Веројатно не постои човек што нема да се согласи кога ќе кажеме дека мајките извршуваат многу невидливи работи во домаќинството и во семејството. Тој дел се нарекува „емоционална работа“ и претставува најголема причина зошто мајките секогаш се чувствуваат уморни и фрустрирани.
Мајките поминуваат низ „емоционалната работа“ несвесно
Емоционалната работа опфаќа многу труд кој го вложуваат мајките за сè да тече како подмачкано – сите денови во неделата, 24 часа на ден, додека сè друго држат под контрола. Се грижат околу расположението на сите членови од семејството, околу сите мали и големи работи што се неопходни (храна, спиење, хигиена, обврски, распореди, сметки, домашни работи), но и за сите други активности и случувања – семејни, училишни, вонучилишни и слично.
– Верувањето дека жените се примарно задолжени за сите одговорности и емоционалната атмосфера во домот сè уште е дел од невидливата работа што ја работат жените – објаснува социологот и истражувач Ребека Џ. Ериксон и додава дека дел од проблемот е што и на тоа се гледа како на нешто што е природно за жените, а не како на нешто што одзема и време и енергија.
– Ваквата културолошка конструкција ја оправдува емоционалната мрзливост на мажите. Константно ни зборуваат дека жените имаат подобра интуиција, дека повеќе сочувствуваат, дека се природно подготвени и поспособни да дадат совет и да помогнат. Како всушност да е нормално што ваквата културолошка конструкција ја оправдува емоционалната мрзливост кај мажите – додава таа.
Од друга страна, татковците не ја препознаваат емоционалната работа. Зошто? Новинарка на порталот Fatherly објаснува дека многу работи се случуваат „зад сцената“. На пример, вашиот сопруг ви вели дека воопшто не му е тешко да ги извршува повеќето домашни работи кога ќе му кажете дека треба да направи некои од нив. Новинарката истакнува дека токму тоа е моментот кој докажува дека многумина од нив не ја сфаќаат суштината.
– Ако сопругот ги набавува прехранбените продукти, но пред тоа ја испитува сопругата што, каде и како треба да купи и слично – тоа всушност не можеме да го наречеме помагање со емоционално оптоварување. Работата е во тоа што мајките не сакаат да му кажуваат и/или да му повторуваат на партнерот што треба да направи. Да се следи, да се памети, да се организира и да се планира како да се изврши е голем дел од работата, ако не е и најголемиот – вели таа.
Како „емоционалната работа“ да не е само работа на мајката
Вашиот сопруг станува ваш партнер во емоционалната работа кога ќе ги сфати и препознае ситниците во домаќинството и кога ќе преземе иницијатива, на пример, ќе види дека тоалетната хартија, влажните марамчиња или пелените се при крај и ТОЈ сам оди до продавница за да ги набави. Или, на пример, однапред ќе испланира што самиот ќе зготви за вечера. Тоа е таа невидлива работа што ја нарекуваме „емоционална работа“.
– Да се носи најголемиот товар од емоционалната работа во домаќинството е фрустрирачки. Фрустрирачки е да се биде под товарот на сите тие обврски, при што никој не ви го признава трудот што сте го вложиле и не постои начин да го промените тоа без големо соочување или расправии – објаснува Ериксон. Дополнително, чувството дека сте единствената личност што ја врши целата работа во куќата и за семејството води кон приговарање.
Решение?
Комуникација! Разговарајте со партнерот смирено, трпеливо и отворено. Тој треба да ве разбере.
– Мажите знаат дека треба да помагаат во домашните работи и во грижата за децата, но често не разбираат како да се води разговорот за емоционалната работа. Љубовта би требало до дојде природно, но потребни се работа и труд да покажете грижа и интерес за другата личност со својата внимателност – заклучува на крајот социологот Ериксон.