Девојчињата на кои добро им оди математика обично се подобри и во читање отколку момчињата. Дали тоа е една од причините зошто се помалку застапени во математичките струки?

Речиси во сите земји жените многу помалку се насочуваат кон кариери поврзани со математика, физика, инженерство и информатички технологии. Постојат многу иницијативи за да се поттикнат девојчињата да се занимаваат со таканаречени научно-технички струки – преку ментори, разбивање предрасуди и стереотипи – но резултатите се слаби.

Всушност, девојчињата се речиси еднакво успешни во математиката како и момчињата. Тогаш зошто мал број од нив се определуваат за кариера во овие области?

Истражување неодамна објавено во магазинот ПНАС покажува дека резултатот не е знаењето во математика, туку јазиците. Девојчињата редовно ги надминуваат момчињата во читање и пишување, како и во учење странски јазици. Така што, наместо вообичаеното објаснување дека општеството ги одвраќа девојчињата од математика, научниците нудат нова теза – девојчињата, благодарение на своите супериорни јазични вештини, природно завршуваат во струки во кои тие се пресудни.

Анализирајќи ги резултатите од ПИСА-тестовите на 15-годишниците од над 60 земји, научниците уочиле дека разликата меѓу половите во математиката е многу мала во корист на момчињата, но затоа девојчињата се значително поуспешни во јазици. А колку подобри резултати имаат девојчињата во читање и пишување, толку е помала веројатноста да се насочат на кариера во научно-технички струки, дури и ако се одлични во математика. Истото важи и за момчињата на кои им одат јазиците.

– И двата пола се однесуваат исто, само што постојат помалку момчиња во овој случај отколку девојчиња – објаснува Томас Бреда од Париската школа за економија.

Заклучокот на научниците е дека не е најважно како ви оди математика, туку како ви оди математиката во однос на читањето и пишувањето.

– Супериорните јазични вештини се компаративна предност што ја надминува апсолутната извонредност во математика кога станува збор за кариерата – вели Лиз Елиот, професор по невронаука од Медицинскиот факултет „Розалинд Франклин“ во Чикаго.

Секако, постојат и други фактори на влијание, како што се родовите стереотипи, кои влијаат врз начинот на кој момчињата и девојчињата ги перципираат своите способности.

– Ако ги споредите момчињата и девојчињата што имаат еднакви резултати во математика, девојчињата ќе се оценат себеси како помалку успешни. Тие го имаат усвоено стереотипот дека математиката не е за нив, но исто така, врз нивната оценка влијае и фактот дека колку и да се добри во математика, јазикот им оди уште подобро – вели Бреда.

Научниците веруваат дека еден начин да се намали овој јаз меѓу мажите и жените во техничките области е да се поттикнат момчињата да станат поуспешни во читање и пишување. Дејвид Гери, когнитивен развоен психолог од Универзитетот во Мисури, верува дека ова би било од големо значење за општеството.

– Момчињата што слабо читаат и пишуваат се најслабата алка во образовниот систем. Исто така, има многу области во кои жените имаат голема предност, како што е ветеринарната медицина, и на овој јаз треба да му се даде поголема важност – додава тој.

Наместо да размислуваме само за тоа како повеќе девојчиња да се одлучат за математика, треба да се стремиме да го подобриме статусот на професиите каде што јазичните вештини се клучни.

– Кога велиме: девојките треба да се мотивираат да се занимаваат со наука, им препорачуваме дека треба повеќе да изгледаат како момчињата, што е создавање предрасуди – објаснува Бреда.

За двата пола е важно да постигнат добри резултати и во математика и во јазични вештини, за истовремено да се изгуби и родовиот стереотип и да им се овозможи на сите да имаат еднакви можности, заклучуваат научниците.

Автор: Стефани де Марко

Извор



912

X