Пред март 2020 година неколкумина од нас ги слушнале термините „самоизолација“, „карантин“ и „физичко дистанцирање“, но тие станаа нови мерки според кои го приспособивме животот поради глобалната пандемија. Не е изненадување што карантинот загрижи и изложи на голем стрес третина од децата, според неодамнешна анкета на „ЈуГов“.

Друга нивна анкета открила дека повеќе од половина од родителите со деца на возраст од 5 до 18 години рекле дека нивната примарна грижа било менталното здравје на нивните деца. Речиси четвртина од родителите рекле дека не знаеле што да сторат за да го зачуваат менталното здравје на своето дете. Експертите препорачуваа одржување на рутината и охрабрување на децата да се препуштат на своите интереси и хобија. Лора Маер, едукатор од Варвикшир, вели дека играта е централна во развојот на благосостојбата на децата и таа може да помогне во справувањето со анксиозноста за време на стресни периоди. „Со зголемен фокус на формалното учење, поважно е од кога и да е возрасните треба да ја согледаат едукативната вредност на играта“, вели таа.

Играта е како дишење за децата

Играњето не само што им го оттргнува вниманието на децата туку помага и во градењето отпорност и механизми за справување, вели д-р Џеновив вон Лоб, клинички психолог и автор.

– Играта е како дишење за децата. Таа е есенцијална за обработка на емоциите, градење отпорност и давање чувство за контрола кај децата. Играњето нуди идеални можности за децата да ги изразат природните емоции како тага, лутина или среќа, во една безбедна средина и да ги истражуваат своите идентитети во врска со своите врсници, семејството и светот – вели таа.

Преку играта, особено играњето со улоги, децата откриваат што се случува во нивниот внатрешен свет, вели Вон Лоб.

– Децата често играат различни ликови и им даваат гласови на своите кукли, па често тоа се нештата кои не можат да ги изразат бидејќи чувствата им се премногу збунувачки. Ова може да им помогне да се чувствуваат моќни во свет каде што често мислат дека се мали и немоќни – додава таа.

Сара Буши, заменик-претседател за глобални програми во „Лего“, вели дека играта им помага на децата да ги зајакнат односите со луѓето околу нив.

– Имам пријатели кои велат дека знае да биде тешко да се најде време да се игра со сопствените деца, но можеме да ја вклучиме играта во секојдневието, на пример, да ги броиме чекорите или да пееме песна кога одиме на училиште. Вакви мали нешта можат да направат голема разлика – вели таа.

Вон Лоб верува дека слободната игра е еден од најефикасните начини за децата да научат да се социјализираат и да стапат во интеракција со другите.

– Играњето создава чувство на припадност во групата и заедницата. Децата учат и да комуницираат, да преговараат, да споделуваат и соработуваат преку играта. Како што созреваат, учат што е тимска работа, соработка и земање предвид на перспективите од другите.

Маер верува дека возрасните може да ја промовираат љубовта кон играта преку охрабрување на внатрешното и надворешното истражување. Со користење природни ресурси, како камчиња, стапчиња и слично, и играта со нив, детето може да ги развива имагинацијата и креативноста, но и да развива вештини како решавање проблеми, соработка и преговарање – вели Маер.

Децата имаат природна волја за да станат и да се движат

Јасно е дека децата препознаваат колку ги смирува играта. Софи Кларк-Венер е специјалист за ран развој, па вели дека нејзиниот 9-годишен син Себастијан сфатил колку придобивки има од играњето.

– Го прашав на што нè учи играњето и тој ми рече отпорност. Ми вели: „Можеш да поминеш многу време и да градиш нешто неверојатно, а потоа да го ставиш последниот дел и сето тоа да биде срушено од твојот брат, па пак почнуваш одново, но тоа е во ред, бидејќи кога ќе го изградиш вториот пат, ќе биде уште подобро!“

Кларк-Венер вели дека играта е круцијална и за физичкиот развој на децата. „Децата имаат природна волја за да станат и да се движат. Играњето или танцувањето за нив се забавни и природни“. Буши додава дека никогаш не било поважно родителите да се вклучат во играта со децата.

– Децата нè гледаат повеќе отколку што мислиме, па време е да се поврземе со нив. Играњето им помага на децата да ги развијат социјалните и емоционалните вештини кои се клуч за намалување на стресот во тешки ситуации. Ако можеме да им помогнеме да ги зголемат овие важни функции, тогаш можеме да им помогнеме и да им дадеме чувство на контрола и радост во ова неизвесно време – заклучува таа.

Автор: Џорџина Фулер

Извор



912

X