Воспитување

Зошто децата си пикаат работи во носот?

Ако ниту едно од вашите деца никогаш не заглавило нешто во носот – предмет што не треба да биде таму, немате поим колку страшно искуство е тоа. Агонијата да се извади тој (логично многу мал) предмет, стравот да не се турне уште подлабоко, паниката дека може да се оштети носот или телото на детето воопшто, гневот (длабоко потиснат) зошто детето го направило тоа, неверувањето дека го направило… Тоа е вистинска лудница за родителите и за децата.

Некои деца го прават тоа често, други не толку многу. Некои од нив можете да ги оставите уште на рана возраст да си играат со играчките сами, додека други не можат ни да добијат играчки ако не се под надзор или не станете целосно сигурни дека нема да сторат такво нешто.

Факт е дека децата ставаат секакви работи во носот или пак ги голтаат, а тоа може да биде опасно за нив. Лекарите од итна медицинска помош велат дека вадењето предмети од носот е многу честа процедура за која родителите ги носат децата во болница. Најчесто тоа се мониста, мали топчиња, копчиња, боички, но меѓу најопасните се малите батерии и магнети, бидејќи овие предмети можат да бидат опасни за животот на детето.

Често вакви случаи има многу за Нова година и Божиќ, бидејќи тоа е период кога се даваат многу подароци… Но, зошто децата ги ставаат овие работи во нос?

Еве ги трите наједноставни причини:

Децата се љубопитни

Малите деца се природно љубопитни суштества. За тоа нема сомнеж. Оваа љубопитност почнува од најрана возраст, па сѐ до предучилишна возраст – a потоа интересите се малку поинакви. Децата на рана возраст ја истражуваат својата околина користејќи ги своите сетила. Значи, тие сакаат да допрат, вкусат, мирисаат, слушаат и гледаат сè. Тоа е природен дел од нивниот развој и важен начин на кој тие учат за светот. Ова технички се нарекува „учење базирано на љубопитност“. Сосема е природно и својствено за децата да истражуваат предмети што им се непознати. За жал, оваа здрава развојна љубопитност понекогаш доведува до тоа да ги ставаат работите на места на кои не треба, како нивниот нос.

Децата се одлични имитатори

Малите деца често го имитираат она што го гледаат од најраните денови кога имитираат изрази на лицето. Имитирањето е особено важно кога се учи да се користи и разбира јазикoт, но и моторните вештини како што се одење, плескање, фаќање топка, мавтање и пишување. Со имитација детето учи нови вештини.

Каква врска има ова со ставањето предмети на носот? Децата нѐ гледаат како го дуваме носот, како се шминкаме или можеби ставаме физиолошки раствор во носот на некое постаро дете, па решаваат да го пробаат тоа или нешто слично. Во овие обиди некој предмет многу лесно завршува – во носот.

Децата сè уште не го разбираат значењето на ризикот

Малите деца се љубопитни и тоа е во ред, веќе заклучивме. Но, во исто време, тие немаат когнитивен капацитет или способност за расудување за да сфатат дека ставањето предмети во носот или устата носи одредени последици. Ова може да биде опасна комбинација, па затоа е клучно да се надгледува мало дете. Исто така, обрнете внимание на тоа како изгледаат предметите околу вашето дете – децата се особено заинтересирани за мали предмети со светли бои, предмети со интересна текстура или предмети што личат на храна.

Што да се прави?

Кога детето ќе стави предмет во носот, може да му каже на родителот дека го направило тоа, но не мора. Понекогаш едноставно нема ни да знаете. Понекогаш е очигледно кога детето ќе стави нешто на носот, но не секогаш. Детето може да почувствува болка или чешање околу носот, може да има течење на носот или крвавење и може да биде вознемирено или да плаче. Ако вашето дете има тешкотии со дишењето или се сомневате дека ставило остар предмет или дури и батерија во носот, веднаш треба да побарате лекарска помош.

Малите батерии во форма на копчиња можат да изгорат и да го оштетат ткивото за само 15 минути, што може да доведе до инфекција и сериозни повреди. Важно е да останете смирени и трезвено да ја процените ситуацијата со предметот. Ако детето знае како да го дува носот, нека се обиде на тој начин да го издува предметот. Најдобро е да не се обидувате да го извадите предметот со кој било друг предмет, како што се пинцети, памучна вата или нешто друго. Така предметот може да навлезе уште подлабоко. Ако не можете самите да го извадите предметот, однесете го вашето дете во брза помош…

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top