Том Хоџкинс е автор на книгата и блогот „ Неактивен родител“, кој ги поттикнува родителите на неактивен начин да му пристапат на родителството. Имено, родителите се убедени дека ќе го направат најдоброто за своите деца ако постојано ги забавуваат, им ги исполнуваат желбите и прават сѐ што можат да за им дадат голем избор на активности. А кога за забавата не размислуваат родителите, тука се телевизорите, компјутерите и игрите.

Во што е проблемот?

Како што вели Том Хоџкинс, сите овие активности претставуваат дополнително оптоварување (во вид на пари и време) за повеќето многу зафатени родители. Освен тоа, имаат и уште едно негативно влијание врз децата, кои ќе станат неспособни да се грижат за себе и сами да се забавуваат. Кога стимулацијата доаѓа од надворешниот свет – без разлика дали се работи за нов курс или телевизија, децата ја губат способноста за креирање сопствени игри. Тие, всушност, забораваат како да си играат.

Премногу стимулираните деца очекуваат постојана забава и забавувачи, толку многу што човек мора да се запраша – што се случило со нивната имагинација?

Што да се преземе?

Хоџкинс предлага едноставно решение кое на овие семејства ќе им го олесни животот и ќе го направи поевтин, кој ќе донесе задоволство во животите на децата, ќе ги направи да си бидат доволни сами на себе и ќе им помогне да станат среќни. Таквите деца умеат да креираат свој живот и не зависат од мама, тато или некој друг.

Решението, според него, се нарекува „неактивно или мрзливо родителство“ и тој верува во реченицата „оставете ги децата на мир“.

На зафатениот родител оваа идеја може да му изгледа спротивна на неговиот инстинкт. Зарем не ни се вели секогаш дека мораме да работиме повеќе, а не помалку? Секој родител е под некое сомнение дека не работи доволно или дека работи погрешно и дека треба да работи повеќе и подобро. Но, ако премногу се мешаме, не им дозволуваме на нашите деца да пораснат учејќи сами. Дете што е премногу заштитено нема да знае да се грижи за себе.

Што е тоа неактивно родителство?

Однесување кое води кон сигурна добивка, вели Хоџкинс. Помалку работа за вас, а подобро за вашето дете, за уживање во секојдневниот живот и исто така за лична независност и способност.

Се разбира, неактивното родителство не значи запоставување и оставање децата да прават што сакаат или што ќе им падне на ум. Постои голема разлика помеѓу безгрижност и негрижа. Колку тоа и да звучи неверојатно, неактивниот родител е многу одговорен родител. Најмногу бидејќи целото негово недејствување се заснова на почитување на детето и верба во него.

Неодговорен родител, продолжува Хоџкинс, е оној што го шета своето дете од установа до установа и го предава на забавувачи од виртуелниот свет. Целта на семејството е да биде заедно. Затоа треба да се ослободите од прекумерната работа и беспотребните излегувања и да поминувате повеќе време со семејството, и тоа дома, за среќата на целото семејство.

Што значи тоа во практика?

Немојте да мислите дека е лесно да се биде неактивен родител, напротив. Лесно е да се вклучи телевизорот и да се остават децата да играат игри на компјутерот. Она што предизвикува кавга е да не им дозволите да ги вклучат овие уреди. Тешко е да се истераат децата во дворот за да играат додека вам ви лелекаат за видеоигри. Но, само неколку минути по таа криза ќе ги видите децата како убаво и среќно играат надвор.

Нема место за маченици во родителството. Замислете дека вие се жртвувате секој ден за на крајот да имате незадоволни, нервозни и лути деца. Мислете на себе, вели Хоџкинс. Среќата на родителите е на првото место, бидејќи кога родителите се среќни, и децата се среќни. Еве и конкретни начини како да го постигнете тоа:

– Ограничете ги активностите на вашето дете на еден или два дена неделно – или на број кој ја дава вистинската рамнотежа на вашето семејство.

– Сами размислете за тоа како ви влијаат секојдневната рутина и обврските. Организирајте ги деновите така што вашето дете ќе има секогаш доволно време за слободна игра.

– Не плашете се да му кажете на детето дека не може да се занимава со некоја активност или да му објасните дека е потребен компромис.

– Јадете заедно како семејство во вечерните часови бидејќи на тој начин се поттикнува разговор за поминатиот ден.

– Исклучете го телевизорот или компјутерот и пратете ги децата надвор.

– Запомнете дека не важат истите правила за сите деца – децата често се многу различни.
– Бидете креативни. Подгответе кутија со случајно избрани безбедни предмети (топка, налепници) и ставете ги во собата на децата за да си играат со нив.

– Спиењето нека ви биде приоритет (особено кај помалите деца). Сите семејства се посреќни ако родителите се одморени.

– Обидете се со кампување. На кампување има доволно време, простор и инспирација за добра игра.

Извор



912

X