Секое дете има свое темпо на развој, различни животни искуства и уникатни емоционални потреби. Тие се како спектар на бои кои минуваат низ нас, но не секогаш сме во состојба да им дадеме име. Препознавањето, именувањето и изразувањето на сопствените емоции е особено тешко за детето.

Тие се комплекс на чувства кои се активираат како одговор на внатрешен или надворешен стимул и доведуваат до физички и психолошки промени кои влијаат врз размислувањето и однесувањето. Поради оваа причина, важно е да ги научиме децата уште од рана возраст да ги препознаваат и да управуваат со емоциите, а тоа ќе помогне во решавањето на конфликтите, донесувањето одлуки и градењето нови односи.

Нема добри и лоши емоции

Сите се добри затоа што нѐ учат да се познаваме и разбираме себеси и другите. Тие може да бидат пријатни или тешки, но секоја од нив е неопходна за детето.

Родителот треба да го поддржува детето на чувствителен и флексибилен начин и треба да биде подготвен, да биде со детето во неговите радости и проблеми обезбедувајќи му ја потребната поддршка во свесноста за емоциите, нивното изразување, регулирање, размислување за емоционалното искуство, трансформација на емоциите и корективно емоционално искуство насочени кон регулирање на емоциите. Детето треба да стане свесно за нив, односно да ги препознае и да прифати дека таква емоција постои.

Кога го учиме детето да именува предмети, обично покажуваме на нешто и го именуваме. Тоа функционира на ист начин со чувствата. Иако самите чувства се невидливи, тие обично имаат видлив израз како „Детето плаче. Тоа е тажно.“ Или „Човекот се смее. Тој е среќен“. А потоа да ги објасните врските. „Детето плаче и е тажно зашто неговата играчка се скрши“, „Изгледаш многу среќен во моментов, се радуваш што Марко е тука“.

Да земеме пример и од една од најчестите емоции кај децата, бесот. Кога детето е луто, фрустрирано, тоа се фрла на под, клоца со нозете, плаче и вреска од лутина, се обидува да ни пренесе нешто. Тоа значи дека во тој момент не може само да се справи со своите емоции и се обидува да привлече внимание кон себе. Затоа е многу е важна реакцијата на родителот. Ако родителот реагира соодветно, детето не само што ќе научи да ги препознава своите емоции, туку и ќе изгради силна врска со него. Тоа ќе биде врска заснована на доверба и прифаќање. Ќе научи дека се важни емоциите што ги доживува, но важен е и начинот на кој ги покажува.

На децата да им се дозволи да ги искусат своите чувства

Како родители, ние ги придружуваме нашите деца, ги согледуваме нивните чувства, им помагаме да ги разберат и постепено самите да ги регулираат. Без разлика дали ни се допаѓа или не, ние секогаш ги учиме децата нешто. Ако не го правиме тоа свесно, со намера, го правиме несвесно, бидејќи тие учат од нашиот пример, од начинот на кој се справуваме со одредена ситуација. Затоа родителот треба да ги именува и објасни своите чувства особено кога е лут или вознемирен, на тој начин и детето ќе учи да ги препознава и своите емоции.

Книгите и приказните се правилен избори кога станува збор за развојот на детето. Цртање, боење, правење маски, кукли, круг на среќа со различни емоции, во игра заедно со детето ќе му помогнат полесно да ги препознава емоциите.

Важно е на децата да им се дозволи да ги искусат своите чувства. Емоционалната интелигенција кај децата не е нешто што природно ќе се појави доколку не се стимулира соодветно и не се научи со пример. Се гради малку по малку, од првите години од животот, со помош и пример на родителите.

Автор: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт



912

X