Не мора да имате дете кое сака да игра игри за да знаете што е „Мајнкрафт“. Вие дури и не мора да имате дете. „Мајнкрафт“ е игра што секој ја знае или игра, или сака да ја игра. Постои облека и сè друго што можете да замислите со ознаката „Мајнкрафт“ – дури и таму каде што ништо друго не е со тематика видеоигри.

Мора да се согласиме дека „Мајнкрафт“ е сосема поинаква игра. Децата сакаат да ја играат играта каде што сè е создадено во карактеристичен квадрат, а на родителите дури и не им пречи да ја плаќаат таа игра затоа што изгледа дека е во ред. Од 2009 година кога беше објавена, играта е продадена во повеќе од 300 милиони примероци до 2023 година и оваа година пристигнува и филмот „Мајнкрафт“.

Што е толку привлечно во „Мајнкрафт“?

Би-би-си праша експерти кои би можеле да го дадат одговорот на тоа прашање и веднаш се согласиле дека може да има длабоки психолошки, дури и еволутивни фактори зад успехот на „Мајнкрафт“ и игрите како неа. Имено, ние сакаме такви игри затоа што имаме вроден инстинкт што ни кажува дека правиме добро за целото човештво – градиме нешто. Да, конструкцијата е она што нè фасцинира – од првите коцки, кулата во песок, лего-коцки… но, зошто е така?

Психологот Питер Греј објаснил дека сите животни всушност играат од најраната возраст – и тоа игрите што ги практикуваат содржат елементи од она што е клучно за нивниот развој и опстанок. Луѓето се малку поразлични во тој случај затоа што кај нас, за голем дел од нашиот опстанок е заслужна конструкцијата.

-Не е изненадувачки, така што природната селекција на децата им всадила силен порив да играат на таков начин што ќе градат – вели Греј.

Но, ова е сè уште малку поразлично од градењето кај лего-коцките или креирањето замоци од песок на плажа. Ова е градење – во компјутер. Греј вели дека ова е резултат на културата во која живеат децата.

-Воопшто не треба да се изненадиме што денес сме привлечени да играме на компјутери – ниту тоа треба да нѐ вознемири. Децата знаат длабоко, во своите инстинкти, дека тоа се вештини што треба да ги развијат – вели Греј.

Освен ова, Џулијан Тогелиус, компјутерски експерт, забележал дека важна работа во врска со „Мајнкрафт“ е тоа што дозволува изградба и со тоа дозволува да се истражува креативноста без никаква посебна цел, дури и на начинот на кој компјутерите би можеле вообичаено да го спречат тоа. Се разбира, постои и фактот дека децата можат да се дружат со пријателите во играта. Тогелиус дури спровел истражување за возрасни играчи на „Мајнкрафт“ во кое учесниците одговориле на прашалникот за нивните личности, а потоа ги споредил овие резултати со режимот за играње „Мајнкрафт“.

Се покажало дека оние што изјавиле оти им се важни семејните вредности, истите ги покажале во играта, на пример.

-Тие изградија мали домови и тврдини со огради и слично – додал Тогелиус.

Бејли Браширс, психолог од универзитетот „Тексас Тек“, минатата година објавила теза за тоа како „Мајнкрафт“ може да се користи како алатка за психолошко истражување. Таа идентификувала пет различни аспекти на оваа игра во тезата. Постои социјален елемент, можност да се чувствувате компетентни преку игра заснована на борба или истражување, инженерство, креативност и конечно играње за опстанок.

-Во повеќето игри ќе добиете само еден или два од овие елементи. Ќе добиете игра која е претежно социјална игра и борба за опстанок – како „Фортнајт“ – истакнала таа.

Друго одделно истражување покажало дека употребата на „Мајнкрафт“ во училниците може да ја зголеми мотивацијата на учениците за училишни задачи, решавање проблеми, читање и пишување, меѓу другите вештини. Се разбира, во целата приказна е важно колку време децата поминуваат во играње на играта. И се чини дека не е еднакво привлечна за секого. Поточно, една студија спроведена во Австралија открила дека дури 43 % од момчињата под 12 години играат „Мајнкрафт“, додека кај девојчињата од таа возраст застапеноста е 32 %.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X