– Повторно! – мојот 4-годишен син Едвин сака да вели „повторно“ и „повторно“ кога ќе открие нова активност или ќе научи нова шега што му се допаѓа. Мојот 16-месечен син Чарли сака постојано да фрла предмети на подот од неговото столче за јадење или по ѕидот ако предметите произведуваат интересен звук. И двајцата сакаат да ги слушаат истите приказни секоја вечер пред спиење, сакаат да јадат иста храна за ручек, сакаат да играат со истите играчки и сакаат да ги гледаат истите филмови секој ден. Кога ќе најдат нешто што им се допаѓа, тие сакаат да го прават тоа повторно и повторно и повторно.

Зошто децата толку многу сакаат повторување? Раното развивање наклонетост кон познатите работи е всушност честа појава во раното детство. Оваа наклонетост почнува да се развива пред да се роди бебето – во третиот триместар од бременоста. Во тој момент фетусот може да вкусува, мириса и слуша и како резултат на тоа, во тоа време почнува да развива наклонетост кон познати вкусови од храната на нивната мајка во амнионската течност.

Исто така, тие развиваат параметри за познати звуци, како што е гласот на нивната мајка, јазикот што го зборува, па дури и познатите приказни што родителите им ги читаат додека се во утробата. Овој тренд продолжува по нивното раѓање и само по неколку часа изложеност, новороденчињата развиваат наклонетост кон лицето на нивната мајка. Набргу потоа тие развиваат наклонетост за лица воопшто, базирани на познатост.

Оваа наклонетост за познатото може да биде адаптивна – создавање ран афинитет кон луѓето што најверојатно ќе се грижат за нив.

Затоа, не изненадува тоа што децата сакаат да ги читаат истите книги, да ги гледаат истите филмови, да ги пеат истите песни секој ден. Всушност, постојат докази дека ова повторување може да го поддржи учењето.

Едно истражување покажа дека децата подобро учат од читање една книга повторно и повторно отколку читање еднаш или двапати. Во едно истражување, истражувачите им презентирале на 3-годишни деца исти зборови во три приказни во текот на една недела. Новите зборови биле исти за сите деца, но на половина од децата зборовите им биле презентирани во истата приказна повторена трипати, додека другите ги слушале истите зборови во три различни приказни. Децата што ја слушале истата приказна подобро ги научиле зборовите отколку децата што слушале три различни приказни.

Истиот тренд бил пронајден кај бебињата. Во слично истражување, истражувачите им презентирале на 18 до 24-месечни деца приказна со специфични активности што требало да се направат. На децата им се читала книгата или двапати или четирипати, а истражувачите откриле дека колку повеќе им се читала книгата, толку повеќе тие ги имитирале активностите што ги научиле. Изложеноста на повторени акции презентирани на телевизија исто така доведува до почести имитации.

Луѓето често велат дека практиката ги прави работите совршени. Истражувањата сигурно го поддржуваат ова, особено кај децата. Всушност, истражувањата покажаа дека повторувањето може да биде критично важно за учењето во генерална смисла – особено за меморијата и изучувањето јазик.

Додека возрасните лесно можат да примат информации од една изложеност, кога децата бараат да го гледаат истиот филм што претходно го гледале стопати или да ја прочитаат истата книга, тоа би можел да биде нивен начин на учење. И покрај тоа што ова може да биде досадно и да ве нервира, оваа практика е токму она што им е потребно на децата за да научат нови работи.

Автор: Ванеса Лобу



912

X