Се зборува дека коефициентот на интелигенција на новите генерации почнува да покажува некои знаци на опаѓање. Причината е главно во помалку креативниот начин на живот, читањето книги или пишувањето со рака. Не би се задржувал на многу повторуваните докази дека мобилните телефони ги намалуваат когнитивните способности на мозокот. Можеби единствено вреди да се спомене дека истото важи и за пишувањето со рака. Некои мислат дека „куцкањето“ по тастатурата, често во вид на кратенки или дури само „стикери“, го прави пишувањето со рака излишно.

Научниците од Институтот „Меркатор“ во Келн во опсежни студии покажале дека е неопходно учениците да ја користат и тастатурата од компјутерот, како и пишувањето со рака. Како што вели директорот на Институтот, Мајкл-Бекер Мротзек, пишувањето е активност на фината моторика која позитивно влијае врз развојот на мозокот. Кај пишувањето со рака информациите се разделуваат на најмали делови, а потоа се синтетизираат во зборови и реченици. Кај пишувањето на тастатура често постои и „автокорект“, кој ја намалува можноста од грешки (но го намалува и вниманието). Во едно испитување една третина од школските деца во основните училишта во Германија имале проблеми да пишуваат со рака, течни и разбирливи реченици.

Но, едно истражување од САД (Школа за медицина „Маунт Синаи Икан“) и Шведска (Универзитет „Карлстад“) покажува многу посериозна причина за намалување на коефициентот на интелигенција. Во првото вакво испитување покажале дека изложувањето на одредени хемиски производи во текот на бременоста го намалува коефициентот на интелигенција кај децата на возраст од седум години. Во студијата се анализирани податоци од истражувањето СЕЛМА, каде што на 718 трудници им се измерени концентрации во крвта и урината, од 26 хемиски продукти од секојдневната примена во домаќинството. Најчесто биле докажувани озлогласените бисфенол А, фталати и пестицид. За лошите ефекти на хормонски активните супстанции од пластиката сум пишувал повеќе пати, како и за нивното негативно влијание врз развојот на полот кај мажите (кој може да се докаже со скратување на четвртиот прст кај момчето). Ова е првпат да е докажан лошиот ефект на овие хемикалии врз развојот на мозокот на децата (посебно момчињата). Посебно е загрижувачко што најлош ефект имал бисфенолот Ф (кој е замена за озлогласениот бисфенол А).

Автор: д-р Бранимир Несторовиќ



912

X