Игротека

Зошто децата тешко создаваат пријателства?

Кога ќе помислиме на детството, најчесто се сеќаваме на најдобрите моменти од нашиот живот. Меѓутоа, детството и адолесцентните години можат да бидат прилично комплицирани за децата што тешко се спријателуваат.

Постојат повеќе причини зошто децата тешко се поврзуваат со другите врсници. Но постојат и повеќе причини зошто е важно децата да стекнуваат пријатели. Сите сакаат да бидат дел од групата, особено децата и тинејџерите. Кој не сака да биде признаен и прифатен во друштвото?

Но сепак децата тешко се спријателуваат. Еден дел од нив лесно оформуваат пријателство, но тешко го одржуваат, а другиот дел преминуваат од едно друштво во друго и секојдневно ги менуваат најдобрите пријатели.

Детето можеби нема да сака да зборува за овој проблем со родителите. Сигурно ќе се чувствува посрамено и несигурно. Но како родител, важно е да знаете ова да го забележите. Зборувајте со учителката за тоа колку детето е друштвено на часовите. Обрнете внимание колку пријатели го покануваат на роденденски забави или на други активности. Можеби вашето дете не го поминува секој викенд дома по сопствен избор, туку едноставно не го покануваат пријателите. Ова сигурно не предизвикува топло или пријатно чувство кај децата и тинејџерите. Секое дете сака да се дружи, дури и интровертните. Запомнете, интровертните деца можеби не сакаат да присуствуваат на забавата, но дефинитивно сакаат да бидат поканети.

Анксиозноста како најчест виновник

Некои деца се срамежливи и анксиозни. Анксиозните деца имаат проблем да се поврзат и спријателат со своите врсници. Поради својот темперамент и чувство на непријатност, ќе се повлечат и ќе седат во заднина.

Некои деца имаат недостиг на социјални вештини. Нивните социјални вештини се многу лоши и другите деца едноставно ги одбегнуваат. Затоа тие тешко оформуваат пријателства. Можеби се премногу агресивни, сакаат да ги контролираат другите или зборуваат само за себе и за своите интереси. Некои од нив се премногу чувствителни или посесивни.

Групни активности за подобрување на комуникацијата

Доколку сметате дека вашето дете е анксиозно или срамежливо, постојат начини како да му помогнете. Водете ги децата на групни активности и внимателно забележувајте како се однесуваат. Ако вашето дете се однесува агресивно кон вас, сигурно се однесува агресивно и кон неговите врсници. Зборувајте за овој проблем со детето, но на убав и разбирлив начин бидејќи тоа може да биде нервозно или засрамено. Запишете го детето на разни групни активности кои ќе му помогнат да ја подобри својата комуникација и да се чувствува поопуштено во друштво.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top