Бебињата почнуваат да ја истражуваат устата на возраст од четири месеци, ставајќи сè што ќе им дојде при рака. На овој начин тие учат, па по околу шестиот месеци важно е да почнат да се запознаваат со цврстата храна. Освен што има хранлива вредност, цврстата храна е одлична за запознавање со вкусовите, мирисот и структурата на храната. Ако бебето е подготвено да почне да јаде цврста храна, нека јаде со прсти.
Таквата храна се нарекува „фингер фуд“, односно јадење со раце и прсти, а тоа може да биде мекиот зеленчук како брокула, карфиолот, морковот и слаткиот компир сварен на пареа и овошјето како бананите, крушите и јагодите. Можете да готвите тестенини за вашето бебе (погрижете се да бидат меки), да излупите краставица или да исечете сирење на парчиња, па дури и да му дадете мали оризови колачиња. Важно е храната да не е премногу тврда.
Бебињата развиваат многу способности јадејќи со помош на прстите, па затоа на почетокот не е важно колку јадат, туку искуството на држење, цицање и џвакање разни намирници. Покрај тоа што обезбедува радост и неред, еве што значи за вашето бебе јадењето со прсти:
Се развива стисната тупаница
Помеѓу седмиот и десеттиот месец бебињата се обидуваат да развијат способност да ги фатат работите со палецот и показалецот. Додека се обидуваат да ја усвојат оваа техника на „пинцета“, тие често ги ставаат работите в уста. Затоа, малите залаци се одлични за развивање на оваа вештина, а со текот на времето тие ќе развијат стисок за целата рака заедно со прстите.
Помага во развојот на говорот
Движењата што ги прави бебето додека гризе и џвака храна му помагаат да ги развие мускулите и вештините неопходни за говорот и јазикот, а истовремено ги зајакнуваат мускулите на вилицата. Понудете му на вашето бебе храна од различни структури, од мека брокула или варено јајце до крекери, бидејќи на овој начин ќе го поттикнете целокупниот развој на мускулите на лицето, а со тоа и говорот на детето.

Ја намалува пребирливоста
Воведувањето храна со различни вкусови и текстури во исхраната на бебето ќе го направи помалку пребирливо во иднина и поотворено да проба нешто поинакво. Како што расте вашето бебе, зголемете го опсегот на храна што може да ја јаде. Нека биде шарено овошје и зеленчук, разни крекери и колачиња, стапчиња за јадење, шунка и сирење. Од осум месеци слободно дајте му кисели краставички или млад кромид. Оставете го да запознае нови вкусови и полека да се навикнува на нив.
Координација на рацете и очите
Освен што помага да се развие стисната тупаница, јадењето со прстите на вашето бебе, исто така, му помага да развие координација рака-око. На почетокот дајте му мали и едноставни грицки кои полесно ќе ги земе в рака, како парче јаболко или сирење. Откако ќе го усоврши тоа, преминете на банани или праски кои се лизгави. Детската рака потешко ќе фати такво овошје со прстите, па тоа ќе биде нов предизвик.
Се развиваат сетилата
Единствениот „проблем“ што се јавува кога бебето јаде со прстите е нередот што го прави, но тоа е неизбежно и треба да се помирите. Кога на детето ќе му дадете нова и возбудлива храна која претходно не ја видело или пробало, нормално е дека ќе сака да ја мириса, да ја стиска, да ја истегне и да си игра со неа. На тој начин ги вежба сетилата за вкус, мирис и допир, а истовремено учи да разликува одредени намирници и се запознава со боите.
Поттикнува независност во исхраната
Иако сè уште не знае да држи лажица или виљушка, детето често ќе сака да јаде самостојно, користејќи ги прстите. Се разбира, ако го храните со каша, нема да дозволите неговите раце да извалкаат и да направи неред што ќе го чистите цел ден. Ова е причината зошто јадењето со прсти е одличен начин детето да јаде самостојно и да развие независност, бидејќи во иднина ќе биде многу посамоуверено кога станува збор за храната. Правејќи го тоа самостојно, детето ќе научи да зема храна кога е гладно и да престане кога е сито.
Бидејќи секое бебе е различно, не грижете се ако вашето шестмесечно или уште постаро бебе сè уште бара од вас да го нахраните. Секое дете се развива на свој начин. Некои деца почнуваат да јадат сами многу рано, додека на други им треба подолго време за да го сторат тоа. Оставете ги работите да течат сами по себе и приспособете се на темпото на вашето бебе.
Простете му на вашето бебе за нередот што го прави кога јаде самостојно, бидејќи дури и со фрлање на храната на подот ги развива моторичките вештини.