Психолозите истакнуваат дека секој од нас поседува одредена доза на агресија, која сама по себе не е лоша доколку се филтрира на вистинскиот начин. Сепак, таа може да биде кобна доколку се изразува преку лоши постапки, а тоа може да биде знак дека е во прашање насилство.
Кога велиме насилство, најчеста асоцијација на повеќето луѓе се мажите, а кога е во прашање врсничкото насилство, помислуваме на агресија помеѓу момчиња. Насилството не е случај само кај момчињата и не треба само ним да им се припишува.
Многу истражувања покажале дека во последните години сè позастапено е насилството во кое девојчињата се главни актери. Всушност, кај девојчиња се буди желба за моќ, изразување насилство и агресија над своите врснички. Експертите ги интересира дали нивната природа е насилна или сакаат да му се допаднат на општеството како единки кои поседуваат моќ и од кои другите се плашат.
Зошто девојчињата се насилни?
Оваа тема не е новост, а се покажало дека кај девојчињата постојат драстично поразлични причини за насилство отколку кај момчињата. Всушност, во природата на машките е тие да бидат физички надмоќни, па таа желба за докажување на моќта и силата е доста присутна, особено кај децата што растеле во семејства во кои насилството е секојдневна појава.
Кај девојчињата насилството е предизвикано од љубомора, чувство на супериорност (особено над деца кои се повлечени и срамежливи), лоша контрола (се јавува кај деца склони на бес и хистерија), недостиг на емпатија (деца кои се злоупотребувани во текот на детството). Често причина се скриената несигурност и незадоволство од себе, како и немањето поддршка од родителите.
Кои постапки на девојчињата укажуваат дека тие се насилни?
Поредок е случајот девојчињата физички да ги малтретираат своите врсници (иако се случува). Тие повеќе прибегнуваат кон психичко или интернет-насилство кое трае подолго и остава трајни последици врз жртвите. Всушност, девојчињата ги изразуваат своите фрустрации и агресија така што одредени лица ги исклучуваат од друштвото, ги навредуваат, шират невистини и шпекулации за нив, ги вознемируваат преку интернет со навредливи содржини или заканувачки пораки, а честа појава се исмејувањето и потсмевањето пред одделението. Личноста што го навредува физичкиот изглед на своите врснички, вербално ги напаѓа, коментира, се потсмева на нивната гардероба и која на многу начини им нанесува штета на другите лица, е на добар пат да стане насилник. Такви лица ја користат ранливоста и слабоста на своите другари и ја хранат сопствената несигурност со тоа.
Начин на стекнување популарност
Некои девојчиња мислат дека ваквото однесување доведува до популарност меѓу врсниците. На тој начин стекнуваат одреден имиџ во друштвото, а родителите често не можат ниту да го предвидат нивното девијантно однесување, ниту трагите од лошите социјални интеракции.
Долго влијание на насилството
Кога лицето на помлада возраст ќе почне да ги малтретира своите врсници, да врши насилство врз нив и да ги манипулира, таа е на лош пат. Девојчињата учат и да манипулираат со луѓето како шаховски фигури, а тоа може да им нанесе штета на нивните партнери или лицата од нивната работна средина.
Кога е во прашање насилството што го манифестираат девојчињата/жените, можеме да зборуваме за психолошко насилство бидејќи тоа е многу позастапено од физичкото. Потсмевање, малтретирање, исмејување, понижување, озборување – се само некои од елементите на психолошко малтретирање.
Погрешно сфатен феминизам
Некои жени ја сфатиле рамноправноста со мажите како ист пристап кон насилство. Доколку мажите се насилни, тоа им дава на жените право да се однесуваат исто. Така девојчињата во желбата да бидат рамноправни со момчињата, почнале да се однесуваат исто како нив. Психолозите често предупредуваат дека девојчињата сакаат по секоја цена да бидат главни во одделението/училиштето.
Родителски надзор
Често можеме да наидеме на случај каде што девојчиња снимаат како ги малтретираат, исмејуваат и прозиваат своите другарки, а тоа претставува пример за однесување што го виделе во својот дом или во блиското опкружување. Некогаш родителите не ни знаат дека нивните деца имаат тенденција кон агресивно однесување, па кога учителите/наставниците ќе им го насочат вниманието, тие се бранат со реченицата: „Невозможно, мојата ќерка е добро дете“. Работата е во тоа што родителите често не ги забележуваат таквите работи, ги идеализираат своите деца до таа мера што не ја прифаќаат критиката на нивна сметка – што е грешка. Најдобро би било да обрнете повеќе внимание на однесувањето на своето дете, да разговарате со него и секојдневно да му укажувате дека насилното однесување е лошо. Доколку вашето дете се дружи со агресивни деца, насочете му го вниманието кон тоа да се тргне од нив, а не би било лошо да побарате и совет од експерт.