На секој родител му е вродено да се обидува да го заштити детето од нешто што може да го растажи или заболи – без разлика дали е во прашање физичка повреда или нешто што може да ги повреди детските чувства. Но, по секој неуспех се учат важни животни лекции кои детето што порано треба да ги совлада. Прочитајте го искуството на една мајка и нејзините забелешки за тоа колку е добро да му дозволите на детето рано да го доживее неуспехот.

Се сеќавам на моето детство, кога како девојче доста вечери поминував на кујнската маса играјќи „Брза географија“ со мојот татко. Иако тогаш не сум можела да знам, ова натпреварување беше повеќе од игра, вистинска животна школа во која децата се учат на истрајност. Секоја вечер многу сакав пред мојот татко да стигнам до целта и прва да ги пополнам празните места на табелата. Сакав да победам. Иако се трудевме буквите да бидат „лесни“ и иако нашите поими не беа многу на број, сепак играта беше тешка, особено за 7-годишни деца. И додека партиите се редеа од вечер на вечер, мојот татко продолжи да победува, а јас да губам. Што некако и беше за очекување бидејќи тој како возрасна личност сигурно знаел многу повеќе одговори, отколку јас на 7 години. Сепак, татко ми никогаш не ме остави да победам. Губев и губев, и повторно губев. Плачев секој пат кога ќе изгубев, толку тешко ми паѓаа поразите секоја вечер, таа непрекината низа на настојување, разочарување и неуспех.

Тогаш не можев да предвидам дека она на што ме подучува татко ми се всушност 3 важни лекции кои родителите им ги пренесуваат на децата: надеж, решителност и истрајност. Како да ги научиме децата на истрајност? Кога гледаме дека нашите деца се повредени, наша инстинктивна реакција е да го надоместиме тоа некако. Било што, само да не боли. Родителите за тоа и служат, зарем не? Кога мојот татко виде како се мачам со играта, можеше да ги занемари правилата. Можеше да го лажира резултатот и да ме пушти да победам. Да сакаше само намерно да изгуби, можеше да направи да исчезне сета горчина од неуспехот и разочарувањето. Сепак, тоа не го стори. А, еве и зошто:

Кога на децата им дозволуваме да доживеат неуспех, поттикнуваме 3 многу важни работи: Ја развиваме нивната истрајност, нивната одлучност и поттикнуваме надеж за успех. Кога ги оставаме да доживеат неуспех, ги учиме да бидат истрајни без разлика на тешкотиите и моментално неисполнетите очекувања. Истрајноста не е ништо друго отколку препуштање на напорна работа и покрај разочарувањата. Истрајноста ни дава сила да опстанеме и тогаш кога за конечен успех се потребни денови, месеци или години.

Покрај тоа, кога ги пуштаме децата да го вкусат неуспехот, ги учиме како доследно да усвојат една идеја или концепт. Така детето учи да продолжи со обидување, сѐ додека не ја постигне посакуваната цел. Да ме оставаше татко ми да победувам, никогаш немаше да научам како да играм, кои се точните одговори на прашањата и како сама да победам. Всушност, никогаш не би доживеала вистинско искуство на надеж.

Ова е цитат од опусот на Брен Браун: „Надежта е во функција на упорното настојување“. Што точно значи ова? Кога нашите деца ги спречуваме да доживеат, најпрво, настојување нешто да остварат, а потоа неуспех и разочарување, ние всушност им ја одземаме надежта. Во заблуда сме кога мислиме дека секогаш ќе има шанса нешто да оствариме без упорно настојување, занемарувајќи колку е важно чувството на надеж дека по доживеаниот неуспех ќе имаме шанса да се обидеме повторно и да успееме.

Дали некогаш сум победила? Се сеќавам една саботна вечер со татко ми седевме по којзнае кој пат и игравме. Зачинето со солзи, моето горко искуство на постојани порази траеше со месеци. Тој момент е и најживиот мој спомен од детството, дури и денес, кога сум возрасна жена во 30-те години и мајка на 2 деца. Изгубена партија. Изгубена партија. Изгубена партија. Изгубена партија. Победа. Одигравме и следна. Победив. Да, добро се сеќавам на денот кога конечно успеав да победам. Ми изгледаше како да се тргнаа црните облаци и се укажа кристално бистро небо со сонце. Никогаш нема да ги заборавам чувствата – возбуда, сладок вкус на победа, среќа, радост, гордост и надеж. Тој момент почувствував дека можам да направам што сакам. Почувствував дека што и да се случи во животот, секогаш постои надежта. Еве уште една приказна:

Кога нашето дете е во ситуација да доживее неуспех или да ги изневери очекувањата, и самата помисла да не се вмешаме ја доживуваме како нешто најтешко на светот. Потешко ни паѓа и кога е сосема очигледно дека детето не може да успее без туѓа помош. Неколку пати неделно одев со мојот мал син во парк блиску до нашата зграда. Таму има ѕид за качување кој повеќето деца го совладуваат без проблем. Мојот син, кој само што научи да оди, секој ден внимателно забележуваше како децата се качуваат и сакаше и самиот да се обиде. Ден за ден, тоа никако не му одеше од рака. Понекогаш му се лизгаше ногата, понекогаш премногу се одвојуваше од земјата, па се плашеше. Во таквите моменти го обземаа бес и лутина. Почнуваше да плаче. Јас го охрабрував и тешев, но никогаш не го кренав на ѕидот. Го оставав да доживее неуспех. Еден ден повторно отидовме во паркот. Знаев дека пак ќе се обиде да се качи. И почна со качување. Во еден момент изгледаше како конечно да ќе успее. Во следниот момент, левото стапало му се слизна и изгуби рамнотежа. Го набљудував, без здив, како се обидува да се одржи на своето место. Некако успеа да се врати со ногата и да се потпре. Потоа, го совлада остатокот од качувањето, полека со сигурни и извежбани движења. Кога се сврти да ме погледне, на лицето имаше огромна насмевка, задишено лице и образи кои изгледаа дека ќе прснат од задоволство.

Погледите ни се сретнаа. Во очите му видов 3 нешта: истрајност, решителност и надеж.

Автор: Сара Ротхер

Извор



912

X