Многумина ќе се препознаат во овој текст, некои можеби ќе се навредат, но намерата не ни е таа, туку да го свртиме вниманието на родителите за да отворат очи и да преземат конкретни чекори ако забележат дека детето доцни во говорно-јазичниот, психо-моторниот и/или социо-емоционалниот развој. Логопедот д-р Наташа Чабаркапа за yumama.com кажува за значењето на довербата помеѓу логопедот и родителите.

Многу родители ме прашуваат: Зошто моето дете сè уште не зборува? Зошто моето дете се мачи кога сака нешто да каже? Долго време одиме на логопед и на третман, а уште не зборува? Моите прашања за нив: Колку сте се занимавале со своето дете? Колку време поминувало покрај телевизорот, таблетот, телефонот? Дали цртаните филмови што ги гледало детето беа на странски јазик? Дали вашето дете џвака цврста храна или и понатаму му давате пасирана?

Многу прашања и од една и од друга страна. Само што експертот, односно логопедот, поставува реални и болни прашања каде што родителот сфаќа дека е и тој виновен за неговорењето на своето дете. А уште потешко е ако детето навлезе во логопедски третман, а родителот не се промени, туку продолжува со старите навики мислејќи дека тоа нема да се забележи. Ајде да започнеме од статистиката. Таа ни кажува дека од 60 до 80 отсто од децата се со некој говорно-јазичен проблем, од 3 до 10 проценти од децата имаат нарушување на вниманието и хиперактивност, 10 отсто од децата имаат проблем со читање или пишување, а сè повеќе деца имаат аутизам. Значи, заклучок е дека има сè повеќе деца со некои од овие проблеми.

Зошто сè повеќе деца имаат говорно-јазични проблеми?

Покрај ризик-факторите, медикаментозно одржуваните бременоста, метаболичките, имунолошките, генските причини, кој уште е одговорен за доцнење на нашите деца во развојот?

Ако се вратиме во некое поранешно време, кога сме биле деца, сите ќе се сетиме дека се шетавме со своите баби, дедовци, родители, тогаш немаше компјутери, таблети и мобилни телефони, слободно игравме со топка и ластик пред нашите згради и домови, одевме во кино, гледавме цртани филмови во 19:15, а по вестите одевме на спиење. Се будевме весели и желни за новиот ден, за одење во градинка или училиште.

Денес нема вакво нешто, или е реткост, но тоа е очекувано бидејќи новата технологија и модерното време нè доведоа до тоа. Нашите деца „влегоа во свет“ на странски цртани филмови, модерни кабелски телевизии со многу канали, неважни ниту за детето ниту за неговата возраст, а тука е и радоста на родителите што детето знае да брои до 10 или да пее песничка на англиски јазик. Многу деца одат доцна на спиење (околу полноќ), со полна глава со неважни информации за нив. Прекумерното гледање телевизија, претераната аудитивна и визуелна стимулација можат да дејствуваат како „кочница“ за развојот на говорот и јазикот. „Хипнотизираноста и зависноста“ од аудитивни и визуелни стимулатори може долго да бидат пречка за правилниот детски развој.

Кога сте логопед и се занимавате со решавање на проблемите на децата, морате да имате соработка со родителите. Таа е многу важна. Зошто? Затоа што родителот мора да ги слуша советите на логопедот. Искуството ме научило дека напредокот на детето многу зависи од тоа дали родителот се придржува до сето она што ќе му го кажам и дали го применува.

Какви типови родители постојат и како тоа се одразува на детето?

Исто така, за сите овие години, ги поделив родителите на типови:

Родителот „продолжена рака“, како што го нареков, го облекува и соблекува своето дете, му ги мие рацете, забите, му додава предмети и не му дозволува да го направи тоа самото, мислејќи дека така му прави добро.

Родители наречени „квачка“,  толку многу ги заштитуваат своите деца, што по влегувањето во градинките или училишниот систем тие не можат да се снајдат и стануваат фрустрирани и агресивни.

Презафатени родители – „ние многу работиме и секоја минута ни е испланирана“ – немаат време за своето дете, но ни да дојдат на логопед, постојано барајќи само изговори дека не можат да се приспособат на термините и времето кога треба да го одведат детето на логопедски третман.

Несвесни родители кои гледаат дека детето има проблем и дека му е потребна стручна помош, но од некоја за нив позната причина тоа не сакаат да го признаат, говорејќи дека нивното дете е паметно, тие ги исклучиле сите можности за активност, а за развој на говорот „има време“.

Често им велам на родителите дека децата им се воспитно запуштени, па тука не сакам да го навредам образованието на родителите и нивното воспитување, туку да го свртам вниманието на нивното занимавање со своето дете, под што мислам колку работеле, говореле и поминувале време со своето дете. Многу родители сè повеќе време се на работа, доцна доаѓаат дома, изморени и оптоварени од своите обврски и работни проблеми, па најмалку им е дојдено до разговор со своето дете. Решението го бараат во бабите, дедовците, дадилките или игротеките, кои се преполни со звучни и светлечки ефекти каде што детето игра, а тие мислат дека му подариле квалитетно време. А каде е тука говорот, комуникацијата, разговорот со детето, заемната интеракција? Изостанува.

Постојат и оние родители кои поради грижа на совеста зашто немаат многу време за своите деца, прават отстапки, односно не му поставуваат граници на детето, туку го пуштаат да работи што сака, му ги исполнуваат сите желби, му купуваат многу играчки, кои за него немаат некакво значење. Затоа таквите деца во училиште имаат проблем со авторитетот и правилата што важат за сите.

Како да му се помогне на дете што тешко прозборува?

За жал, многу вредности што некогаш постоеле се изгубени и исчезнати под влијание на модерната доба. Ние сме неми сведоци на сето тоа, некогаш имаме право на глас и коментирање, но во повеќето случаи се приспособуваме на тоа време и ситуации. Многу проблеми што  ги имаат децата не се решени токму поради доцнењето со одење кај експерт, одложувањата, чекањата, барањето изговори или непризнавањето дека постои проблем.

Затоа, на крајот, кога ќе го поставите прашањето: зошто моето дете уште не зборува и зошто се мачи кога нешто сака да каже, не барајте причини само во логопедот или во другите експерти, туку и во себе, драги родители, дали постапувате правилно по совет на својот логопед, дали зборувате со своето дете и колку време му посветувате.



912

X