Играњето со кукли може да им помогне на децата да научат да бидат емпатични и дружељубиви и да стекнат вештини што се особено важни за развојот.
Во истражување нарачано од „Мател“, произведувачот на куклите Барби, истражувачите од Центарот за наука за човечкиот развој при Универзитетот во Кардиф набљудувале 42 момчиња и девојчиња на возраст од четири до осум години додека играле со барбики, заедно со други деца и самостојно. Исто така, биле набљудувани и деца што играле на таблет, и самостојно и со други деца.
За време на истражувањето децата носеле уред што личел на капа за пливање, а на истражувачите им овозможил да ја мерат активноста и промените во детскиот мозок.
Играјќи со различни кукли и комплети за играње, истражувачите откриле дека кај децата е активиран дел од мозокот наречен заден супериорен темпорален сулукс, без оглед дали играле сами или во групи. Тој дел од мозокот е поврзан со процесот на обработка на социјални информации, како емпатијата.
Задниот супериорен сулукс се активирал во помала мера кога децата играле само игри со таблети, дури и тогаш кога играле игри со креативни елементи, откриваат истражувачите, кои ги објавиле нивните откритија во списанието „Граници на човечката невронаука“.
– Она што е возбудливо е дека играњето со кукли има предности. Станува збор за социјални вештини што се важни во широки домени – вели Сара Герсон, невронаучник и предавач на Универзитетот во Кардиф, која го надгледувала истражувањето.
Играњето со кукли може да предизвика ваква реакција бидејќи куклите природно ги охрабруваат децата да создаваат свои социјални светови. Значи, дури и додека си играат со кукли самостојно, децата можат да создаваат ситуации од нивните животи или да создаваат свои сценарија.
Емпатијата игра клучна улога во социјалните интеракции на децата. Но, овие моменти им овозможуваат на децата да „вежбаат“ за идни ситуации кога емпатијата доаѓа до израз. Тоа може да вклучува преговори во професионални ситуации, водење бизнис и решавање конфликти.
Исто така, учењето емпатија е особено важно за време на пандемија, кога децата често се изолирани од пријателите.
Герсон и нејзиниот тим го почнале истражувањето пред повеќе од една година, пред да почне пандемијата. Таа вели дека резултатите се објавени во соодветно време, кога многу деца се изолирани од другарите и семејството, а родителите се загрижени дека ова може да влијае врз нивните социјални вештини.
– Во моментов е особено важно затоа што децата можеби ја пропуштаат социјалната интеракција што обично ја добиваат – вели Герсон. Таа се надева дека резултатите од истражувањето ќе допрат до родителите кои не сакаат нивните синови да играат со кукли затоа што сметаат дека тоа е „женска игра“.
– Овие вештини не се специфични за половите. Овие вештини се важни за сите деца. Способноста да се размислува за туѓите чувства е еднакво важна и за момчињата и за девојчињата – додава таа.
912