Од особено значење за надарениот ученик, по неговото јавно промовирање како таков, е непосредното опкружување да не го смени односот кон него…

Поимот надареност е доста сложен и комплексен, а исто така и факторите што влијаат врз надареноста. Најопшто, надареноста можеме да ја определиме како невообичаеност, исклучок на однесување што се рефлектира во подобар, позначаен резултат или производ од оној што го постигнале други лица со слични карактеристики. Надарени деца се оние што имаат натпросечни способности и се исклучително успешни во една или повеќе области: општи интелектуални способности, специфични академски вештини, креативно или продуктивно размислување, способност за лидерство, уметност и психо-моторни вештини.

Не е невообичаено за надарено дете да има исклучителен потенцијал на едно поле, а другите негови способности да бидат просечни. Надарените деца се разликуваат едни од други, а исто така е познато дека нивниот развој е нерамномерен. Емоционалниот и социјалниот развој на надарените најчесто не се во согласност со нивниот интелектуален развој, па најчесто емоционално и социјално реагираат како и своите врсници, дури и во одредени случаи социо-емоционално се под нивото на врсниците. Можноста за емоционалните тешкотии на надарените деца е резултат на неразбирање и несоодветно реагирање на околината и може да се манифестира како: потиштеност и повлекување во себе, намалена самодоверба и самопочит, чувство на неприфатеност, изразена емоционална реакција и на најмал неуспех (како резултат на стремежот кон перфекционизам).

Тешкотиите во социјалните односи може да се манифестираат како: осаменост, недостиг или губење на пријатели поради издвојување од врсничките групи, големиот број воншколски активности, спротивставувања на врсниците поради изразено чувство за правда и неправда, т.е. несогласување со постапките на другите. Имено, надарените деца често мислат дека чувствата треба да имаат одредена логика, како и сè друго. Тешкотиите поврзани со нивниот емоционален и социјален развој можат да бидат многубројни. Тие се невообичаено ранливи и осетливи на критики затоа што имаат посебна потреба од успех и самопотврдување. Поради големите очекувања што си ги поставуваат, тие имаат изразена тенденција за перфекционизам, а во самоописите на надарените се забележува претерана самокритика, која може да биде фрустрирачка за нив, што доведува до депресија и вознемиреност. Во социјалниот развој, надарените деца често имаат тешкотии во интеракцијата со другите деца. Поради нивното поразвиено апстрактно размислување и „необичните“ интереси, хронолошките врсници често не ги разбираат и тешко им е да ги следат, а постарите деца честопати не се социјално интересни или емотивно зрели.

Врсниците и пријателите на надареното дете се чувствуваат „просечни“, па може да развијат отпор кон различното

Следна карактеристика на надарените е развиено чувство за правда кое се манифестира многу рано. Тие остро ја перципираат социјалната неправда, поставуваат високи стандарди за себе и за другите и реагираат на вистината, правдата, хармонијата и природата. Овие деца се грижат за другите, сакаат да ја олеснуваат нивната болка и страдањето, или пак покажуваат напредната способност да размислуваат за апстрактни идеи, како што се: правдата и правичноста, многу често поставуваат прашања, изразуваат грижа за светските проблеми и слично. Оваа емпатичност кон страдањата на другите ги прави надарените особено ранливи кон неправдата што ја гледаат на телевизија, во училиште или, пак, во светот околу нив. Иако постојат уште многу други карактеристики на надарените деца, чувствителноста, перфекционизмот, напнатоста и интровертноста имаат особено развојно, психолошко и социјално значење. Кога се комбинирани, овие четири карактеристики ја создаваат емоционалната комплексност на надарените.
Етикетирањето на „надареното“ дете може да влијае врз промената на односот на надареното дете кон околината и кон себе. Од друга страна, врсниците и пријателите на идентификуваното надарено дете се чувствуваат „просечни“ и затоа може да развијат отпор кон различното.

Каква самоперцепција ќе се развива кај надареното дете по добивањето на таа етикета? Дали кај него ќе се развива позитивна или негативна слика за себе?

Треба да се има предвид дека позитивната слика за себе е основа за самодоверба и чувство на лична компетентност, кои се главни двигатели и извор на креативниот стил. Многубројните истражувања потврдуваат дека надарените имаат позитивна слика за себе. Но, спротивно од очекувањата, етикетирањето може да доведе до пад на позитивната слика за себе, до губење на самодовербата и сигурноста. Ваквата можност постои, пред сè, поради зголемените очекувања од средината и од самото дете, според кои тоа во сè треба да биде најдобро и непогрешливо. Јасно, ваквите очекувања се нереални и не можат да се остварат, што кај детето може да резултира со чувство на неуспех и губење на самодовербата.

Ако му помогнете на вашето надарено дете да се погледне себеси како вредно, сакано суштество и му обезбедите разбирање, поддршка и почит во семејството, сигурно му давате добра основа за успешен развој

Важно е да се знае дека неможноста да се промени односот во семејството и училиштето кон надарените најчесто е резултат од слабата едукација на околината, која пред сè треба да е во насока како другите треба да се однесуваат кон надареното дете. Плашејќи се од отфрлање од групата, често пати се случува надарено дете да манифестира облици на просечно однесување. Од особено значење за надарениот ученик, по неговото јавно промовирање како таков, е непосредното опкружување да не го смени односот кон него. Тоа за него ќе значи дека сепак не е различен од другите и со ништо не ја загрозува или оптоварува својата средина. Нивната самодоверба е клучна за врските со врсниците и е поврзана со сите сегменти на нивното целокупно функционирање. Ако му помогнете на вашето надарено дете да се погледне себеси како вредно, сакано суштество и му обезбедите разбирање, поддршка и почит во семејството, сигурно му давате добра основа за успешен развој.

Најдобро би било кога семејството и училиштето ќе соработуваат создавајќи стимулирачка средина што подразбира: создавање поволна атмосфера, избалансирана кохезивност (емоционална поврзаност на членовите на семејството), флексибилност, ефикасна комуникација, задоволство и емоционална поддршка кон надарениот ученик. Програмите за надарени ученици не подразбираат решавање само на интелектуалната димензија, туку внимание се посветува и на социо-емоционалните аспекти. Потребно е често пати да се проверуваат нивните социо-емоционални особености претставувајќи им разни секојдневни ситуации во кои треба да ги проектираат нивните ставови.



912

X