Воспитување

Зошто е опасно да им дозволувате на децата да јадат пред екран

Дете кое гледа телевизија или гледа во некој друг вид екран додека јаде е вообичаена глетка во повеќето домови. Исто така, можеби сте виделе повеќе пати мајка како го храни своето дете додека тоа си игра со неговиот мобилен телефон или таблет. Многу родители за време на оброците прибегнуваат кон разни трикови, а нивната намера е само да го натераат детето да престане да трча низ собата и да седи мирно додека јаде. Или, пак, да го мотивираат да изеде поголема количина без никаков отпор.

Тоа може да биде и начин на одвлекување на вниманието на детето за да јаде храна што не ја сака, без буквално да биде свесно што јаде.

Иако намерата на родителите не е лоша, сепак, може да доведе до сериозни последици, предупредува психологот и експерт за воспитување деца Лаура Маркам, која, како што вели, остро го осудува јадењето пред екрани и го смета за многу проблематично.

„Прво, истражувањата покажаа дека хранењето на децата воопшто не е добра идеја. Штом се во можност, треба да се поттикнат да користат прибор и да јадат сами. Кога ќе кажат дека се готови, не терајте ги да јадат повеќе. Дајте им избор на различни хранливи вредности и помогнете им да развијат здрав однос кон храната. Ќе научат да јадат кога се гладни. Второ, никогаш не дозволувајте им да јадат пред екран бидејќи тоа ќе ги спречи да бидат свесни за храната што ја јадат и нема да обрнат внимание на знаците на телото кои им кажуваат дека се сити“, објаснува Маркам.

Таа додава дека повеќето деца можат да се навикнат да јадат исклучиво пред екрани, што доведува до нарушувања во исхраната, како и до други несакани ефекти поврзани со пречестата употреба на екраните.

„Негативната страна на прекумерното време поминато пред екрани, особено штетното физичко, когнитивно и социјално влијание, е добро позната. И ако времето поминато пред екранот им стане навика на децата за време на оброците, тоа не само што ја зголемува целокупната изложеност на екранот, туку влијае и врз навиките за исхраната кај децата“, истакнува Маркам.

Истражувањето спроведено во 2018 година открива директна врска помеѓу времето поминато пред екранот и нездравото однесување при исхраната кај малите деца. Според споменатата студија, времето поминато пред екранот било поврзано со помала консумација на овошје и зеленчук и зголемен внес на нездрави грицки како чипс, бисквити или чоколадо.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top