискусија поттикнуваат сомнеж и скептицизам во експертите и научните докази, вели Кауфман.

Но, фактите се прилично јасни. Голем број истражувања покажаа дека ризикот од многу сериозна реакција на вакцината е исклучително редок – 1 во 1 милион дози, според Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ). Нападот по вакцините, иако е застрашувачки за родителите, е исто така редок.

Во меѓувреме, ризикот на дете со сипаници да заболи од пневмонија е 1 на 20. Околу 1 дете на секои 1.000 деца со мали сипаници може да развие енцефалитис, оток на мозокот што може да предизвика глувост или интелектуална попреченост, и за околу 1 или 2 на секои 1.000 деца малите сипаници се фатални.

Трајно наследство. Родителите не се плашат само од алергиски реакции. Во 1998 година, истражување од Ендру Вејкфилд и неговите колеги посочи дека постои врска помеѓу ММР-вакцината и аутизмот, предизвикувајќи паника кај родителите. Истражувањето беше повлечено, а му беше одземена медицинската дозвола на Вејкфилд, но предизвика трајна штета. Во САД, тоа остави трајно чувство на несигурност, чувство кај родителите дека треба да се плашат од вакцините, дури и ако не знаат зошто, вели д-р Елизабет Розенблум, лекар за семејна медицина на Универзитетот на Сан Диего.

Меѓу пациентите Розенблум има родители кои или одбиваат вакцини или сакаат да вакцинираат по сопствен распоред. Некои родители се плашат дека давањето повеќекратни вакцини на нивното бебе ќе го совлада неговиот имунолошки систем, иако сите докази покажуваат дека нема вистина во ова тврдење.

Новороденчињата се соочуваат со милиони микроорганизми уште пред да ја напуштат болницата, им вели Розенблум на новите родители, многу повеќе од имунолошките компоненти во три или четири вакцини. Таа го споредува изборот на одложен распоред за вакцинација со одлуката да го возите бебето на возачко седиште во вашиот скут, и чекате да стигнете до одредена локација за да го ставите бебето во неговото седиште.

– Тоа бебе е незаштитено во тој период – вели таа.

За некои луѓе, неактивноста е побезбедна од акцијата. Тенденцијата да се избегне акција со мал ризик од штета во корист на неактивност која носи поголем ризик, исто така, игра тука, вели Хаеле. Познато е како „пристрасност кон изоставување“. Во овој случај родителите избираат помеѓу перцепцијата за непосредна опасност – очигледна закана од игла што ќе влезе во раката или ногата на нивното доенче, или малиот ризик нивното дете да доживее реакција на вакцината – и идната шанса нивното дете да заболи од болест која може да изгледа далечна и апстрактна.

Фактите и образованието не помагаат. Тие цврсто пристрасни предрасуди и верувања можат да бидат многу посилни од нашето интелектуално расудување, така што „давањето факти на родителите не мора нужно да ги промени нивните умови“, вели Хаеле. Всушност, една неодамнешна студија на Брендан Нихан, политички научник на колеџот „Дартмут“, фокусирана на политиката и здравјето, покажа дека спротивставувањето на грижите на родителот со информации и слики за опасностите од заразни болести и безбедноста на вакцината ММР не значи дека кај нив ќе се зголеми веројатноста за вакцинирање на своите деца.

И медиумите можат да помогнат со попрецизно прикажување на вакцинацијата – сликите од бебиња кои врескаат не се корисни, а и не се точни (повеќето бебиња всушност не врескаат кога примаат вакцина).

Решение: Помалку зајадливост, повеќе емпатија. – Најмногу од сѐ, соочувањето со колебливоста против вакцините бара ангажман. Човек кој се чувствува дека е слушнат, ќе се опушти. Неговите когнитивни предрасуди не се толку ангажирани кога ќе исчезне заканата од напад – вели Хаеле.

Извор



912

X