Воспитување

Зошто децата од азиско потекло имаат најдобри оценки, најдобро однесување, најмалку проблеми со дрога и најмногу заработуваат

Пред неколку години, додека седевме во еден голем парк, едно од нашите деца ненамерно рече дека кога ќе порасне, ќе ни даде дел од платата (10% мене, 10% на татко му). Тоа го слушнаа некои луѓе што седеа околу нас и сите слатко се изнасмеавме за решеното прашање со пензијата и безгрижната старост. Сигурна сум дека многумина мислат оти во таква ситуација треба да му се објасни на детето дека треба да се грижи за себе, а не за нас, оти ние ќе се снајдеме, а и да не се снајдеме – не ни должи ништо.

Но, и тоа како ни должи. Ни должи многу и ќе ни должи уште повеќе. Исто како што ние им должиме многу на нашите родители, а тие на нивните. Не треба да се објаснува дека во драстични ситуации децата секогаш имаат предност бидејќи пред себе го имаат животот, а тие се поважни од нас. Но, дефинитивно треба да очекуваме да ни го вратат донекаде тоа што го вложуваме во нив, додека се мали, но и кога ќе пораснат. И тоа преку љубов, внимание, грижа, време, внуци. И да, парите, без разлика на сѐ, сепак ќе останат кај нив.

Некои тоа јасно го објаснуваат. Ејми Чуа, која е професорка по право на „Јејл“, го напишала бестселерот „Борбениот крик на мајката тигар“, пред околу петнаесет години. Во таа живописна и провокативна книга, таа се занимавала со разликата во воспитувањето на децата од страна на Кинезите и Американците. Таа издвоила неколку разлики, а најмногу зборува за високите очекувања (високи стандарди и инсистирање на посветеност – Кинезите нема да закачат ниту една детска чкртаница на ѕид) и количината на насочување на децата (децата можат да се занимаваат само со одредени хобија и да учат само одредени факултети). Кинеските родители се директни во критиките и отворено се мешаат во животот на своите деца, без разлика колку години има детето, невнимателно преминувајќи ги оние познати граници на кои терапевтите предупредуваат.

Сепак, еден клучен елемент на кинеското разбирање на семејството останал помалку забележан, а тоа е она што децата им го должат на своите родители. Меѓу англосаксонците во Америка е широко распространет ставот дека децата не им должат ништо на своите родители. Таму, родителите на возрасните деца често се однесуваат во согласност со тоа, па додека нивните деца се занимаваат со станбени и студентски кредити, тие ги поминуваат своите пензии на крстосувања и го оставаат својот имот на разни колеџи и добротворни организации. И навистина, ако сте каса со пари за вашето возрасно дете, тогаш вие не му должите ништо.

Во таквото разбирање на суштината на односот меѓу децата и родителите, кој, кога детето ќе стане човек, всушност се сведува на односот на кои било две индивидуи кои можеби имаат емоции еден кон друг, но не и обврски, неверојатно голема улога игра еден сосема банален факт, а тоа е – што неродените деца не барале да се родат. Иако над 90% од секојдневните човечки интеракции се случуваат без никој да ги побара, во овој случај тоа е одеднаш од клучно значење.

Никој немал желба, ниту барал да се роди. Тоа е очигледно невозможно. Но, некако од тоа се извлекол заклучок дека родителот е некако виновен, или барем одговорен што некого родил. Дека тоа била негова одлука, па ќе мора да живее со последиците.

Оваа втора перспектива, која ја зазема Чуа, е дијаметрално спротивна. Родителот му дал на детето живот, она најважното и највредното, и тука почнуваат долговите на детето. Да, тоа не го барало дадениот живот, затоа што не можело, но ако можело, ќе се борело со другите милијарди хипотетички ембриони за да биде избрано. На крајот на краиштата, ниту патниците од автобусот што виси над карпа не ги прашуваат дали да ги спасат, ниту пак некој ги прашува мртвите дали да ги оплакуваме: индивидуалниот избор е само еден елемент на доброто и правилното, а доброто решение што е наметнато е речиси секогаш подобро од глупоста што самите сме ја избрале.

Вообичаено е дека, од сите раси во Америка, азиските деца имаат најдобри оценки, најдобро однесување, најмалку проблеми со дрога и криминал и највисока заработка кога ќе пораснат. Но, тие имаат и најмалку проблеми со менталното здравје, најниски стапки на самоубиства и најмалку шанси истите тие родители, кои постојано ги критикуваат, да ги стават во дом за стари лица. Напротив, често живеат со нив, ги носат од Кина во САД, а ако се болни, ги оставаат како деца на дневна нега, а по работа ги враќаат дома. Додека западните земји се тркаат да донесат поекстремен закон за евтаназија, тоа сè уште не е случај во Азија.

Некои ќе речат дека тука генетиката има големо влијание, други ќе се осврнат на учењето на Конфуциј, трети ќе споменат дека ништо не им вреди затоа што не се доволно смели, забавни и креативни. Меѓутоа, кога станува збор за односите родител-дете, тие очигледно добро разбрале некои основни работи.

Автор: Жељка Бутуровиќ/ психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top