Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за мојот 7-годишен син. Уште од најмала возраст е прилично активно дете кое сака да го истражува светот и брзо му здосадуваа сите играчки и игри што му се сервираа и се свртуваше на друга активност. Бидејќи бев постојано на работа, бев принудена да го оставам на чување каде што ќе ми се укажеше можност (баби, дедовци, тетки, татко итн.) и, за жал, немав многу време за да му се посветам. Поради тоа, негово хиперактивно однесување сите се обидуваа најлесно да го смират со тоа што ќе му понудеа таблет, телефон и сл. Во такви ситуации се претвораше во најмирното дете на светот, можеше да гледа во телевизорот или мониторот бесконечно и да не побара друга занимација, додека сè друго му беше здодевно и не се задржуваше на едно место. Иако се трудам со секакви методи да го мотивирам да ги заборави дигиталните уреди и да му предложам друга активност, па и онаа што најмногу ја сака, тој многу брзо се откажува со образложение дека му е здодевно да го прави тоа. Не му е проблем ако му го одземам телефонот, ќе скока цел ден, ќе се врти низ куќата, ама никако не сака некоја друга активност.

Премногу е интелигентен, англиски зборува перфектно, додека со македонскиот јазик имаме проблем, кој стана сè поголем кога тргна на училиште. Кога ќе го прашам што правеле на училиште, ми одговара дека не знае или не запомнил, додека кога ќе го прашам за англиски, како од пушка ми кажува сè. Од тоа заклучив дека има проблем да ја разбере наставничката бидејќи има проблем со јазикот. Уште една работа ме загрижува – ако го искара за нешто наставничката, тој ги крши моливите и боиците од гнев, а пак продолжува да го прави истото за што бил искаран. Се извинува културно, вели дека ја разбира и дека нема да се повтори, но по некое време си продолжува по старо. И дома се случува истото. Како и да е казнет, тој си продолжува по свое и само прашува до кога е казнет и си го прифаќа тоа како да е ништо посебно. Разговарав многу пати зошто не чувствува вина или срам за дадената ситуација и ми вели: „Не знам, мамо што ми се случува во главчето што ме тера да бидам неумен“ или само ќе ме гледа бледо и нема никаква реакција. Сакам да знам дали е ова загрижувачко однесување и како да го надминеме. Зошто детето не чувствува вина, покорност, па макар и гнев дека е казнет?

ОДГОВОР: Споменувате доста работи што сте ги забележале во однесувањето на вашето дете. Јасно кажувате дека во одреден период, поради ситуацијата, сте морале да го препуштите воспитувањето на детето на повозрасните членови, а тие многу лесно го предале на дигиталната дадилка, доволно долго за таа да поттикнува одредено несоодветно и навидум отсутно и первазивно однесување. Сепак, она што го забележувам е како вие се стремите многу повеќе да го искоригирате неговото однесување прогласувајќи го како несоодветно наместо да се обидете да го разберете, да погледнете колку време е потребно за тоа да се создаде, и многу брзо се обесхрабрувате затоа што не ги дава резултатите што ги очекувате. Така, во еден момент, мислам дека сè уште и вие се чувствувате виновни затоа што не сте можеле порано да посветите повеќе време на неговото воспитување, а најлошо е што сметате дека сега е веќе невозможно. Сметате дека кога ќе го коригирате неговото однесување онака како што е „правилно“ и „ соодветно“, ќе успеете и вие да се чувствувате малку поуспешна и позадоволна во сопственото родителствување.

Сфатете дека вашето дете нашло начин да расте со можностите што ги имало и има во даден момент, и како резултат на тоа искреирало и креира навики кои го прават тоа што е. Така што, најмногу можете да добиете доколку вината не ја препишувате никому, туку доколку градите со она што го имате.

За да направите одредени промени, потребно е да го зајакнете она што е ресурс кај вашето дете, она со што располага во соочување со животот и предизвиците во животот. Потребно е да покажете интерес за неговиот свет, неговите размислувања, а воедно да ги почитувате неговите граници и да не дозволувате да ги гледате единствено како реактивни кон вас, туку како негов глас/специфичен и валиден однос со околината.

Потребно е да обрнете внимание и на емоционална писменост и израз и да дадете дозвола за конструктивно изразување на емоциите без притоа да се чувствувате дека изливите на бес се наменети кон вас или се „казна“ за годините што сте ги испуштиле или, пак, некаква евалуација за тоа каков родител сте. Треба да знаете дека емоциите се будат и се пројавуваат, и дека не треба да се гледа на нив дека се некаква патологија кај детето, туку треба да се разберат за да се утврди дали се соодветни, и да се пренасочат.

Гневот е придружен глас на растењето, има доста еманципирачки карактер и е одредена реакција кон околината. Треба да се обидете да разберете зошто и кога го користи и полека да го регулирате во насока на соодветно справување. Понекогаш родителите бараат децата да ги разберат своите постапки, но можеби треба да работите на препознавање на емоционалната експресија, или процесот на ментализација, кој силно зависи и од емоционалноста и изразот на родителите, можноста тој да види како вие го регулирате гневот или лутината. Понекогаш дури и кога изгледа дека детето е бучно, а родителите многу разбрани, верувам дека дел од нивниот капацитет на изразување лутина е задушен, па детето многу пати преку себе ја процесира неизразената лутина на родителот. Можеби вашето дете токму тоа го прави и не разбира што точно прави затоа што не е негов афект, можеби е ваш, можеби на неговиот татко или друга блиска и значајна личност во неговиот живот во моментот.
Ве поттикнувам да се обидете да ги разберете и користите порталите кон неговиот свет, да се обидете оттаму да пристапите и полека и многу присутно и трпеливо да ги креирате промените заедно. За секоја промена, потребно е да дизајнирате мали и ситни чекори кои би го придвижиле кон промени, но да бидат во согласност и со нега, а придружени со одреден систем на уважување и наградување на неговите здрави и позитивни сили и стратегии за справување.
Знајте дека никогаш не е доцна да се биде родител каков што би сакале да бидете за вашето дете. Дел од прашањата се: Каков родител вие сакате да бидете за него? Какво значење сакате да имате во неговиот живот? Каква релација сакате да постои и опстои помеѓу вас? Погледнете во вашето дете, замислете го пред себе и помислете кои активности би придонеле кон тоа? На секој чекор кон него, проверувајте како ве доживува и дали и како се менува? Не заборавајте, ова е однос, потребно е да дозволите и вие да бидете променети, да го примите она што може да ви го понуди, да го разберете и интегрирате.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X