Колку детето ќе има развиена моторика на нозете, рацете, грбот и на телото и колку ќе му се развијат мускулите, какво држење ќе има во исправена положба, како ќе се движи низ просторот кога ќе прооди, зависи од времето што како бебе, од првите денови од животот, па сè до проодувањето, го поминало на рамна тврда подлога, односно на под.

Со ползење се развива координацијата

Кога веднаш по породувањето ќе го ставиме бебето на стомак, тоа може да ја сврти главата од едната на другата страна. По еден месец ќе може накратко да ја држи главата во воздух, за на три месеци да може да се потпре на подлактниците, да ја набљудува околината и да почне да ги дофаќа играчките што се пред него.
Ова може да го направи секое здраво бебе, а родителите или возрасните што се грижат за него треба да му овозможат да биде на тврда рамна подлога. Во првите три месеци за преслекување може да се користи масата, а од четвртиот месец најдобро е тоа да се прави на подот бидејќи тоа е период кога бебињата почнуваат да се вртат самостојно од грбот на стомак и мора да имаат доволно простор за да го изведат тоа, па заради нивна безбедност и заштита од паѓање, најдобро е да се на подот.

Моментот кога бебето ќе почне да ползи се нарекува „второ раѓање“, иако веќе осум-девет месеци е одделено од папочната врвца на мајката. Штом ќе почне да ползи, тоа доброволно заминува од мајката и таткото и целото внимание го насочува кон надворешниот свет, додека целосна самостојност ќе стекне со проодувањето. Кога бебето ќе почне да ползи и кога ќе прооди, зависи од процес кој се случува во мозокот, а се нарекува миелинизација, т.е. од него зависи кога мозокот ќе почне да управува со мускулите. На овој физиолошки процес не може да се влијае однадвор, кај секое бебе тече индивидуално и тоа е причината зошто некои деца успеваат во тоа порано, а некои подоцна.

Откако мозокот ќе почне да управува со мускулите, информациите течат и во обратна насока, детето почнува да ја менува активноста во однос на стекнатото искуство, а таа поврзаност овозможува развој на координацијата, па бесцелните движења стануваат целисходни активности. За разлика од процесот на развој на мозокот на кој не можеме да влијаеме, на координацијата и на јакнењето на големите групи мускули и тоа како можеме. Затоа во овој случај е многу важно бебето да се става на рамна цврста подлога – под. Сите предмети што се користат во овој период, како проодувалките, автомобилските седишта, столчињата за хранење, лулашките, оградите и слично, значително го попречуваат и го нарушуваат нормалниот моторен развој.
Јачината на мускулите се развива со вежбање, тоа го знае секој што посетува фитнес-сала, па така и бебето може оптимално да ги развие своите мускули ако редовно ги вежба, а најпогодно место за тоа е токму подот. Тука ќе може да ползи, да крева предмети, да ги влече, да ги фрла, да се исправа. На овој начин ние му овозможуваме и придонесуваме за неговиот нормален моторен развој на патот кон самостојноста.
Кога го уредуваме просторот за бебето, тој треба да биде едноставен, чист и уреден. Ако подот е премногу лизгав, можете да ставите подлоги кои не се лизгаат и кои лесно се одржуваат. Бебето има нагон за координирање и за јакнење на големите мускули и не треба да го затрупувате со играчки кои ќе му стојат на патот и ќе го пренасочуваат во неговата потреба за движење. Тоа се однесува и на вклучен телевизор, особено ако е поставен на ниско место бидејќи сликите во впечатливи бои и звуците што ќе допираат до него ќе го „хипнотизираат“ на едно место.

Секое бебе ќе ползи ако му се даде можност

За родителите да бидат сигурни дека просторот во кој бебето ќе го поминува времето е оптимално уреден, добро е пред да го спуштат бебето на подот да поминат извесно време на него. Така ќе видат како ќе изгледаат сите работи од бебешка перспектива, дали сè ќе се гледа, дали ќе може да стигне до работите, како ќе може да оди во друга просторија. Ова е многу важно бидејќи ќе влијае врз развојот на видот на бебето и чувството за сопственото тело. И пред да почне да ползи, ќе ја има „мапата на просторот со референтните точки“ во главата, која ќе му овозможи безбедно движење подоцна откако постепено ќе научи да проценува оддалеченост и брзина.
За ова учење да тече без попречувања, бебето треба да престојува во својот простор за да стекне искуства во познато опкружување, па затоа честите престои на други места ќе го збунуваат и ќе му го отежнуваат учењето. Затоа, ако сакате да му подарите нешто на вашето дете, тоа нека биде вашето време.
Љубопитноста и интересирањето за надворешниот свет се главните двигатели на детската активност. Кога сте заедно со детето на подот, лесно можете да предвидите што сака да дофати, па несвесно посегнувате по тој предмет и му го додавате. Со тоа му ја скратувате можноста самото да дојде до него. Се разбира, додека не ползи самото, играчките треба да бидат на оддалеченост која може да ја совлада самостојно – на тој начин правите рамнотежа меѓу неговиот напор и успехот.
Откако бебето поминало доволно време на подот – најдобро е тоа да го практикувате од четвртиот месец – околу осмиот ќе почне да ползи или самостојно ќе почне да седнува. Бебето само одлучува што ќе направи прво во зависност од неговиот внатрешен развој, па затоа не е добро родителите да му наметнуваат седечка положба со користење на разни помагала (автоседишта, лулашки, столчиња за хранење, проодувалки).

Секое бебе ќе ползи ако му се даде можност. Ползењето ангажира голема група мускули од нозете, рацете и грбот, овозможуваа координација меѓу раката и спротивната нога, што е основа за добра рамнотежа и исправено одење.
Времето поминато на под, придружено со соодветни активности, е неопходно за правилен раст и развој на детето.

Автор: Снежана Милановиќ, дипл.физиотерапевт, сензорно-интеграциски педагог



912

X