Повеќето родители прават сè за на своите деца да им овозможат незаборавни моменти. Но, што кога вашето дете, по цел ден исполнет со активности, едноставно ќе ви одговори: „не“?
Токму тоа ѝ се случило на Саманта Афран, мајка која успеала да ги усогласи работните обврски, побрзала пред попладневниот одмор на детето и го одвела својот 21-месечен син Езра во детски музеј. Сето тоа завршило со неочекуван (и малку ладен) одговор.
– Дали се забавуваше? – го прашала по враќањето. А Езра само рекол: – Не.
Откако го објавила моментот на „Тик-ток“, видеото станало вирално бидејќи многу родители се пронашле во таа ситуација. Сите го чуле тоа славно детско „не“ по вложениот труд, планирање и организација.
Во описот на видеото, Саманта напишала: „Моја грешка е што ти ја исполнив секоја желба“.
Иако овие одговори знаат да ги изморат родителите, експертите велат дека зборот „не“ е сосема нормална фаза од развојот.
Зошто децата толку го сакаат зборот „не“?
Семејната докторка и експерт за психолошка отпорност, д-р Дебора Гилбоа, објаснува дека малите деца немаат иста перцепција на времето како возрасните.
– Тие не гледаат наназад и не ги проценуваат минатите настани како ние. Тие живеат во моментот, речиси како мали зен-суштества – вели таа.
Тоа значи дека ако ги прашате дали се забавувале, а во тој момент се уморни, гладни, испотени или раздразнети, ќе кажат „не“. Не затоа што не се забавувале, туку затоа што во тој миг така се чувствуваат. За разлика од постарите деца и возрасните, двегодишните сè уште не умеат да ги поврзат емоциите од минатите настани со сегашната состојба. Тие буквално живеат „овде и сега“.
Децата не велат „не“ за да нè провоцираат
Родителството понекогаш знае да биде исцрпувачко, особено кога се обидувате да соработувате со мал инаетчија кој ве гледа в очи и на сè одговара со „не“.
Но, наместо авторитарното „Затоа што така реков“, да користиме реченици кои поттикнуваат дијалог, но јасно покажуваат кој води.
На тој начин не влегувате во преговарање, туку давате пример на смирено и доследно водење. Ги признавате нивните чувства, но останувате доследни. Кога детето се чувствува разбрано, побрзо се смирува и повеќе му верува на родителот.
Значи, малите деца не велат „не“ за да ве изнервираат. Тоа е нивен начин да ги изразат чувствата, моменталната состојба и желбата за контрола. Иако тоа „не“ знае да нè погоди, особено кога сме вложиле многу, важно е да знаеме дека зад тој едноставен одговор се крие многу повеќе од инает. Родителството, на крајот, не е уметност да добиеме „да“, туку вештина да се справиме со „не“.