Постои потреба некои работи да им се ублажат или приближат на децата за полесно да ги прифатат и разберат. И тоа не е само прифатливо, туку често и неопходно и нема родители што не ја користеле таквата стратегија со своите деца. Меѓутоа, како што истакнува психотерапевтот Радмила Грујичиќ за zelenaucionica.com, тенка е границата во „боење на вистината“ и ублажување, од една страна, и лажење, од друга.

– Лажењето е неприфатливо и неисплатливо, а често и контрапродуктивно во воспитувањето. Децата, особено оние на возраст над 3 години, ја согледуваат разликата помеѓу вистината и лагите. Доколку детската доверба се изигра, детето станува недоверливо и со текот на времето ја губи довербата во родителите, а со растењето тој став го пренесува на светот околу себе и развива несигурност. Детето чувствува дека живее во несигурност, а потоа и самото го развива лажењето како прифатлив начин на комуникација – истакнува психотерапевтот.

Според неа, на родителите им се советува да најдат начин да му ја кажат ублажената вистина на детето или да се договорат да го наградат за вложениот труд и напор да се однесува зрело во некои животни ситуации, како што е, на пример, примањето инјекција или одењето на стоматолог.

– Не е секогаш лесно да се биде директен и искрен со детето бидејќи тоа често не е во состојба да разбере многу ситуации и рационално да управува со своето однесување. Затоа сите лаги што не го повредуваат детето и не му прават никаква штета, а придонесуваат тоа да се чувствува сигурно и смирено, може да бидат дозволени. Некоја случка – траума на детето – треба да му се објасни на  начин прифатлив за него. Така, во случај на смрт на блиска личност, родителите на детето најчесто му велат дека таа личност е на небото, во друштво на ангелите, иако не можеме да бидеме сигурни дали е така. Сепак, никако не е пожелно на децата да им се ветува нешто за кое однапред сме сигурни дека нема да можеме да го исполниме. Таквите залудни ветувања не се добри. Рамката во која лагите се дозволени е секогаш таква со цел да се гледа доброто за детето – смета психотерапевтот.

Трагајќи по одговорот на прашањето: Колку пати родителите ги лажат децата во текот на нивното растење?, британските истражувачи дошле до заклучок дека мајките и татковците изговараат околу 3 илјади невистини, а најчестата лага што стигнува до детските уши гласи дека Дедо Мраз „им носи подароци само на добрите деца“. Кон оваа лага посегнуваат дури 84 отсто од учесниците на анкетите кога се обидуваат да ги мотивираат своите малечки на послушност. Речиси половина од родителите признале дека ги уверуваат своите деца дека ќе добијат мускули од спанаќ, а истиот процент на мајки и татковци ги уверуваат децата дека ќе им порасне опашка ако пијат кафе. Дури 66 отсто од родителите признаваат дека секојдневно изговараат лага, особено кога вистината не помага, и се согласуваат дека тоа е добра воспитна мерка.

Автор: Радмила Николиќ

Извор



912

X