Се сеќавате на чувството дека новороденчињата се нежни и кршливи? Секое допирање на нивните рачиња, секое поставување во нивното креветче – сите тие активности се изведуваат полека и внимателно. Но, по неколку месеци, бебињата можат самите да ги држат главите, а додека да трепнеш се поголеми и ги држиме за рацете и ги вртиме наоколу. Но, една од најчестите повреди кај децата на возраст од една до четири години е она за која не сте свесни. Се нарекува „извлечен лакот“ и доколку вашето дете веќе ја имало оваа повреда, тогаш тоа се соочува со сериозен ризик на дневна основа, што се однесува до држењето за раце и вртењето.

Што претставува „исчанчен лакот“?

Се работи за делумна дислокација на лакотот и е честа кај малите деца бидејќи нивните лигаменти се слаби, а коските не им се целосно формирани.

Како доаѓа до таква повреда?

Во зависност од тоа колку е слаб лакотот на детето, може да дојде до ова и со користење минимална сила. Честа активност што резултира со ваква повреда е вртењето на детето додека го држите за дланките или рацете. „Но, моето дете го обожува тоа!“, ќе речете. Да, сигурно му се допаѓа, но исто така му се допаѓа и рацете да му бидат во ред и да не мора да оди во болница за да му стават гипс. Наместо така, држете го детето под пазувите или околу ребрата за време на таквите игри. Друг случај е кога детето, на пример, истрчува, па раката е единственото нешто што можете да го дофатите за да биде безбедно. Но, потрудете се да избегнувате да го влечете детето за рацете. Некогаш се случува дури и детето случајно да се преврти преку раката и да ја дислоцира. Или да игра и да падне, па да се повреди.

Тоа се случи и со моето дете, кога имаше околу 17 месеци, а јас му облеков блуза по долги ракави. Во еден момент сè беше во ред, додека во следниот слушнав вресок. Син ми се држеше за раката и имаше болки. Веднаш ми падна на ум дека го исчанчил лакотот бидејќи слушнав за тоа и од други родители. Почекав неколку моменти, потоа му подадов топка да видам дали може да ја крене. Го направи тоа, но со другата рака и продолжи да се жали на болка. Бев прилично сигурна во дијагнозата што ја дадов, па се јавив на лекар кој рече веднаш да го донесам. Мојот син беше вознемирен, па го ставив во седиштето за бебиња, каде што му ја фиксирав раката. Подоцна се израдував што видов дека покажува кон одредени работи со двете раце. Пребарав на „Гугл“ и открив дека лакотот може да се намести и самиот, но дека сепак треба да се оди на проверка кај лекар. На педијатарот му се јавив да му кажам за промените, а како олеснување, тој ми рече само да го набљудувам и сè додека ми изгледа добро (синот ја користеше раката без проблем), не мора да доаѓаме.

Кои се симптомите на извлечен лакот?

Најголемиот симптом е кога детето не ја користи раката или ја држи настрана, или пак малку свиткана. Кога не ја движи раката, детето не би требало да чувствува голема болка. Друг знак дека се работи за таква повреда е ако детето учествувало во слични активности како наведените погоре.

Што треба да сторам ако се сомневам на ваква повреда?

Јавете му се на вашиот лекар. Најчесто треба да се оди и лекарот да ја провери раката и да ја врати на место, ако навистина има таква повреда. Тоа нема да биде пријатен момент за детето, но за само неколку минути ќе се чувствува подобро. Се работи за едноставна процедура.

Се работи за нешто што треба да се сфати сериозно и, се разбира, да не се практикува да го вртите детето додека го држите за рацете.

Автор: Хедер Томајасу

Извор



912

X