На сите ни се случило понекогаш да го одложиме извршувањето на планираните активности и обврски, да доцниме со плаќањето сметки, да не отидеме на тренинг, во последен момент да ја испратиме семинарската работа, „да заборавиме“ да се пријавиме за испит. Ваквото однесување можеме да го сметаме за проблем доколку станува почесто во една или во различни сфери од животот. Во тој случај зборуваме за одолжување.

Терминот „одложување“ или „прокрастинација“ буквално значи „одложување за утре“. Поконкретно, кога велиме дека човек одолжува, тоа значи дека тој намерно, доброволно ги одложува своите претходно планирани обврски и активности, и покрај свеста дека доцнењето може да има негативни последици. Одложувањето најчесто се препознава во овие форми:

– Одложувањето на работата се однесува на одложување на деловните обврски или одложување на барањето работа;

– Одложувањето во секојдневниот живот се однесува на одложување на плаќањето сметки, домашни работи, гледање со семејството/пријателите;

– Здравствено одложување значи одложување на лекарските прегледи;

– Одложување во врска со донесување одлука, на пример, за промена на работното место, прекинување на токсична врска или започнување заеднички живот со партнер итн.;

– Академско одолжување, кое се однесува на одложување на учењето и често се среќава во практиката, на што подетално ќе се задржиме во овој текст.

Постои појава, и од луѓето што одолжуваат и од нивната околина, одолжувањето да се поистоветува со мрзливост. Сепак, не е исто и важно е да се направи разлика. Клучната разлика е во тоа што кај мрзливите луѓе постои апатија, односно рамнодушност во однос на активностите и обврските, за нивното неизвршување и можните негативни последици, додека, од друга страна, луѓето што одолжуваат всушност ги избегнуваат оние активности и задачи што ги поттикнуваат нивните ирационални стравови, опсесивни мисли и интензивна непријатност. Тоа значи дека со одолжувањето, тој момент на борба со сопствените емоции е доминантна карактеристика. Затоа, етикетирањето со мрзлив води само до занемарување и омаловажување на нивните чувства, односно продлабочување на проблемот, а потоа оставање настрана на целокупната слика и адекватно приближување кон проблемот.

Негативните последици од академското одолжување се рефлектираат во слабите академски постигнувања, кои не се во согласност со потенцијалот, желбите и целите на една личност. Сите ние сме родени со желба да чувствуваме задоволство и истовремено да избегнеме непријатност. Кога човек ќе ја одложи планираната обврска, конкретно учењето, тој добива инстантна доза на задоволство затоа што отфрлил нешто фрустрирачко – седи со часови на маса и учи нешто тешко, неинтересно. Меѓутоа, на долг рок, станува предизвикувач на интензивен стрес, хроничен замор, проблеми со спиење и/или апетит, психосоматски поплаки, проблеми во социјалното функционирање, додека на ниво на емоции, маѓепсан круг на анксиозност, вина, лутина, срам, а се јавува и депресија. Затоа, добро е секогаш кога ќе почувствуваме импулс да одложиме нешто, да ги разгледаме добрите и лошите страни на тој потег.

Периодот на учење, со сите свои рокови и многубројните обврски, е стресен, но, со оглед на тоа што различни луѓе имаат различни одговори на таа ситуација, не можеме да кажеме дека роковите и обврските сами по себе се причина за одолжување. Причината се наоѓа во одредени дисфункционални верувања што може да ги има една личност за себе и за своите обврски, како што се:

„Не смеам да си дозволам да правам грешки. Сè што правам мора да биде совршено“;

„Подобро воопшто да не го полагам тој колоквиум/испит, отколку да паднам“;

„Којзнае што ќе кажат моите родители ако не положам… Што ќе мислат за мене колегите, професорите, пријателите?“

„Премногу е тешко, нема шанси да го подготвам ова, што да се обидувам, кога дефинитивно ќе паднам“.

„Овој материјал е многу досаден, не можам да го поднесам тоа чувство на непријатност“.

Во сржта на одолжувањето, според тоа, најчесто ќе препознаеме нездрав перфекционизам, претерани стравови од грешки, неуспех, критики и низок праг на толеранција за чувството на фрустрација. Сите горенаведени верувања обично имаат корени во воспитувачкиот стил кој се негува во семејството. Критикувањето и контролирањето ќе ја зголемат шансата децата да развијат нездрав перфекционизам, додека прекумерното уживање и презаштитеноста може да доведат до неуспех во усвојувањето на работните навики, односно неуспех да развијат толеранција за фрустрација.

Важно е да се сврти вниманието на фактот дека на одложувањето може да му претходи другата крајност, односно прекумерното учење, заситеноста и синдромот на исцрпеност што може да следува доколку проблемот не се препознае навреме.

Автор: М-р Анѓела Златковиќ/ специјален педагог

Извор



912

X